На американските разузнавачи им е препорачано да молчат за улогата во украинските воени успеси

Поранешни американски разузнавачи ги советуваат своите наследници да молчат и да престанат да се фалат со својата улога во воените успеси на Украина.

EPA-EFE

Минатата недела за два дена во американските медиуми се појавија две приказни, цитирајќи неименувани функционери кои кажаа дека американски разузнавачи имале клучни улоги во загинувањето на руските генерали на боиштето и потопувањето на командниот брод „Москва“ во Црно Море.

Првиот извештај за генералите, објавен во Њујорк тајмс во средата, делумно го демантираше Белата куќа кажувајќи дека САД споделува разузнавачки податоци со украинската војска, но и дека податоците не се испратени со намера да се убијат руски офицери.

Следниот ден Ен-би-си, Њујорк тајмс и Вашингтон пост цитираа функционери кои изјавиле дека американските разузнавачки служби ѝ помогнале на Украина да ја погоди „Москва“ со проектили. Така рускиот крстосувач стана најголемиот руски брод кој е потопен од Втората светска војна.

Шпионирањето вообичаено се одвива во тајност, но западните разузнавачки агенции во последните месеци го сменија тоа со пуштање во јавност на информациите за руските подготовки за инвазијата, а потоа и со дневни извештаи за боиштето и она што се случува зад руските линии.

Пол Пилар, поранешен висок службеник на ЦИА, кажа за Гардијан: „Мислам дека тоа не е мудро. Изненаден сум од официјалната потврда на улогата на американските разузнавачки служби во потонувањето на „Москва“, и уште повеќе во убивањето на генералите. Јавните потврди на важната улога на САД во ударите кои им се нанесени на Русите можат да го испровоцираат (рускиот претседател Владимир) Путин на ескалација на која инаку не би се решил“.

Џон Сифер, кој 28 години работел во ЦИА и некои време и во Москва, смета дека одлуката за откривање детали за размената на разузнавачки податоци е погрешна, но од други причини.

„Само мислам дека тоа е непочитување кон Украинците. Тоа е намалување на улогата на луѓето кои се всушност на теренот, кои ги искористуваат разузнавачките податоци, кои собираат сопствени разузнавачки податоци, кои се борат деноноќно“, објасни Сифер, кој не смета дека тоа значително го зголемува ризикот од ескалација на конфликтот меѓу Русија и НАТО.

„Путин ја разбира оваа игра. Тој добива разузнавачки податоци кои би му помогнале да убива Американци ако се сврти ситуацијата, како што правеше во Авганистан и други места. Русите минаа година подготвувајќи сајбер напади и дезинформации“, кажа Сифер и додаде дека не смета дека Русите се особено изнервирани за тоа што Америка споделува разузнавачки информации.

Европските функционери јасно дадоа до знаење дека нивните сопствени разузнавачки агенции нема да го следат примерот на САД.

„Тоа е глупаво. Мислам дека тоа не е внимателно и координирано пренесување информации“, кажа еден европски функционер.

Еден функционер од друга европска земја ја довел во прашање централната улога на американската разузнавачка служба во украинските напади на руските генерали, кажувајќи дека главниот фактор е предвидливоста на руските офицери кои ја следеле крутата доктрина од советско време.

Распадот на нивната комуникациска опрема и строгата хиерархија на руската војска главно ги довеле руските офицери во ситуација да мораат да приоѓаат до првата борбена линија за да бидат сигурни дека нивните наредби се извршуваат. А таму ги чекале украински снајперисти.

За случајот на потопувањето на „Москва“, американските функционери се потрудија да истакнат дека Украина самата ги донела одлуките за нападот и дека црпела информации од повеќе извори.

„Ние не сме единствениот извор на разузнавачки информации за Украинците. Тие добиваат податоци и од други земји и имаат прилично сеопфатна способност за собирање разузнавачки податоци“, кажа Џон Кирби, портпаролот на Пентагон, па заклучи:

„Тие се борат во оваа војна против Русија веќе осум години. Прилично добро знаат како се организирани руските единици и како Русија се однесува на боиштето“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе