Може ли Макроновата „европска ренесанса“ некако да успее?

Европските лидери главно само од пристојност го поддржаа повикот на францускиот претседател Емануел Макрон на реформи на Европската Унија и отворање на патот за „европска ренесанса“.

Некои функционери сметаат дека Макроновиот предлог за реформи е дел од неговиот план да стане нов лидер на Европа кога Ангела Меркел ќе престане да биде германска канцеларка, но со тоа и да си го крене рејтингот дома.

Целта на неговите предлози, изложени во отвореното писмо до граѓаните на Европа што беше објавено во европските весници пред два дена, е заштита и одбрана на европските граѓани и истовремено давање нов елан на ЕУ.

Британија се подготвува да ја напушти ЕУ, а изборите за Европскиот парламент се одржуваат во мај. ЕУ е соочена и со сѐ понаметливата Кина и голем број предизвици од Русија.

Тука се несогласувањата со Соединетите Држави, особено околу политиката „Америка на прво место“ на претседателот Доналд Трамп.

„Германската влада ги поддржува ангажираните дебати за насоката на Европската Унија“, изјави портпаролот на германската влада, најголемата држава членка на ЕУ. Не сакаше да навлегува во деталите.

Важноста на поддршката од Берлин за каква било промена на ЕУ стана јасна откако не се реализираше визијата на Макрон за подлабока интеграција на 19-те земји на еврозоната.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск се фокусираше само на еден аспект од предлогот за реформи на Макрон – основање Европска агенција за заштита на демократијата за членките да се заштитат од надворешни сајбер напади и мешања во изборите.

„Се сложувам со Емануел Макрон. Не дозволувајте им на политичките партии формирани од надворешни сили, непријателски расположени кон Европа, да одлучуваат за клучните приоритети на ЕУ и врвот на европските институции“, кажа Туск.

Европската комисија, извршното тело на ЕУ, го поздрави повикот на Макрон како придонес во дебатата за Европа, но истакна дека повеќе идеи се или веќе спроведени или се спроведуваат.

Меѓутоа, предлозите на Макрон не го импресионираа чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој ги опиша како „сосема одвоени од реалноста“.

„Забележав дека кога Франција вели „повеќе Европа“ всушност мисли повеќе Франција. Не, тоа не е начинот. Ние во Европа сме сите еднакви“, кажа Бабиш.

Анонимни функционери на ЕУ се помалку дипломатски во изјавите. Тие истакнаа дека тајмингот на предлогот на Макрон е со цел да си го поправи рејтингот во Франција пред европските избори.

„На луѓето им е малку смешно тоа што тој продолжува да си го губи времето со нешто што веќе е направено“, изјави еден од нив.

Белгискиот премиер Шарл Мишел даде селективна поддршка на идеите на Макрон.

„Поддршка на предлозите на Емануел Макрон за нов поттик на европскиот проект. Минимална плата, инвестиции во климата, безбедносен и одбранбен совет, Европа со повеќе брзини“, напиша Мишел на Твитер.

Како изненадување дојде поддршката од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој обично ја критикува ЕУ.

„Ова би можело да го одбележи почетокот на сериозна европска дебата“, изјави Орбан за Ројтерс.

„Што се однесува до деталите, нормално дека имаме разлики во ставовите, но од различните мислења далеку поважно е тоа што иницијативата може да биде почеток на сериозен и конструктивен дијалог за иднината на Европа“, кажа тој.

И Полска поддржа делови од предлозите на Макрон, што е симптоматично.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека неговата влада ќе ги поддржи само оние делови кои се во интерес на земјата.

Макрон во своето отворено писмо предупреди и на национализмот порачувајќи дека на националистите, кои немаат решенија, не смее да им се дозволи да го искористуваат гневот на луѓето.

Националистите во Унгарија и Полска ги внесоа своите земји во конфликт со ЕУ околу бегалците и политиката на азил. И Орбан и Моравјецки велат дека очекуваат изборите за Европскиот парламент да резултираат со антиемигрантско мнозинство во Европа.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе