Во интервју за Зидојче цајтунг

Меркел: Европа мора да се обедини за да им пружи отпор на Кина, Русија и САД

Германската канцеларка во интервјуто ги сподели и своите ставови за брегзитот и климатската криза.

Европа мора да се репозиционира за да се спротивстави на предизвиците што ги поставуваат нејзините три големи глобални ривали, Кина, Русија и САД, рече Ангела Меркел пред нејзините последни европски избори како германски канцелар.

Соочувајќи се со предизвици од типот на мешањето на Русија во избори, економската моќ на Кина и американскиот монопол врз дигиталните услуги, Европа мора да се подобри во формирањето обединет фронт, рече Меркел во големото интервју за Зидојче цајтунг.

„Нема сомневање дека Европа треба да се репозиционира во еден изменет свет“, рече Меркел во разговорот во својата канцеларија во Берлин. „Она што беше сигурно во повоениот поредок веќе не важи.“

Таа додаде: „Тие (Кина, Русија и САД) постојано нè принудуваат да најдеме заеднички позиции. Тоа често е тешко со оглед на нашите различни интереси. Но ние сепак ја завршуваме работата - размислете, на пример, за нашата политика во врска со конфликтот во Украина.“

„Нашите политики за Африка, исто така, сега следат заедничка стратегија, која пред неколку години ќе беше незамислива. Значи продолжуваме да чекориме напред. Сепак, нашата политичка моќ сè уште не е пропорционална со нашата економска сила“.

Меркел во интервјуто вели и дека брегзитот бил најголемата пресвртна точка на Европа во последниве години, но дека топката сега е во британскиот парламент: „За да може Велика Британија да ја напушти ЕУ, во Лондон треба да има парламентарно мнозинство и за, а не само против нешто.“

Создавањето доволно големо економско богатство за справување со кризата во животната средина останува нејзината „најголема грижа“, рече Меркел и додаде дека Германија имала цел да го прекине загадувањето со јаглерод до 2050 година, но тоа се покажало како „огромен предизвик“.

Партијата на Меркел, која веќе 14 години е канцелар, Христијанско-демократската унија, се соочува со можни значителни загуби на изборите на 23 и 26 мај, иако набљудувачите веруваат дека таа останува доволно популарна за да го истера својот четврти мандат до 2021 година.

Изборите се шанса популистите во Германија и низ целиот континент да извлечат корист од нивната сè поголема популарност, која се должи на поголемата нееднаквост, растечката неизвесност и разочарувањето од политиката во Брисел и во земјите-членки.

„Многу луѓе се загрижени за Европа, вклучувајќи ме и мене“, рече Меркел. „Ова значи дека се чувствувам уште пообврзана да им се придружам на другите во осигурувањето дека Европа има иднина“.

„Едноставно констатирањето дека уживавме седум децении мир повеќе не е доволно да го оправдаме европскиот проект. Без прогресивни аргументи за оправдување на Европа, европскиот мировен проект исто така ќе биде во поголема опасност отколку што некој може да помисли“.

Меркел ја истакна и алармантноста на глобалната еколошка криза. Поранешна министерка за животна средина во кабинетот на Хелмут Кол, Меркел се присетува на конференциите за биолошка разновидност што ги посетувала во средината на 1990-тите години, и вели: „Тажно е да се види како ситуацијата се има влошено на толку многу начини.“

Ангела Меркел со тогашниот канцелар Хелмут Кол, во чиј кабинет служеше како министерка за животна средина

„Јасно е дека постои недостиг од конзистентна политичка акција, на глобално ниво. Она што е клучно за да можеме да дејствуваме во сите сфери, вклучувајќи ја и заштитата на животната средина, е да бидеме економски успешни. Тоа е мојата најголема грижа.“

Меркел не сакаше да каже дали ЕУ ќе ѝ даде на Британија уште едно одложување ако владата на Тереза Меј не успее да го протурка својот договор за повлекување до крајниот рок во октомври.

И, запрашана дали до есенва брегзитот би можело да биде дискутиран од нови лидери и во Лондон и во Берлин, таа повторно одби да одговори, велејќи само: „Ако има нешто за преговарање, Европската комисија ќе го стори тоа во корист на 27-те земји-членки, како што правеше и досега“.

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе