Удар за Путиновите разузнавачки служби

Масовно протерување на руски шпиони од Европа

Руската инвазија на Украина ѝ нанесе удар на нејзината армија и ѝ ја уништи економијата. Сега на удар се и руските шпиони. Австрија, која со години беше центар на руската шпионажа, на 7 април стана последна во низата земји што протераа осомничени руски разузнавачи, по што вкупниот број на руските функционери протерани од Америка и Европа од војната надмина 400. Масовните протерувања, најголеми во историјата, веројатно ќе имаат долгорочни последици за разузнавачките служби на Владимир Путин и нивната способност да шпионираат и да ја поткопуваат Европа, вели Економист.

Фото: ЕПА

Иако САД и Бугарија протераа по 12 Руси во првата недела од војната, новата рунда протерувања почнаа со Словачка и Бугарија во средината на март, по што следуваа Полска и балтичките земји на 23 март, а потоа и низа други, меѓу кои 75 протерани Руси од Франција и Германија на 4 април. Девет земји, и Европската Унија, на 5 април испратија дома повеќе од 150 Руси. Повеќето се наводни шпиони, но не сите - Литванија го протера рускиот амбасадор. Другите држави подготвуваат нови протерувања.

Протерувањето шпиони од вакви размери е без преседан. Тоа е повеќе од двојно над бројот во 2018 година, кога 28 западни земји протераа 153 осомничени шпиони како одговор на рускиот обид за убиство на Сергеј Скрипаљ, поранешен руски разузнавач што работел за Велика Британија, во Солзбери, Англија.

Последните протерувања се „вонредни“ и „требаше да се случат одамна“, рече Марк Полимеропулос, кој ги водеше операциите на ЦИА во Европа и Евроазија до 2019 година. „Европа беше нивното историско игралиште, а нивниот дипломатски персонал отсекогаш бил пеколно голем во повеќето од овие места“. Полимеропулос вели дека на неговото последно работно место „Европа отсекогаш се сметала за клучно бојно поле против Русите“.

Непосредна цел на протерувањето е да се казни Русија за нејзината инвазија на Украина. Официјалните лица од ФСБ, руската безбедносна служба, и ГРУ, воената разузнавачка агенција зад нападот на Скрипаљ, одиграа клучна улога во планирањето и водењето на војната. Целта е, исто така, да ѝ се отежни на Русија да продолжи со клучните активности на нејзината разузнавачка служба: крадење тајни.

Присуството на руските разузнавачи во некои европски земји стана толку големо што на локалните безбедносни служби им стануваше сè потешко да водат евиденција за сомнителните и докажаните шпиони. Минатата година, еден германски шпионски шеф изјави дека руската шпионажа е на исто ниво како за време на Студената војна. Пред новите протерувања, се проценува дека имало речиси 1.000 нерегистрирани руски разузнавачи во амбасадите и конзулатите во Европа.

Меѓутоа, шпионажата не е единствениот проблем. Отстранувањето на разузнавачите ѝ помага на Европа и да се заштити од саботажи и субверзии. Новиот бран протерувања, на некој начин, влече корени од минатата година. Во април 2021 година Чешка ја обвини ГРУ за бомбардирање на складиште за оружје во таа земја. Протера 81 руски дипломат (тоа е една од причините што овојпат беа протерани помалку), Америка уште десет и другите европски земји 14.

Таа епизода, и други слични на неа, доведоа до опсежна проверка на НАТО на руските резидентури (или станици, како што се нарекуваат во Британија и Америка) во западните амбасади и на нивните активности. Утврдено е дека во амбасадите оперираат голем број нерегистрирани разузнавачи од три агенции: ГРУ, ФСБ и СВР, руската надворешна разузнавачка служба од која доаѓаат повеќето шпиони во дипломатските претставништва во странство. Во октомври минатата година НАТО протера осум наводни шпиони од руската мисија во Брисел, како резултат на што Русија пак ја затвори својата канцеларија и го протера НАТО од Москва.

Целта на протерувањето на руските функционери од Европа не е само да се спречат тие да вршат непожелни активности. Целта е и да се спречат да им помагаат и да ги охрабруваат другите. Агентите на ГРУ што го отруја Скрипаљ и го извршија бомбашкиот напад во Бугарија не се преправаа дека се дипломати во Лондон или Софија; тие беа испратени од Москва како агенти без службено покритие. Убијците пристигнале преправајќи се дека се туристи што ја посетуваат катедралата во Солзбери. Овој тип тајни акции често се потпираат на поддршката од локалните амбасади, како што е употребата на дипломатска каса за пренос на нелегален материјал преку граница.

Постои разумна тенденција да се отежнат ваквите работи, но тоа има и своја цена бидејќи Русија возвраќа со иста мера. По протерувањето поради случајот Скрипаљ, Русија протера 189 западни функционери.

Еден од резултатите од ова е дека вистинските дипломати - кои неизбежно се дел од егзодусот - имаат помалку можности да им приоѓаат на обичните Руси во време кога државната пропаганда станува сè позбесната. Како резултат на тоа, министерствата за надворешни работи често се помалку склони кон протерување од безбедносните службеници.

На удар е и бројот на западните шпиони во Москва. Во пракса, ова може да биде помал проблем отколку што изгледа. Дома, руските безбедносни служби имаат повеќе ресурси и овластувања да ги пронаоѓаат западните разузнавачи во амбасадите во Москва отколку обратно - еден офицер на ГРУ може полесно да се движи и да запознава луѓе во Берлин отколку еден офицер на ЦИА во главниот руски град.

Ниту, пак, протерувањето не е трајно решение. Русија практикува да испраќа нови шпиони за да ги заменат оние што си заминале, по што западните контраразузнавачки служби треба да почнат од нула да утврдуваат кој од пониските први секретари е новиот шпион. Некои западни официјални лица велат дека нивната цел е да се погрижат руските амбасади во Европа по обем да не се поголеми од нивните западни пандани во Москва - принцип на кој Чешката Република инсистираше минатата година. За тоа е потребно постојано одбивање на визите и честа размена на информации меѓу сојузниците, за еден службеник протеран од една земја да не биде испратен во друга.

Помалку руски шпиони во Њујорк, Лондон или Париз значи помалку потенцијални двојни агенти. Сепак, сѐ уште ги има многу. А западните шпиони во сегашните околности можат да уловат добар плен меѓу нив. Токму советската инвазија на Чехословачка во 1968 година беше тоа што ги разочара Олег Калугин, генералот на КГБ, Олег Гордиевски, агентот на КГБ во Лондон, и Василиј Митрокин, архиварот на КГБ. Последните двајца станаа спектакуларно успешни агенти за МИ6, додека Калугин стана дисидент и се пресели во Америка. Војната во Украина, многу покрвава од задушувањето на Прашката пролет, може да има слично влијание врз некои од нивните наследници во ГРУ, СВР и ФСБ.

„Многумина од оние што работат овде поради целосниот пристап до информации се целосно свесни дека Русија е понижена во оваа страшна војна“, рече Џонатан Хаслам, историчар на руските разузнавачки служби, „и може да заклучите дека по нивното враќање во татковината тие нема да зависат од режимот.“

Во Москва, се чини дека има превирања во високите ешалони во ФСБ, откако Путин ги обвини за воен дебакл и давање неверодостојни информации. Руските шпиони распоредени во странство и нивните семејства, исто така, се навикнуваат на животот во западните престолнини. Враќањето во сè пототалитарната Москва за нив не е привлечно. „Се надевам дека сите ќе добијат телефонски повик или пресретнување на улица или посета од локалната служба за безбедност заради муабет“, рече Полимеропулос. „Сојузниците треба да стигнат до нив пред тие да заминат.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе