Меркел не може мирно во пензија

Жената која ја сметаа за наследничка на Ангела меркел на функцијата германска канцеларка соопшти дека нема да се кандидира за таа функција, што ја продлабочи кризата во конзервативната партија во момент кога се обидува да го утврди идниот политички правец откако ја изгуби поддршката од гласачите кои се свртеа кон екстремната десница.

Анагрет Крамп Каренбауер е штитеничка на канцеларката и лидерка на нивните конзервативни демохристијани (ЦДУ), но во последно време е под лупа нејзината способност да ја наследи меркел, која е на челото на Германија 15 години, но планира да се повлече од должноста на следните сојузни избори кои се закажани за есен 2021.

Минатата недела неспособноста на Крамп Каренбауер да ги дисциплинира демохристијаните во источната покраина Тирингија дополнително го наруши нејзиниот кредибилитет – кој беше разнишан по низата гафови.

Регионалната гранка на ЦДУ ѝ пркосеше поддржувајќи го локалнот лидер кој на функцијата дојде благодарение на антиемигрантската Алтернатива за Германија (АфД) и со тоа го прекрши повоениот консензус меѓу мејнстрим партиите дека нема да соработуваат со екстремната десница.

„Нема да се кандидирам за канцеларка“, кажа 57-годишната Крамп Каренбауер на конференција за новинарите во Берлин, додавајќи дека за тоа размислувала некое време и дека одлуката ја донела „со намера за јакнење на ЦДУ“. „АфД претставува сѐ против што се бори ЦДУ“, кажа Крамп Каренбауер и додаде дека „секоја соработка со АфД ја ослабува ЦДУ“.

„Сметам дека ова не влијае на стабилноста на големата коалиција“, кажа таа зборувајќи за коалицијата меѓу конзервативците на Меркел и социјалдемократите (СПД). Меркел пак кажа дека ја „почитува одлуката“ на Крамп Каренбауер, но дека ѝ е многу жал за неа. „Можам да замислам дека ова не била лесна одлука за неа и ѝ благодарам на тоа што е спремна да остане на челото на партијата за време на процесот за избор на наследник“, кажа Меркел.

Ројтерс наведува дека одлуката на Крамп Каренбауер да не се кандидира за канцеларка го доведува во прашање идниот правец на Германија во момент кога нејзината економија, четврта по големина во светот, е блиску до рецесија а Европската Унија се обидува да се консолидира по брегзитот.

Меркел има важна улога на глобалната сцена од 2005 година и ѝ помогна на ЕУ да ја надмине кризата на еврозоната и ја отвори вратата на Германија на емигрантите од Блискиот Исток во 2015 – потег кој и денес предизвикува жестоки поделби во блокот и во нејзината земја.

Меркел не се кандидираше за лидерка на партијата во 2018 овозможувајќи ѝ на Крамп Каренбауер да го преземе кормилото со цел јакнење на нејзината репутација пред кандидирањето за канцеларка.

Меѓутоа, повлекувањето на Крамп Каренбауер сега ги менува и плановите на Меркел и тие на конзервативците кои сметаа дека 2020 ќе биде стабилна година во смисла на мирна транзиција и вовед во политичката пензија на долгогодишната лидерка.

Зигмар Габриел, поранешниот лидер на СПД, кажа дека очекува вонредни парламентарни избори бидејќи блокот на Меркел и СПД сега се мачат за да ги обединат различните партиски фракции.

Алтернатива за Германија ја поздрави оставката на Крамп Каренбауер. Оваа екстремно десничарска партија се позиционираше како моќна политичка сила од формирањето во 2013, освојувајќи значајна поддршка на регионалните и националните избори. Успехот на АфД ја искомплицира германската политичка традиција на владеење во повеќепартиски коалиции, бидејќи повеќето партии одбиваат соработка со десничарите.

Скандалот во Тирингија ја прелеа чашата за Крамп Каренбауер, чија популарност падна минатата година по низата гафови, вклучувајќи го и исмевањето транссексуалец во говор за време на еден карневал. Таа кажа дека ќе остане на должноста министерка за одбрана и на чело на партијата додека не биде избран нов кандидат за канцелар.

Поради новите околности светот годинава, пишува Гардијан, ќе мора да се навикне на Германија која е свртена кон себе и која внимателно ќе се труди да остане во својата зона на комфор.

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе