Младата новозеландска премиерка го одушеви светот со своето лидерство по нападот (ВИДЕО)

Жасинда Ардерн, 38-годишната премиерка на Нов Зеланд, се најде соочена со најголемиот предизвик откако во октомври 2017 ја презема функцијата. По страшниот терористички напад врз припадниците на муслиманското малцинство во петокот, очите на малата пацифичка нација, но и на светот, се свртеа кон неа.

А она што го видоа и слушнаа ги одушеви, барем според медиумските извештаи и коментарите на социјалните мрежи. „Жасинда Ардерн зрачи со лидерство по масакрот во Крајстчрч“, пишува Ројтерс. „Жасинда Ардерн го редефинира лидерството во време на терор“, пишува порталот Вимен оф д ворлд. „Жасинда Ардерн тукушто потврди дека типичното „женско“ однесување е моќно“, пишува Сиднеј морнинг хералд. „Жасинда Ардерн и ожалостените се собраа со песна“, пишува Лондон тајмс.

Ројтерс пишува дека новозеландската премиерка со својата смиреност и сочувство во одговорот на убиството на 50 муслимани од страна на осомничениот расист ја запечати репутацијата на лидерка чии младост и слава предизвикуваа сомнежи кај критичарите. Таа веднаш масовното убиство во време на мир на Нов Зеланд го нарече тероризам и се обиде да ја охрабри нацијата која досега главно не беше погодена од насилството и стравовите кои ги погодија другите земји во последните две децении.

Еден ден по нападот таа поведе повеќепартиска делегација во посета на семејствата на убиените и претставниците на муслиманската заедница. Носејќи црна марама односно хиџаб на главата во знак на почит кон ожалостените муслимани, таа ги прегрна членовите на семејствата, ги сослуша и им понуди утеха. „Премиерка која дојде со марама, тоа е многу важно за нас“, кажа Далија Мохамед.

„Меѓу најсвечените должности на еден национален лидер се утехата на унесреќените и работата на заздравувањето на раните. Новозеландската премиерка Жасинда Ардерн се сретна со семејствата на загинатите во терористичкиот напад во Крајстчрч“, напиша аналитичарот на Си-ен-ен Џош Кембел на Твитер.

Но, што е уште поважно, Ардерн веднаш најави политички одговор на маскрот – построга регулација на огненото оружје, односно забрана на полуавтоматските пушки како оние кои ги носел фашистичкиот терорист Брентон Тарант.

Во говорот кој последните денови го обиколи светот и стана вирален, Ардерн колежот кој што се случи во петокот го нарече „еден од најмрачните денови за Нов Зеланд“, за жртвите, муслиманските емигранти и бегалци кои се молеле во двете нападнати џамии, кажа „тие се сите ние“. Истовремено истакна дека напаѓачот не е „еден од нас“ и дека Нов Зеланд е „горда нација од повеќе од 200 етницитети, 160 јазици, а во нашата различност делиме заеднички вредности“, како „сочувството“. „Можеби вие сте нѐ избрале нас, но ние целосно ве отфрламе и ве осудуваме“, даде до знаење Ардерн, во моментот кога сѐ уште се мислеше дека нападот го извршиле повеќе терористи.

Ардерн многу брзо кажа дека нејзината влада начелно се согласила околу реформа на законот за оружје. „Планирам да ги изнесам дополнителните детали за овие одлуки на медиумите и јавноста пред седницата на владата следниот понеделник. Ова ултимативно значи дека во рок од 10 дена од овој ужасен чин на тероризам ќе има најавени реформи кои, верувам, ќе ги направат нашите заедници побезбедни“, кажа новозеландската премиерка.

Голем број новинари и корисници на социјалните мрежи укажаа на впечатливиот контраст меѓу брзата и решителна реакција на новозеландската влада околу прашањето на контролата на оружјето по овој напад и млаката, нерешителна и пасивна реакција на американските власти по низата слични масовни убиства.

„Новозеландската премиерка Жасинда Ардерн прогласи дека законите за оружјето ќе бидат променети по страшниот масакр во Крајстчрч. За тоа време, во САД, сѐ што имаме по секое масовно пукање се безвредните мисли и молитви од страна на нашите претставници“, напиша карикатуристката на Вашингтон пост Ен Телнес на Твитер со пропратна карикатура.

Покрај тоа, како што на истата социјална мрежа истакна новинарката на Вашингтон пост Џенифер Хаса, Ардерн „вети дека ќе ги покрие трошоците за погребите за сите 50 жртви“.

„Можеме ли само да признаеме, со отворено срце и бистра глава, дека Жасинда Ардерн направи извонредна работа претставувајќи ги нашата нација, нашата болка и нашата решителност. Со сето срце посакувам да не мораше, но горд сум дека го направи тоа“, напиша новозеландскиот новинар Ерик Јанг.

Ардерн, инаку, се смета за дел од новиот бран млади прогресивни државни лидери како францускиот претседател Емануел Макрон и канадскиот премиер Џастин Трудо. Вниманието на светската јавност досега особено го привлече фактот што Ардерн роди за време на својот премиерски мандат, во јуни 2018. Се врати на работа само шест недели по породувањето.

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе