Упатства за туристите

На Хвар пазете каде пиете, во Грција - како возите

Ако летувате на Хвар, пазете каде пиете алкохол и јадете. Ако сте во Грција, пазете како возите...

Ако консумирате храна надвор од местата предвидени за тоа, може да платите парична казна од 400 евра, а казните за пиење алкохол на јавни површини се 700 евра. 

Овие мерки се воведени „како упатство за гостите како треба да се однесуваат кон градот што веќе 150 години им дава гостопримство на туристи од целиот свет“, вели за Би-би-си на српски Петар Разовиќ, директор на Туристичката заедница.

Освен Хвар, непристојните туристи на хрватскиот брег ги казнува и Сплит.

Александар Сеничиќ од Националната асоцијација на туристички агенции на Србија Јута вели дека ова не е добар начин да се реши проблемот.

Парични казни во другите популарни дестинации нема, но има правила на однесување што се однесуваат на туристите.

 

Пресек на ситуацијата на хрватскиот брег

Во градот Хвар во изминатите неколку години се применуваат мерки на пристојно однесување и казни за оние што не ги почитуваат.

Покрај казните за храна и алкохол, постојат и казни за несоодветно облекување, односно шетање во костим за капење, кои изнесуваат до 500 евра, додека спиењето на јавни површини се наплаќа стотина евра помалку.

Правилата на однесување и казните што се применуваат за Сплит градоначалникот Андро Крстуловиќ Опара ги објави на својот фејсбук-профил.

Со поздравот, тој објави и предупредување до сите туристи со пригодно илустриран плакат на кој ги има сумите на казните за несоодветно однесување.

И за шетање на дубровничкиот Страдун без маица или во костим за капење се пропишани казни.

Сеничиќ вели дека не знае друга земја да има парични казни како оние што ги воведоа некои градови во Хрватска.

„Сите знаеме дека постојат градови што се пренатрупани со туристи, дека тие прават одредени проблеми, првенствено во функционирањето на градот. Меѓутоа, тоа се нус-појави во туристичките дестинации“, вели Сеничиќ.

Хвар е популарна туристичка дестинација, а минатата година го посетиле повеќе од 200.000 туристи.

„Од туризмот, како главна економска гранка, реализирани се околу три милиони евра приходи“, вели Разовиќ.

Сличен проблем, објаснува тој, постои и на Закинтос и на Крф, каде што младите луѓе одат да излегуваат и да се забавуваат.

„Тоа неизбежно ги привлекува и луѓето што сакаат да пијат и да се однесуваат недолично. Но тие така се профилирале, како таква туристичка дестинација. Со менување на начинот на кој управувате со дестинацијата и со услугата што ја нудите, можете да го профилирате типот на туристи што ги сакате“, вели Сеничиќ.

 

Без казни, но внимателно

Неодамна се зборуваше дека во Будва се воведуваат слични мерки, но тоа нема да се случи - барем не годинава.

Туристичката организација во градот вели дека имало предлог-закон за ова, но градското собрание не расправало за него.

„Будва прва на црногорското крајбрежје ја покрена оваа тема, но засега се откажаа“, велат во Будва.

Казни за несоодветно однесување нема во ниеден град на црногорскиот брег.

Ни Грција, Турција, Тунис, Мароко, Египет, Кипар и земјите од Блискиот Исток немаат строги парични казни за непристојно однесување, но мора да се почитуваат одредени пишани и непишани правила.

Во Турција, на пример, некои хотели не дозволуваат двајца мажи да резервираат хотелска соба.

Кога станува збор за муслиманските земји, правилата на некои хотели од повисоките категории се дека жените не можат да доаѓаат во ресторанот во маици на прерамки, додека мажите наутро може да бидат во кратки панталони, но вечерта мораат во долги.

Сеничиќ вели дека овие земји се приспособени на туристите и не бараат премногу строги правила за облека, ниту пак им изрекуваат парични казни.

На пример, дури 90 проценти од Египќанките ги покриваат главите на јавно место, но не го очекуваат тоа од туристите.

За седење, пак, на типичните туристички места во Венеција, како скалите на плоштадот Св. Марко, може да платите парична казна од 200 евра.

Хранењето птици може да ве чини помеѓу 50 и 200 евра, а возењето велосипед чини 100 евра. За шетање во костим за капење или топлес казната е 200 евра.

 

Пазете како возите во Грција

Доколку за време на престојот во Грција телефонирате додека возите, не врзувате појас, паркирате кај стигнете, возите во влечки или фрлате догорчиња од цигари низ прозорецот на возилото, ви се заканува одземање на дозволата.

За надминување на ограничувањето на брзината во земјата казната е до 750 евра, неврзувањето појас чини 350 евра, а возењето во влечки 50 евра.

Ако полицијата ве фати да го користите телефонот додека возите - ќе платите 100 евра.

Ако пиете - не седнувајте зад воланот. Тоа не е новина, но во Грција, покрај опасноста по живот, ви се заканува опасност по паричникот. И тоа опасност во износ од 625 евра, колку што е пропишаната казна.

Освен паричните казни, може да останете и без таблици или без возило ако телефонирате возејќи, не врзувате појас, возите мотор без кацига, фрлате догорчиња од цигари низ прозорецот, возите на лентата за запирање на автопатот, паркирате на местото за инвалиди или возите со влечки.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе