Младинскиот лидер на Ердогановата партија: Земјата е рамна плоча

Лидерот на младината на истанбулскиот разгранок на владејачката Партија за правда и напредок (АКП) Толгај Демир месецов објави текст во кој мртов сериозен тврди дека Земјата е рамна плоча.

„Масоните го излажаа светот тврдејќи дека Земјата е тркалезна“

Во текстот насловен „Теорија на рамна Земја“ Демир тврди дека „масоните“ го измамиле светот со тврдењето (всушност, со неоспорниот научен факт) дека Земјата е тркалезна. Во согласност со оваа луда теорија на заговор, која веќе некое време е популарна на социјалните мрежи, турскиот „млад лав“ ги отфрла фотографиите од Земјата што НАСА ги прави од вселената како „режирани“, а за слетувањето на американските астронаути на Месечината вели дека е „заговор“, кој имал цел да го поткрепи „митот за тркалезната Земја“.

Демир има одговор и на прашањето со која причина се спроведува овој огромен заговор со кој човештвото наводно се залажува околу обликот на планетата на која живееме. „Претставувањето на светот како топка и претставувањето на милијарди планети и ѕвезди во вселената ги обезвреднува луѓето, исто како што тоа го прави и теоријата на еволуцијата. Благодарение на оваа систематска религија на науката, животот е лишен од смисла... Тоа ги претвора луѓето во робови на капиталистичкиот систем“.

Како што напиша Мустафа Акјол за Ал-монитор, Демир всушност се залага за преткоперниканскиот космолошки систем, кој беше побиен пред речиси пет века, а според кој Земјата е центар на универзумот. Очигледно не ја забележуваат иронијата дека тој и другите што ја промовираат оваа псевдонаучна небулоза го прават тоа преку интернет, еден од највпечатливите производи на модерната наука и технологија.

Демир, очекувано, наскоро стана предмет на потсмев на социјалните мрежи и во медиумите, барем на оние што не се под контрола на авторитарната власт на Реџеп Таип Ердоган. Опозиционерите сметаат дека статијата е уште една потврда за тоа колку е заостанат светогледот на новата владејачка елита. Демир мошне брзо се повлече пред критиките, правдајќи се дека не тврди дека Земјата е навистина рамна, туку дека само идејата му се видела „интересна“.

Од една страна, охрабрувачки е што никој од АКП јавно не застана во одбрана на овој скандалозен напис. Од друга страна, провлекувањето на една ваква теорија на заговор од страна на лидерите на младината на владејачката партија навистина е показател за идеолошката агресија кон науката и модерноста во Турција, која зема сè поголем замав, со сериозни последици за земјата.

Теориите на заговор долго време цветаат во Турција

Во суштина, опседнатоста со теориите на заговор не е ништо ново во Турција. Шунд-литературата за заговорите на масоните, за ционистите на глобалните капиталисти и империјалисти против сакана турска татковина веќе со децении е популарна - и тоа не само меѓу владејачките исламисти. Во книгата на еден од најпопуларните кемалистички автори од 2007 година, членовите на АКП се етикетирани како „ционистички агенти“, пред сè поради нивното залагање Турција да влезе во ЕУ.

Сепак, откако Ердоган ја зајакна својата власт во последните неколку години, опсесијата со теориите за заговор стана заштитен знак на неговата партија. Во тој параноичен и реакционерски поглед на свет, западната цивилизација со своите вредности, институции, култура и знаење стана нешто во што луѓето треба автоматски да се сомневаат, ако не и да го отфрлат.

Последен пример на овој тренд е, се разбира, исфрлањето на теоријата на еволуцијата од училишните учебници. Од друга страна, во политичката сфера, либералните вредности сè повеќе се отфрлаат. Реткиот критичар меѓу турските верски конзервативци Мехмет Очактан во една неодамнешна колумна укажа на навиката на исламистите демократијата, слободата и човековите права да ги отфрлаат како „еврејска демократија“.

 

„Источен фундаментализам“

Самиот Ердоган, освен со ЕУ и САД, кои постојано ги обвинува за поддршка на терористите и пучистите во Турција, вербално завојува и со економската теорија, тврдејќи дека со намалување на каматите (во согласност со исламската забрана за камати) се намалува и инфлацијата. Поранешниот гувернер на турската централна банка одговори дека верувањето во таа идеја би значело отфрлање на 400-те години економска литература, вклучувајќи ги Адам Смит и Џон Мејнард Кејнс.

Етјен Махчупјан, кој до неодамна и самиот ја поддржуваше АКП во надеж дека се работи за реформатори што ќе ја демократизираат земјата, која со децении беше под речиси еднопартиско владеење на кемалистите и војската, го дефинира доминантниот менталитет во денешна Турција како „источен фундаментализам“, кој го гледа Западот како „вечно друго“, истовремено површно обидувајќи се да го заживее имагинарното златно минато. Западот според идеологијата, која некои ја нарекуваат „оксидентализам“ (спротивно од ориентализмот), е инхерентно неморален и предавнички. Целта станува авторитарно општество, без влијание од Западот.

Но тој пат нема да ѝ донесе ништо добро на Турција, предупредува Акјол, и само уште повеќе ќе ја изолира од либерално-демократскиот свет и ќе ја приближи до авторитарните блискоисточни и азиски режими. Исто така, ќе ја лиши од придонесот на нејзините граѓани образовани на Запад. Поразумниот дел на АКП мора да го разбере тоа и да го најде средниот пат меѓу вечното имитирање на Западот и фанатичниот источен фундаментализам, заклучува овој турски колумнист.

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе