Може ли коронавирусот да мутира ако не се најде вакцина на време?

Додека научниците се борат да ги откријат патиштата по кои може да тргне вирусот, еве ги одговорите на клучните прашања за епидемијата.

За само еден месец, епидемијата на новиот коронавирус како лавина се прошири од неколку заразени на повеќе од 40.000, досегнувајќи до четири континенти и поттикнувајќи жестока битка за запирање на ширењето низ Кина и пошироко. Додека луѓето во Вухан се соочени со недостиг од болнички кревети и материјали, што се споредува со „воени услови“, експертите и научниците се обидуваат да ги откријат можните патишта по кои може да тргне вирусот.

 

Може ли да биде запрен?

Кога Сарс (тежок акутен респираторен синдром) погоди во 2002 година, по почетниот пораст на бројот на заразени, епидемијата почна да гасне. Сепак, многу експерти веруваат дека шансите ова да се случи со 2019-нКоВ изгледаат сè помали. Всушност, шансите можеби биле помали уште од почетокот на најновата епидемија, според Дејвид Хејман, професор по епидемиологија на заразни болести на лондонската Школа за хигиена и тропска медицина (ЛСХТМ). „Сарс се појави кај едно-две лица“, рече тој. „Се чини дека сегашнава епидемија беше експлозивна во почетокот - многу различни луѓе беа заразени во почетокот и секој од нив покрена сопствен синџир на трансмисии“.

Иако разликата во првичните бројки на заразени може да звучи мала - две лица наспроти 16, да речеме - во една епидемија каде што бројот на инфекциите се удвојува на секои пет дена напорите за запирање може да се уназадат за неколку недели.

Премногу е рано да се пресмета колку биле ефективни карантините во намалувањето на епидемијата. Благото нивелирање на бројот на заразените во изминатите неколку дена некои го сметаа за причина за оптимизам, иако тоа може да е последица на тешкотиите при евидентирањето на заразените.

Во неделата шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди дека тоа што има заразени луѓе што никогаш не биле во Кина може да е знак дека проблемот е многу поголем, додека во понеделникот британскиот министер за здравство, Мет Ханкок, го прогласи вирусот за „сериозна и опасна закана за јавното здравје“ откако во земјата беа дијагностицирани четири нови случаи.

„Во оваа фаза треба да се биде песимистичен“, рече професорот Питер Смит, епидемиолог во ЛСХТМ. „Во Кина има голем број заразени, и покрај тоа што тие спроведуваат драконски мерки за да се спречи тоа. Сè поверојатно изгледа дека во Кина тој добро ќе се вгнезди. Веројатноста е дека потоа ќе се прелее во други земји“.

„Мојот песимистички став во оваа фаза е дека веројатно ќе стане прилично распространет и ќе биде тука некое време“.

 

Ако не го запреме, ќе ни остане ли?

Некои коронавируси се сезонски, па така можно е бројот на заболените да почне да опаѓа како што доаѓа пролетта. Но ако вирусот е веќе широко распространет до тој момент, не мора да значи дека ќе го снема засекогаш - исто како и грипот, коронавирусот би можел повторно да се врати следната зима, кога веќе ќе се смета за ендемично човечко заболување.

Веќе постојат четири циркулирачки коронавируси (има големи шанси да сте се заразиле со некој од нив - тие предизвикуваат околу една четвртина од обичните настинки), кои скокнале на луѓето од крави, лилјаци и други животни.

„Коронавирусите се имаат етаблирано. Имаме четири од нив што ја предизвикуваат вообичаената настинка“, рече Амеш Адаља, специјалист за заразни болести во Џонс Хопкинс центарот за здравствена безбедност. „Има многу голема шанса да има и петти“.

Ако коронавирусот сè уште циркулира за една година, неговото влијание може да се намали со ниво на имунитет кај населението и, можеби, со достапна вакцина за заштита на здравствените работници и на оние најранливите. „Ова е ситуација кога вакцината ќе стане релевантна“, рече Смит.

 

Може ли вирусот да мутира?

Досегашните тестови укажуваат дека коронавирусот е релативно стабилен, но бидејќи се пренесува од човек на човек, вирусот ќе стане поадаптиран како човечко заболување. Ова не е нужно лоша работа. „Во дарвинска смисла, вирусот сака да преживее“, рече Смит. „А за да го стори тоа, генерално не е разумна идеја вирусот да убива луѓе. Најуспешните вируси заразуваат многу луѓе и предизвикуваат релативно мала патологија“.

Вреди да се напомене дека коронавирусите не подлежат на истиот вид менување на геномот што доведува до постојаното менување на различните видови на грип што кружат. Токму ова генетско струење значи дека секоја година треба да се создаваат нови вакцини против грип и тоа значи дека ако еднаш добиете грип, не значи дека ќе бидете имуни следниот пат кога ќе се појави. За коронавирусот не се очекува вака рапидно да мутира, па така, кога еднаш ќе ја добиеме вакцината, би требало таа да продолжи да функционира и во далечна иднина.

 

Кога ќе биде готова вакцината?

Екипи низ целиот свет се тркаат со времето за да произведат вакцина, при што некои потенцијални вакцини веќе се тестираат на животни, само неколку недели по објавувањето на ДНК-секвенцата на коронавирусот.

Џеф Ричардсон од Иновио фармасутикалс, еден од тимовите финансирани од Коалицијата за иновации во подготвеноста за епидемии (Цепи), рече дека нивната вакцина базирана на ДНК веќе помасовно се произведува за тестирање на луѓе, кое е предвидено да почне во почетокот на летото. Тим од Универзитетот во Квинсленд, исто така поддржан од Цепи, веќе ја тестира својата вакцина во комбинација со технологија развиена од ГСК, со што имунолошкиот систем посилно ќе реагира на вакцините, потенцијално намалувајќи ја потребната доза за четири пати.

Нема сомнеж дека до летово на луѓе ќе се тестира ефективна вакцина. Но овие променливи испитувања, во кои бројките за вакцината растат од 20 до 200, а потоа на илјадници, неизбежно ќе траат многу месеци за да се осигури дека вакцината е безбедна и дека се забележани дури и ретките несакани ефекти. Значи, комерцијално достапна вакцина ќе имаме најрано во рок од една година.

 

Можеме ли да бидеме подобро подготвени следниот пат?

Глобалната заедница за вакцини се соочи со сериозни критики по епидемијата на ебола, во која загинаа 11.000 луѓе, поради неуспехот доволно брзо да се создаде вакцина; беше потребно повеќе од една година, и покрај тоа што вакцината беше во развој веќе една деценија. Овој пат работите се движеа побрзо. Но некои тврдат дека светот во периодите кога нема криза не прави ништо за да се подготви за заразните болести.

Сет Беркли, шеф на алијансата за вакцинирање Гави, рече: „Најтешко ми е што живееме во свет каде што сакаме да спречуваме. Имаме нуклеарни подморници како трета одбранбена линија. Трошиме многу пари за тие да бидат подготвени. Но ова е еволутивен факт, а нуклеарната војна не е - па сепак многу помалку трошиме за овој вид превенција.

„За време на епидемијата на ебола, таа беше ИСИС на заразните болести“, додаде тој. „Неколку недели потоа луѓето веќе велеа, 'Еболата? Лански снег'. Прашањето е како да ги натераме луѓето да му обрнат внимание на ова во мирнодопски период?”

Гардијан

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе