На норвешката граница со Русија се трупаат војници и тенкови, жителите вознемирени (ФОТО+ВИДЕО)

На сончев зимски ден на северот на Норвешка американски маринци тренираат на мразот и снегот учејќи да се борат на температури под нулата.

„Која земја е на североистокот“, поручникот Дениел Кроук ѝ вика на група од 20 војници во маскирни јакни и бели панталони во боровата шума близу градот Ситермун.

„Русија”, возвраќаат тие.

Војниците се дел од контингентот од 650 маринци што учествуваат во заедничката воена вежба со 3.000 војници од НАТО-членката Норвешка во време кога и НАТО и Русија го засилија военото присуство на Арктикот.

На неколку километри од Ситермун Русија ги модернизира своите сили на полуостровот Кола, каде што се наоѓа нејзината Северна флота. Во последните недели и Русија спроведува маневри, организирајќи голема подморска вежба на северот на Атлантикот, објавија норвешките медиуми повикувајќи се на разузнавачки извори.

„Не користете ГПС. Може да бидат блокирани“, ги предупредува Кроук маринците. НАТО претходно ја обвинуваше Русија дека ги блокирала ГПС-системите во Норвешка, што Москва повеќепати го негираше.

Растот на тензиите вознемири многу Норвежани, меѓу нив и жителите на градот Крикенес, кој три децении ја одржува соработката со Русија.

Жителите можат брзо да ја преминат блиската граница благодарение на дозволите поради кои не им треба виза. Многумина заминуваат во блискиот руски град Никел за да купат бензин зашто таму е многу поевтин, а патните знаци се испишани со латиница и со кирилица.

„Не ми се допаѓа што трупаат војска од двете страни на границата. Не сакаме раст на тензиите“, вели за Ројтерс Еирик Викан, сосопственик на бродоградилиштето Кимек во Киркенес, кој две третини од приходот добива од поправката на руски бродови.

„Овде на северот ние соработуваме за да ги намалиме тензиите... Се трудиме да не бидеме дел од тоа“.

 

Рускиот град во Норвешка

Околу една третина од 180-те вработени во компанијата се Руси, од кои 22-ца работат во рускиот пристаништен град Мурманск.

Николај Чагин, механичар од рускиот град Северодвинск, работи во бродоградилиштето во Киркенес од 2006 година.

„Немам проблеми какви што имав порано во Русија. Имам добра работа, нормална плата“, кажа тој.

Околу десет отсто од жителите на Киркенес сега потекнуваат од полуостровот Кола.

Театарот Самовар од Киркенес настапува и во Норвешка и во Русија, а меѓу вработените има и Руси и Норвежани. Рускиот кореограф Николај Четенев се чувствува како дома и размислува да се пријави за двојно државјанство.

„Киркенес е руски град во Норвешка“, вели Руне Рафаелсен, градоначалник на општината Соер-Варангер, во која спаѓа и Киркенес.

Тој вели дека не би сакал повеќе да гледа тенкови на границата, иако членството на Норвешка во НАТО го смета за „гаранција да си ја работи работата“.

 

Русија ја отфрла одговорноста за порастот на тензиите и се противи на неодамнешното стационирање американски маринци во Норвешка, кое го смета за безбедносен предизвик.

Меѓутоа, стравувањата на Норвешка се зголемија откако Русија го анектираше Крим од Украина во 2014 година, а потоа изведе воени вежби на Арктикот, вклучувајќи и поморски маневри со присуство на бродови што може да бидат опремени со балистички проектили.

„Ова беа јасни пораки од Москва“, кажа за британската агенција генерал-полковникот Руне Јакобсен, началник на норвешкиот генералштаб. Ни порачуваат да не бидеме дел од НАТО-одбраната од балистички проектили.

И покрај тензиите, тој вели дека руските сили се однесуваат помалку агресивно на границата со Норвешка отколку во другите гранични зони меѓу Русија и НАТО, како што се тие на Балтичко Море.

Во напорите да изгради доверба, Јакобсен минатите недели разговарал со регионалниот шеф на руската безбедносна служба ФСБ на полуостровот Кола, и во Киркенес се состанал со новиот шеф на Северната флота Александар Мојсиев.

„Како мала земја што е сосед на суперсила, морате да воспоставите вистинска рамнотежа на одвраќање и доверба“, рече Јакобсен.

Меѓутоа, воените вежби се важни и за Норвешка.

„Заедничката работа овозможува да се бориме заедно, доколку мораме“, вели полковникот Ларс Лервик, командант на Северната бригада стационирана во Ситермон.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе