Документарен филм „Криминална нафта“

На сибирски новинар кој разоткрил кражба на нафта му се заканува затвор

Уште од времето кога Едуард Шмоњин бил млад, отсекогаш сакал да биде гангстер.

EPA-EFE

Меѓутоа, разочарувањето од криминалниот свет дошло брзо за момчето родум од регионот Свердловск откако во 1990-тите отслужил две години затвор поради провалување. Шмоњин, денес 50-годишник, наместо тоа решил да се бави со новинарство – професија за која брзо утврдил дека е нераскинлива од локалните борби околу парите, ресурсите и влијанието, пишува Радио слободна Европа.

Бизнис моделот кој го усвоил вклучувал и ископување валканици за функционерите и актерите во индустријата – а потоа нивно објавување или необјавување, во зависност од понудувачот.

„Тогаш сфатив дека работата на новинарот е да биде платен за она што не го пишува“, кажа Шмоњин минатата година.

Сега обвинители бараат од судот да го осуди Шмоњин на 11 години затвор врз основа на обвинувања за уцена и дистрибуција на порнографија – тврдења поврзани со медиумските активности кои ги водел во рускиот, со нафта богат автономен округ Канти-Манси во западен Сибир.

Пресудата на судењето на Шмоњин, кое беше затворено за јавноста, се очекува следната недела.

И иако Шмоњин никогаш не ја негирал трговијата со „компромат“, или компромитирачки информации, тој верува дека е мета од сосема друга причина: документарниот филм кој го објавил, разоткривајќи докази за масовна кражба на нафта во регионот Канти-Манси со соучесништво на корумпирани функционери на криминалистичките служби.

Архивата материјали кои Шмоњин ги собрал за излагањето и планираното продолжение кое никогаш не е емитувано послужила како столб за независната истрага на Радио Свобода, редакцијата на руски јазик на РСЕ во март во која е изложена централната улога која функционери на Федералната служба за безбедност (ФСБ) и министерството за внатрешни работи ја играат во индустриската кражба на нафта од руската мрежа нафтоводи.

Радио Свобода успеала независно да потврди бројни детали од ова незаконско работење, кое, според проценката на државната инвестициска банка ВТБ Капитал од 2013 година, ги чини руските компании од 1,8 до 3,5 милијарди долари годишно, а рускиот буџет од 632 до 1,2 милијарди долари.

Шмоњин го објави својот документарен филм „Криминална нафта“ во ноември 2016 година и беше уапсен следниот април не само поради обвиненија за уцена и порнографија, туку и за сомнеж во клевета врз основа на тужбите на четири лица спомнати во филмот – кои работеле во обезбедувањето на подружницата на Росњефт, државниот нафтен гигант чиј генерален директор Игор Сечин е близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.

Еден од тужителите бил пензиониран генерал на ФСБ, а друг поранешен офицер на ФСБ кој во меѓувреме е уапсен и обвинет за кражба на нафта.

Шмоњин бил речиси една година во истражен затвор, додека неговите интернет страница и телевизиски канал Југра престанале со работа. Тој тврди дека во затвор го мачеле службеници на ФСБ обидувајќи се да го присилат да открие кој го финансирал документарецот за кражба на нафтата.

„Тие кажаа: Имате три опции да излезете од тука: прво може да ве изнесат од тука; може да ги голтнете обвиненијата, ќе ве ослободиме со кауција, а вие ќе ја напуштите земјата; или да откриете кој стои зад вас, и ќе ве означат како сведок“, кажа Шмоњин за Радио Свобода, додавајќи дека на истражителите им кажал дека документарецот е снимен на сопствена инцијатива.

Шмоњин протестирал во 2010 во одбрана на својата интернет страница. Неговиот натпис гласел: „Корумпирани полицајци: Борете се против корупцијата, а не против медиумите“.

Тој тврди дека тие што го испитувале потоа му ја замотале главата во пластична ќеса и ја залепиле, иако Радо Свобода не можело независно да ги потврди неговите тврдења за мачење. ФСБ не одговорила на барањата за коментар испратени во март.

Необично нешто се случило пред пресудата во случајот на Шмоњин: многу докази исчезнале или биле оштетени, вклучувајќи хард-дискови, компјутери, мобилни телефони и флеш-дискови кои властите ги одземале. И обвинувањата за клевета поврзани за неговиот документарец за кражба на нафтата на крајот биле отфрлени.

Од 13 првични обвинувања со кои се соочил Шмоњин, останале само две: уцена и нелегална дистрибуција на порнографија.

Обвинението за уцена се однесува на наводно барање на Шмоњин за пари од Евгениј Востриков, законодавец во градот Нефтејуганск од Канти-Манси, во замена за необјавување на филмот во кој, меѓу другото, е обвинет за трговија со дрога и злоставување во семејството (голем број од овие тврдења веќе се појавија на интернет страницата на Шмоњин пред конечното објавување на филмот).

Обвинението за порнографија се однесува на тајно снимена видео-снимка на која се гледа сексуален однос меѓу законодавец во градот Нижњевартовск и друг маж. Шмоњин негира дека го објавил видеото.

Истакнува дека доказите кои исчезнале во неговиот случај вклучуваат и алибија кои би го ослободиле од вината.

Сето ова се случувало зад затворени врати: судењето било затворено за јавноста, формално поради интимната природа на снимката во врска со обвинението за порнографија.

На Шмоњин, кој излегол со кауција во 2018 додека ја чека пресудата, со закон му е забрането да зборува за тој случај со медиуми.

Во меѓувреме, продолжува судењето на Роман Чернегор, поранешен офицер на ФСБ кој поднел тужба за клевета против рускиот новинар поради неговиот филм за кражба на нафтата.

Чернегор е обвинет за незаконско прислушување на нафтоводот. Неговиот соучесник, поранешниот офицер на ФСБ Владимир Чернаков, исто така бил вмешан во шемите за крадење нафта во филмот на Шмоњин.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе