Може ли ЕУ да ја избрка Унгарија?

Односите меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и другите европски лидери се чини дека паднаа на најниско ниво. Орбан со години води десничарска агенда, која честопати е во спротивност со основните вредности на блокот, вели Конзервејшн.

Фото: ЕПА

Неговиот последен потег беше воведување „закон за заштита на децата“, кој забранува споделување информации на возраст под 18 години за кои може да се смета дека ја промовираат хомосексуалноста. Тој закон ги вклучува сите производи, рекламната и медиумската содржина што опишуваат образовни програми на темата хомосексуалци или трансродови лица и ЛГБТК, ако тие дури и споменуваат постоење на геј или трансродови лица. Законот е последниот во низата напори за ограничување на ЛГБТК+ правата и слободите во земјата.

Ова на некој начин е слично на Поглавјето 28 на Маргарет Тачер, закон што ги спречуваше британските совети и училишта „да ја промовираат и прифаќаат хомосексуалноста како претпоставен семеен живот“. Иако имаше противење на законот веднаш штом беше воведен, тој не беше укинат сѐ до 2003 година. Конзервативната партија на крај се извини за законот.

Европскиот парламент смета дека новиот закон е дел од постепеното укинување на основните права во Унгарија – државно спонзорирана ЛГБТК-фобија што ги крши човековите права како дел од пошироката политичка агенда за разбивање на демократијата и владеењето на правото. Европската комисија, исто така, нагласи дека „еднаквоста и почитувањето на достоинството и човековите права се клучните вредности на ЕУ, предвидени во членот 2 од Договорот за ЕУ“ и поведе кривична постапка против Унгарија.

Земјите-членки исто така повикаа на поодлучна акција. Холандскиот премиер Марк Руте рече дека законот сигнализира дека „за Унгарија веќе нема место во ЕУ“, а министерот за надворешни работи на Луксембург повика на референдум за тоа дали на Унгарија треба да ѝ биде дозволено да остане членка на ЕУ.

Сепак, дали ЕУ може да ја избрка Унгарија ако сака? Прекинувањето на членството во меѓународните организации не е многу вообичаено. Ако ги погледнеме Обединетите нации, најголемиот и најамбициозен напор државите да се стават под една меѓународна организација, ќе видиме дека иако не е секогаш лесно да се зачлени, дефинитивно е многу потешко да се избрка некоја членка.

Досегашни примери

Во 1971 година, Генералното собрание на ООН донесе одлука за замена на тајванските официјални лица со оние од континентална Кина. Причината беше тоа што сега како држава беше признаена Маовата Кина на копното, а не Тајван. Овој потег значеше дека Тајван практично е исфрлен од организацијата. Друг редок пример беше одлуката на Генералното собрание дека Сојузна Република Југославија (СРЈ) - која тогаш веќе се состоеше само од Србија и Црна Гора, а не и од другите поранешни републики, кои се отцепија од Југославија - не може автоматски да го наследи членството на Југославија и мора повторно да поднесе барање за членство. ООН практично ја протера Југославија и осум години подоцна ја прифати СРЈ како нова земја-членка.

Клучната разлика помеѓу случаите на Тајван, СРЈ и Унгарија е во тоа што членството во ООН во голема мера се потпира само на тоа дали некоја членка е мирољубива држава, додека ЕУ има малку пософистицирани критериуми. Ова исто така е причина за тоа што има многу држави што не се членки на ЕУ, но нема многу признаени држави што не се членки на ООН.

Членството на Тајван и на СРЈ во ООН беше прекинато бидејќи тие повеќе не се сметаа за држави. Унгарија е поинаков случај. Никој не се сомнева во тоа дали Унгарија постои како држава. Дискутабилно е тоа до кој степен под водството на Орбан им е посветена на обврските што произлегуваат од членството во ЕУ.

Повообичаената реакција на ситуациите од овој тип е суспензија, а не протерување.

За време на апартхејдот, многу меѓународни организации го суспендираа членството на Јужна Африка. Слично на тоа, Организацијата на американски држави ги суспендираше Куба помеѓу 1962 и 2009 година, и Хондурас помеѓу 2009 и 2011 година, бидејќи нивните влади ја прекршија посветеноста на Меѓуамериканската демократска повелба кон демократските институции.

Грција, исто така, беше суспендирана од Советот на Европа за време на нејзината диктатура во доцните 1960-ти и почетокот на 1970-тите, а Сирија беше суспендирана од Арапската лига од 2011 година и Организацијата за исламска соработка од 2012 година.

Веќе го доживеавме ова?

Правилата во членот 7 од Договорот за ЕУ дозволуваат да се суспендираат правата на глас на една членка „ако државата сериозно и упорно ги крши принципите врз кои е втемелена ЕУ“. Неговите ефекти нема да бидат премногу различни од она што другите меѓународни организации го правеа во минатото.

Овој механизам, сепак, никогаш не бил користен и не би бил лесен за примена. Претходните напори за активирање на членот 7 за суспендирање на правата на глас на Унгарија како одговор на нејзиниот третман кон бегалците и мигрантите пропаднаа.

Сепак, овој механизам сега е можеби единствениот соодветен одговор на постапките на Унгарија.

Во моментов не постои јасен начин на кој ЕУ би можела да протера членка. Меѓународните организации не ги исклучуваат често своите членови. Наместо тоа, можеби се подобри привремени мерки, како што се суспендирање на правата на глас на Унгарија во ЕУ или други привилегии.

Ако слободата, демократијата, почитувањето на човековите права, основните слободи и владеењето на правото се обврски на членството, нели нивното непочитување треба да сноси последици?

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе