Годината без зрак сонце

Мислите дека 2020 беше лоша? Историчарите велат дека 536 година била најлошата досега

Се будите во мрачно, потиштено, депресивно, понеделнички тип на утро. 547-ми ден по ред. Само 18 месеци пред тоа, сте биле вреден земјоделец, подготвувајќи се за уште една богата сезона.

Фото: ЕСА

Но потоа небото се смрачило. И од почетокот на 536 па сѐ до 537 година останало мрачно.

Низ поголем дел од источна Европа и низ цела Азија, пролетта се претворила во лето, а есента преминала во зима без ден сонце. Како да е спуштена некаква мрачна завеса врз сонцето, милиони луѓе низ најнаселените земји во светот мижуркале во мракот, дишејќи го задушувачки густиот воздух и губејќи ја скоро секоја земјоделска култура што се надевале дека ќе ја соберат.

Ова не е сценарио на некоја дистописка ТВ-драма или документарно-фантастична продукција. Ова било сурова реалност за милиони луѓе што го живееле буквално најмрачното време - или, како што прогласија некои историчари, најлошата година да се биде жив.

„Бидејќи сонцето ги пушта своите зраци без светлина, како месечината, во текот на целата оваа година, и во голема мера изгледа како помрачување на сонцето, зашто зраците што тоа ги разлева не се бистри, ниту се како оние што обично ги разлева“, гласи мрачното сведоштво во Историја на војните на Прокопиј, истакнат научник, кој станал главен византиски историчар од 6 век.

„А од моментот кога почна ова нешто, луѓето не се ослободени ниту од војна ниту од чума ниту од што било друго што предизвикува смрт“.

Околу 1.500 години подоцна, историчарот за средниот век на Универзитетот Харвард, Мајкл Меккормик, дошол до сличен мрачен заклучок не само за 536 година, туку и за страшната деценија што следувала по таа ужасна година.

За луѓето што живееле низ Европа во 536 година, „Тоа било почеток на еден од најлошите периоди за живеење, ако не и најлошата година“, рече неодамна Меккормик.

Сето тоа почнало со брзите, драстични климатски промени.

Во пролетта 536 година, вулканска ерупција ја предизвикала Доцноантичката мала ледена доба (ЛАЛИА), вели Меккормик. А нејзините последици, како резултат на ерупциите во 540 и 547 година, биле разорни.

„Аеросолите од големите вулкански ерупции го блокирале сончевото зрачење, спуштајќи ја сончевата жега на површината на Земјата“, вели тој.

По ерупцијата останал густ смог, а небото останало мрачно 18 месеци, велат повеќе историски сведоштва, што ја предизвикало мрачната година на превирања, кои ја издвојуваат 536-та од другите години.

Климата била сериозно погодена од блокираната сончева светлина, што довело до летни снежни врнежи во Кина и најниски температури во повеќе од 2.300 години, според запишаните историски извештаи и реконструктивната климатска анализа.

На Блискиот Исток, Кина и Европа, густата магла била неизбежен дневен кошмар, додека многуте земјоделски проблеми во Ирска резултирале со „немање леб од 536 до 539 година“, според „Галски ирски анали“.

„Античките записи на очевидци велат дека сонцето престанало да сјае 14-18 месеци“, рече Меккормик. „Резултатот бил неколку години неуспешна жетва, глад, миграции и турбуленции низ Евроазија.“

Иако епидемијата на бубонската чума од 6 век можеби помалку се памти од повторната појава на болеста во 14 век, која стана позната како „Црна смрт“, пандемијата од 6 век сепак била одговорна за уништување на најмалку една третина од населението во Источното Римско Царство, што и довело до неговата пропаст.

Наречена Јустинијанска пандемија или чумата на Јустинијан, во текот на следните 200 години болеста се проширила низ целиот римски Египет пред да го зарази остатокот од светот. Меккормик вели дека античката ДНК покажала дека патогенот што предизвикувал болест е Yersinia pestis, бубонска чума, болест на стаорците и други глодачи што преминала на човечката популација.

Во екот на вулканските ерупции што ја менувале климата и помрачената 536 година, Меккормик вели дека ситуацијата била фатално поволна за чумата да предизвика хаос.

Иако вели дека допрва треба да се воспостави прецизна врска помеѓу ненадејниот почеток на ЛАЛИА и Јустинијанската пандемија, Меккормик истакнува дека „се чини веројатно дека, на пример, недостигот од храна предизвикан од ненадејното ладење во многу делови на Евроазија ги ослабнало популациите и ги направило поподложни на патогенот.“ Гладот речиси сигурно довел до масовни миграции и на луѓето, рече тој, кои веројатно ја носеле болеста со себе.

Во споредба со современите проблеми со ковид-19, разликите се шокантни.

„Треба да го гледате периодот како целина“, вели тој. „(Годината) 536 година била само почеток на едно многу тешко време. Пандемијата на чума во комбинација со ненадејното ладење сигурно била многу тешка“.

„Денес ковид-19 е страшен, но споредете ја стапката на смртност кај бубонската чума“, вели тој, посочувајќи на односот на стапката на смртност од 1,8 во САД во споредба со стапката на смртност од 40 до 60 за нелекуваната бубонска чума.

Значи, колку огромни мора да биле тие вулкански ерупции?

Во примерок од мраз од пролетта 536 година, дипломираната студентка Лора Хартман и вулканологот Андреј Курбатов пронашле микроскопски честички од вулканско стакло, кои многу се совпаѓале со честичките од стакло претходно пронајдени во езерата низ Европа и со примерок од ледено јадро земено од Гренланд.

Курбатов заклучил дека совршено погубната мешавина на ветрови и временски услови во 536 година мора да го шетале парчето низ цела Европа и го однеле и во Азија, ширејќи студенило додека вулканската магла ја покривала земјата.

Други истражувачи исто така веруваат дека исландската ерупција од 536 испуштила густ пепел што се ширел низ Северната хемисфера, испумпувајќи големи количества сулфати во атмосферата, се вели во напис во Смитсонијан од 2015 година.

Покрај таа ерупција, други студии спроведени неодамна сугерираат дека за трагедиите во тој временски период можеби не бил одговорен само еден вулкан.

Другата голема ерупција, велат истражувачите, се верува дека била една од најсилните во последните 10.000 години, во центарот на Салвадор од успаниот вулкан Илопанго. Денес во вулканската калдера што останала по неа има езеро со големина од 72 квадратни километри.

„Ова е најголемата ерупција во Централна Америка на која човечките суштества некогаш биле сведоци“, вели Дал, геолог од Универзитетот Лутеран во Калифорнија. „Важноста на настанот е уште поголема, и тоа како Маите го надминале и тоа како влијаел на она што се случи понатаму.“

Се верува дека двете катаклизмични ерупции комбинирано ги предизвикале болеста, гладот и трагедијата во следните децении.

Користејќи техники за историски податоци, како што се анализа на прстенот на дрвјата и радиојаглеродно датирање, истражувачите претставиле модел за да прикажат колку бил брутален животот на луѓето во тоа време.

Превезот од прашина, велат тие, го намалил нормалното ниво на сончево зрачење и со тоа ги уништил долгогодишните жетви и „придонел за неверојатно симултани епидемии на глад“, по што луѓето останале со долгорочен недостиг од витаминот Д, што го намалило здравјето и квалитетот на животот во тие години на мрак.

Меккормик вели дека како што повеќе се разбираат природните климатски записи и реконструкциите на ЛАЛИА, научниците ќе можат подобро да разберат како тој превез од прашина драстично ја сменил климата во различни делови на Северната хемисфера.

„На пример, Арапскиот Полуостров можеби станал нешто помалку сув, додека ефектот изгледа подраматичен и понегативен северно од Медитеранот“, вели тој. „Досега, повеќето природни климатски записи од кои е реконструирана ЛАЛИА потекнуваат од Евроазија и Северна Америка, значи посеверни географски ширини“.

Дури и да звучи неверојатно со оглед на изминатите 100 години повеќекратни светски војни и многубројни разорни пандемии, Меккормик за каналот Хистори изјави дека тој страшен период од историјата не е напумпан во сведоштвата на очевидците.

„Тоа било прилично драстична промена, која се случила преку ноќ“, рече тој. „Античките сведоци ја зборувале вистината. Тие не биле хистерични или не си измислувале дека доаѓа крајот на светот“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕСА

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе