Интервју на Ле журнал со Едгар Морен

„Мора да живееме со неизвесноста“

„Не велам дека ја предвидов оваа епидемија, но реков, на пример, пред неколку години, дека со разградувањето на нашата биосфера, ние мора да се подготвиме за катастрофи“, вели познатиот француски филозоф Едгар Морен, роден во 1921, но сè уште активен, во интервју за француски Ле журнал, преведено од двајца студенти на групата за француски јазик и книжевност на УКИМ.

Ограничен во кругот на својата куќа во Монпелје, филозофот Едгар Морен ѝ останува верен на својата глобална визија за општеството. Кризата што е предизвикана од епидемијата, ни вели тој, мора да нè научи подобро да ја разбереме науката и да живееме со неизвесноста. И да повратиме една форма на хуманизам.

Пандемијата на коронавирусот брутално ја врати науката во центарот на општественото живеење. Ќе претрпи ли општеството преобразба по ова?

Едгар Морен: Она што ме зачудува е што голем дел од јавноста ја смета науката за збир од апсолутни вистини, од непобитни тврдења. Сите се успокоија кога видоа дека нашиот претседател е опкружен со научни советници. Но што се случи? Набргу се сфати дека тие научници имаат многу различни, па дури и контрадикторни гледишта, без разлика дали се работи за мерките коишто се преземаат, за можните нови лекарства за да се одговори на итната потреба, за валидноста на овој или на оној лек, или, пак, за времетраењето на клиничките испитувања за да се стави тој во употреба... Сите овие контроверзии внесуваат сомнеж во свеста на граѓаните.

Сакате да кажете дека постои опасност дека јавноста ќе ја загуби довербата во науката?

Е:М: Не, доколку јавноста сфаќа дека науките постојат и се развиваат преку разлики во мислењето. На пример, дебатите околу хлорокинот овозможија да се постави прашањето за алтернативниот избор меѓу итноста и претпазливоста. Научниот свет веќе минал низ силни контроверзии од 80-тите години во времето на појавата на сидата. Меѓутоа, она што јасно ни го покажаа филозофите на науките е дека контроверзиите се неодвоив дел од истражувањето, дури и неопходен за напредокот.

За жал, малкумина научници ги читале Карл Попер, според кој една теорија е научна само доколку може да се побие, Гастон Башлар, кој го постави проблемот за комплексноста на сознанието или, пак, Томас Кун, којшто јасно покажа како историјата на науките е испрекинат, дисконтинуиран процес. Многу научници го занемаруваат придонесот на овие големи епистемолози и и понатаму работат во рамките на еден догматски светоглед.

Ќе може ли актуелнава криза да го измени ваквото гледање на науката?

Е.М: Јас не можам да го предвидам тоа, но се надевам дека таа ќе помогне да се увиди колку е науката покомплексна отколку што мислиме - било да сме на страната на оние кои ја сметаат за листа на догми или, пак, на страната оние кои ги гледаат научниците како да се Дијафоарис (шарлатан од драмата Вообразениот болен од Молиер) кој постојано си противречи.

Науката е човечка реалност, која, како и демократијата, почива на судир на мислења, иако нејзините начини на верификација се построги. И покрај ова, големите потврдени теории тежнеат да станат догми, а откритијата на големите пронаоѓачи никогаш не биле навремено препознаени. Така, епизодата што ние ја живееме денес може да биде добар момент сите да станат свесни, и граѓаните и истражувачите, дека научните теории не се апсолутни како религиските догми, туку се биоразградливи...

Според Вас, што е повпечатливо, здравствената катастрофа или незапаметената состојба на заточеништво што ја доживуваме денес?

Е:М: Не може да се воспостави хиерархиски сооднос помеѓу овие две ситуации, бидејќи нивното надоврзување беше хронолошко и доведува до криза што може да се нарече цивилизациска зашто нè тера да го смениме однесувањето и постоењето, како на локално, така и на планетарно ниво. Сето тоа е една комплексна целина. Ако сакаме да ја разгледаме кризата од филозофска гледна точка, треба да се обидеме да ги поврземе сите тие кризи и да размислиме, пред сè, за неизвесноста, која е нивно главно обележје.

Она што е многу интересно во кризата предизвикана од коронавирусот е што сè уште не се знаат со сигурност ниту потеклото на вирусот, ниту неговите различни форми, ниту популациите што ги напаѓа, ниту степенот на неговите штетни влијанија... Но минуваме и низ една голема неизвесност во однос на последиците од епидемијата во сите домени, социјални, економски...

Но зошто сметате дека овие неизвесности ги поврзуваат сите овие кризи?

Е:М.: Затоа што ние мораме да научиме да ги прифатиме и да живееме со нив, и покрај тоа што нашата цивилизација ни врежа потреба од сè повеќе сигурност(и) за иднината, кои постојано стануваа сè повеќебројни, честопати нереални, понекогаш бесмислени, како на пример, кога со прецизност ни опишаа што ќе ни се случи во 2025 г.! Појавата на овој вирус нè потсети дека неизвесноста останува несовладлив елемент на човековото живеење. Сите социјални осигурувања кои можете да ги имате не ќе можат да ви гарантираат дека нема да се разболите или дека ќе бидете среќни во домаќинството! Се обидуваме да се опкружиме со максимална сигурност, но, да се живее значи да се плови по море од неизвесности, преку островчиња и архипелази на сигурност на коишто здивнуваме.

Тоа е Вашето животно правило?

Е.М.: Попрвин е резултат на моето искуство. Сум бил сведок на толку непредвидливи настани во мојот живот - од советскиот отпор во 30-тите години до падот на СССР, да ги спомнам само овие два историски факти, незамисливи пред да се случат, - што тоа станало дел од мојот начин на живеење. Јас не живеам во постојан немир, но очекувам да се појават повеќе или помалку катастрофални настани. Не велам дека ја предвидов оваа епидемија, но реков, на пример, пред неколку години, дека со разградувањето на нашата биосфера, ние мора да се подготвиме за катастрофи. Да, тоа е дел од мојата филозофија: „Очекувај го неочекуваното.“

Покрај тоа, размислувам и за судбината на светот откако читајќи го Хајдегер во 1960 г., сфатив дека живееме во планетарна ера, па во 2000 г., дека глобализацијата е процес што има моќ да предизвика исто толку штета колку и корист. Исто така, забележувам и како неконтролираната помама по технолошко-економскиот развој, којашто е поттикната од безграничната жед за профит и поддржана од една општа неолиберална политика, стана штетна и предизвикува кризи од секаков вид. Од тој момент, јас сум интелектуално подготвен да се соочам со неочекуваното, да се спротивставам на премрежијата.

Да се вратиме на Франција. Како го оценувате управувањето со епидемијата од страна на јавната власт?

Е.М.: Жалам што некои неопходности се порекнати, како таа за носењето маска, само... за да се прикрие фактот дека нема маски! Исто така, слушнавме дека тестирањата не служат за ништо, само за да се прикрие фактот дека нема тестови. Би било човечки да се признаат грешките што се направиле и да се поправат. Одговорноста доаѓа преку признавањето на сопствените грешки. Како и да е, забележав дека претседателот Макрон, уште од својот прв говор за кризата зборува само за фирмите, за вработените и за работниците. Тоа е прва промена! Да се надеваме дека ќе заврши така што ќе се ослободи од финансискиот свет, тој ја спомна дури и можноста да се смени моделот на развој...

Се движиме ли кон економска промена?

Е.М.: Нашиот систем, којшто се заснова на компетитивност и рентабилност, честопати остава сериозни последици врз условите за работа. Масовната примена на работење од далечина предизвикано од карантинот, може да придонесе за менување на работењето на фирмите во кои сè уште владее прекумерна хиерархија и авторитарност. Актуелната криза може, исто така, да го забрза враќањето кон локалното производство и напуштањето на сета онаа индустрија за еднократна употреба, враќајќи им ја, истовремено, работата на занаетчиите и на дуќанчињата од соседството. Во овој период, кога синдикатите се многу ослабнати, сите овие колективни дејства може да придонесат за подобрување на условите за работа.

Дали сме во моментов сведоци на политичка промена во која се преобразуваат односите помеѓу индивидуата и колективот?

Е.М.: Личниот интерес надвладеа сè, и, еве, сега се буди солидарноста. Погледнете ги болниците кои беа во состојба на раздор и длабоко незадоволство и кои сега, пред напливот на заболени покажуваат извонредна солидарност. Населението, пак, дури и од карантин, добро го сфати тоа и им плеска со раце навечер на сите тие луѓе што се жртвуваат и работат за него. Тоа е неоспорно момент на прогрес, во секој случај на национално ниво.

За жал, не може да се зборува за човечко или планетарно будење на солидарноста. Сепак, сите ние, човечки битија од сите земји, веќе бевме соочени со истите проблеми како што се уништување на природата или економскиот цинизам. Додека, пак, денес, од Нигерија до Нов Зеланд, сите сме затворени и треба да сфатиме дека, сакале или не, нашите судбини се поврзани. Тоа би била можност за обновување на нашиот хуманизам, бидејќи доколку не гледаме на човештвото како на заедница, на која сме упатени, не ќе можеме да ги поттикнеме владите да работат во иновативна насока.

Што можеме да научиме од филозоф како Вас за да ги поминеме овие долги периоди на затвореност?

Е.М.: Точно е дека за многумина од нас кои голем дел од своите животи минуваат надвор од дома, оваа ненадејна затвореност може да претставува страшна тегобност. Мислам дека ова може да биде прилика да размислиме, да се запрашаме што треба да отфрлиме од нашиот живот како безначајно и некорисно. Не велам дека е мудро да се остане цел живот в соба, но да размислиме макар за нашата потрошувачка и исхрана, можеби оваа затвореност е можност за одвикнување од онаа индустриска култура чии маани ги спознаваме, време за детоксикација. Ова е, исто така добра можност да станеме длабоко свесни за оние човечки вистини што сите ги знаеме, но што се потиснати во нашата потсвест, а тоа е дека љубовта, пријателството, заедништвото, солидарноста се тие кои го чинат квалитетот на животот.

Преводот од француски на македонски јазик го направија студентите Ивана Ѓуреска и Стојанчо Новаковски од IV година, под менторство на проф. д-р Ирина Бабамова

Преводот е работен за потребите на наставата по преведување на групата за француски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на преведувачката работилница при Центарот за универзитетска успешност Le Тrès-FLE на Универзитетската агенција за франкофонија при УКИМ

Објавено

Четврток, Мај 7, 2020 - 13:14

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе