Останува на функцијата до крајот на мандатот?

Мали се шансите за отповикување на Трамп бидејќи им се потребни неговите гласачи

Иако расте бројот на републиканците кои повикуваат претседателот на САД Доналд Трамп да поднесе оставка откако неговите поддржувачи минатата недела упаднаа во Конгресот, медиумите и аналитичарите оценуваат дека се мали шансите за отповикување на претседателот пред да истече неговиот мандат на 20 јануари, особено затоа што тоа не е во политичкиот интерес на оние кои имаат моќ да го сменат.

EPA-EFE

Републиканскиот сенатор Пет Тумеј, до неодамна конзервативен поддржувач на Трамп, ѝ се придружи вчера на неговата партиска колешка сенаторката од Алјаска Лиза Мурковски и го повика Трамп да поднесе оставка кажувајќи дека републиканскиот би можел да се соочи со кривична одговорност.

Претходно републиканскиот сенатор Бен Саси, чест критичар на Трамп, кажа за Си-би-ес дека тој „дефинитивно би размислил“ за импичмент, додека друг републиканец Адам Кинзингер го повика Трамп да поднесе оставка и потпретседателот Мајк Пенс да го активира 25-от амандман ако претседателот одбие сам да се повлече.

„Мислам дека најдобриот начин за нашата држава е претседателот да поднесе оставка и да замине што е можно побрзо“, кажа Тумеј за Ен-би-си, нарекувајќи го Трамповото однесување по изборите како „невидено“.

Тумеј, кој планира да се пензионира по истекот на мандатот во 2022, кажа дека смета дека Трамп паднал во одреден степен на „лудило“ по изборите. „Мислам дека тој не е подобен никогаш повеќе да се кандидира за јавна функција поради невиденото однесување во постизборниот период“, кажа Тумеј за Ен-би-си.

Најбрзиот и најлесен начин за смена на Трамп би било тој да поднесе оставка.

Меѓутоа, судејќи по неговото досегашно однесување шансите тоа да го направи се рамни на нула, наведува Економист и истакнува дека во таа смисла повиците до претседателот да си замине се само изразување став, без очекувања дека нешто ќе се смени.

Сенаторот Пет Тумеј истапи во момент кога демократите во Претставничкиот дом се подготвуваат да почнат постапка за отповикување и додека трае сојузната истрага за нападот врз седиштето на власта во Вашингтон.

Демократските членови на долниот дом на Конгресот денес треба да ја поднесат основата за импичментот, во постапката која претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси ја најави во случај Трамп да не биде сменет со други средства. Претставничкиот дом потоа, како што за Си-ен-ен кажа демократот Џејмс Клиборн, би ги разгледувал членовите за отповикување во вторник или среда. Демократите го обвинуваат Трамп дека „ја загрозил безбедноста на САД“ и нивните институции. Тоа на Трамп би му било второ гласање за импичмент. Сенатот под контрола на републиканците минатата година го ослободи во првиот процес, почнат поради неговите барања од Украина да ги истражува неговите политички ривали. Ниеден претседател на САД не бил сменет преку импичмент. Ниту против некој претседател била водена постапка за отповикување два пати.

Тумеј кажа дека тој смета дека нема време за почнување постапка за отповикување на само десет дена од крајот на мандатот на Трамп и истакна дека најверојатно нема консензус за активирање на 25-от амандман на уставот за смена на Трамп, кого би го заменил потпретседателот Мајк Пенс.

Одделни републиканци бараат од Трамп да поднесе оставка во корист на Пенс, и да го повтори потегот на Ричард Никсон кој му ја предаде власта на Џералд Форд во 1974. Трамп и Пенс, како што пренесува Гардијан, не разговарале од немирите на Капитол. Сепак, британскиот весник оценува дека тој чекор е малку веројатен.

Тамеј вчера го повтори ставот на демократите и одделни републиканци дека Трамп го поттикнал насилството во Капитол во кое настрадаа пет лица и кажа дека треба да сноси одговорност. „Однесувањето е нечуено. Треба да сноси одговорност. Мислам дека претседателот се дисквалификуваше некогаш повторно да врши јавна функција“.

Доколку Трамп не се помилува сам себе – што е потег кој би подразбирал признавање на вината и веројатно не би имал легитимитет, против него по напуштањето на должноста би можела да биде отворена сојузна истрага. Помилувањата повеќе не важат за сојузни истраги, истакнува Гардијан.

Доколку би бил прогласен за виновен по напуштањето на должноста, Трамп би ги изгубил сите бенефиции кои ги уживаат поранешните претседатели, како обезбедување и пензија, а Сенатот би можел да гласа да му забрани да се кандидира за втор мандат. Импичмент или сменување би можело да значи дека Трамп не може да се кандидира за сојузна функција, со што неговата кампања за 2024 година би била прекината пред да почне. Тоа на одделни републикански сенатори кои ја сакаат номинацијата за себе може да им делува примамливо. Меѓутоа, сите тие, како што пишува Економист, се надеваат дека ќе ги освојат гласовите на поддржувачите на Трамп поради што е проблематично гласањето за негово сменување. Републиканскиот естаблишмент смета дека долгорочната политичка иднина на партијата зависи од задржувањето на гласачите кои го сакаат Трамп.

Затоа, според Економист, најверојатниот исход е дека Трамп, на кој му е забрането да ги користи Фејсбук и Твитер, но и понатаму командува со американскиот нуклеарен арсенал, ќе остане на должност до крајот на мандатот. Тоа исто така значи дека, доколку сака, ќе може повторно да се кандидира.

Во овој момент тоа изгледа малку веројатно, но не смее да се заборави дека Трамп пред само два месеци го освои вториот највисок број гласови во американската историја.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе