Шпигл

Макрон ја игра лисицата во ЕУ-кокошарникот

Францускиот претседател Емануел Макрон има грандиозна надворешнополитичка визија за Европа и енергично ја турка напред. Во тој процес, тој ги налути Германија и другите сојузници од Европската Унија, пишува германски Шпигл.

Со микрофон во десната рака, левата рака лежерно пикната во џеб, францускиот претседател Емануел Макрон стоеше на сцената во некогашната кланица во Париз, вртејќи се од една на друга страна за да ѝ се обрати на целата своја публика. А тоа беше добра публика. Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш беше таму, како и идната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Леен, германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас, претседателот на Демократска Република Конго и други водечки политичари.

Беше вторник наутро минатата недела и Макрон го одржуваше воведното обраќање на Парискиот мировен форум, дводневен настан чија цел беше да ги собере на едно место некои од најголемите актери на светската сцена. Тоа е изум на француската влада, типичен амбициозен макроновски проект.

Макрон зборуваше 22 минути за хегемонијата и колонијализмот, за Првата светска војна и за падот на Берлинскиот ѕид. На крај, тој ја цитираше неодамна починатата унгарска филозофка Агнес Хелер, која рече, според раскажувањето на Макрон, дека повеќе од кога било, сега е потребен одреден хероизам за да се дојде до одговорите за сегашноста. Кукавичкото вртење глава на другата страна, останувањето заглавен во старите навики и неправењето ништо, продолжи Макрон, не е опција за сите оние на кои гласачите им дале политички мандат.

Пораката што Макрон се обидуваше да ја испрати со цитирање на унгарската интелектуалка беше релативно јасна. Јас, Емануел Макрон, како да велеше, во моето масовно критикувано интервју за Економист не направив ништо друго освен што ѕирнав во нашата сегашност раскината од кризи и извлеков свои заклучоци. Дел од оваа вежба беше да се фрли сомнеж на функционалноста на НАТО и на спремноста на Германците да работат кон воспоставување силна, суверена Европа.

Ретко кога некое интервју предизвикало толкава загриженост во Европа како ова на Макрон за Економист, кое ги преплави трафиките минатиот четврток. Во интервјуто, францускиот претседател претпоставува дека НАТО претрпело „клиничка смрт“, се прашува дали Членот 5 на НАТО сè уште е функционален и предупредува за евентуална апокалиптична иднина за Европа.

 

„Ова не е тоа“

Наводно, велат извори во Париз, француското Министерство за надворешни работи било информирано за содржината на интервјуто на Макрон со Економист дури 48 часа пред објавувањето. Во меѓувреме, Берлин беше комплетно неинформиран. Пред славниот говор на Макрон во 2017 година на Сорбона, каде што изнесе далекосежни предлози за иднината на ЕУ, германската канцеларка Ангела Меркел претходно доби копија. Но, во оваа прилика, таа беше фатена неспремна.

„Секогаш треба да прашате како се развива довербата“, вели еден германски дипломат. „Ова не е тоа“.

Сепак, германската влада во голема мера ги дели сомнежите на Макрон за ефективноста на трансатлантскиот сојуз. Но искажувањето сомнеж во Членот пет, основачкиот член на НАТО според кој од сите членки на Алијансата се бара да помогнат доколку една членка биде нападната, е нешто што повеќе би го очекувале од некој како американскиот претседател Доналд Трамп.

Германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас е загрижен дека сегашната дискусија за НАТО би можела да заврши со поделба на Европа. Особено Источноевропејците сметаат дека францускиот претседател целосно ги игнорира нивните грижи. „Освен тоа, сите тие, секако, претпоставуваат дека неговите коментари биле координирани со нас, што не беше така“, вели Маас. Тој додаде дека претстојните прослави за 70-годишнината на НАТО, кои треба да се одржат во почетокот на декември во Лондон, сега мора да бидат екстремно добро подготвени.

И во Брисел сфаќањето на коментарите на Макрон е ограничено, иако причина за тоа не мора толку да е неговата анализа, која ја споделуваат многумина во главниот град на ЕУ. „Емануел Макрон е во право за околу 95 проценти од она што го рече“, рече министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн. „Но постоењето на НАТО како воен сојуз не е предмет на дебата“.

Макрон не се плаши од табуа. Патеката што заврши со негово влегување во Елисејската палата во мај 2017 година беше спротивна на сите правила на француската политика. За прв пат од 1958 година, Французите избраа претседател што не ѝ припаѓа на една од етаблираните политички партии. Макрон постигна успех токму затоа што не се приспособи на постојните структури и тоа останува негово клучно политичко достигнување до денес денес.

 

Човек со убедувања

Ова ја објаснува и причината зошто тој сметал дека може да се однесува како лисицата во кокошарникот на Европа, без претходно да ги извести своите германски партнери. Тој се надева дека шокот од неговите коментари ќе покрене промена и дека некој друг ќе се исчисти по него. Макрон, амбициозниот производ на елитните училишта, е и коцкар. И човек со убедувања.

Ова стана очигледно уште во 2017 година, кога тој ја предизвика ЕУ да се разбуди од својата застоена дремка. Оттогаш, тој залудно чекаше адекватен одговор од Берлин на неговите многубројни предлози за реформа на ЕУ. Минатата недела Макрон повикот за будење од 2017 година го претвори во продорен аларм, делумно поради неговото цврсто убедување дека останува многу малку време за да се спаси ЕУ.

Внатре во германското Министерство за надворешни работи - предводено, како што е, од социјалдемократот Маас - може да најдете најголемо разбирање за нетрпеливоста на Макрон, со оглед на преовладувачкото чувство таму дека канцеларката никогаш не изреагирала соодветно на реформските предлози од францускиот претседател. Како и да е, во Министерството има раширено чувство дека одлуката на Макрон да тргне сам е прилично неевропска.

„Мислам дека е легитимно да се водат вакви дискусии“, вели Маас, „дури и ако не би се согласил со неговиот избор на зборови. Но во германско-француските односи треба да се стремиме кон единство кога станува збор за нашиот стратегиски пристап, за да не се направи трајна штета“.

Кај канцеларката, пак, постои фрустрација поради фактот што германската влада постојано се прикажува како колеблива, додека Макрон секогаш е тој со смелите идеи. „Ние значително напреднавме на голем број прашања, а потоа прочитавме дека германската позиција за еврозоната е неодбранлива“, вели еден владин советник. „Фала многу“.

Во суштина, има нешто парадоксално во сегашните германско-француски односи. Од една страна, двете земји остварија големи чекори во голем број области во последните две и пол години. Во летото 2017 година тие се согласија за развој на заеднички борбен авион и предложија заеднички европски одбранбен фонд. Во наредните пет години Европскиот механизам за стабилност, постојаната програма за финансиска помош, треба да биде финансиран во висина од над 55 милијарди евра. А германскиот министер за финансии Олаф Шолц неодамна ги претстави своите планови за осигурителна шема на депозити низ цела ЕУ.

 

Решителност, енергија и бестрашност

Од друга страна, сепак, Берлин и Париз докажаа дека не можат да ги продаваат заедничките проекти како успеси.

Друг аспект на парадоксот е фактот дека на Германците сè уште многу им се допаѓа Макрон. Неговата решителност, енергија и бестрашност продолжуваат да ги импресионираат политичарите во Берлин. Меѓутоа, во исто време германската влада никогаш не успеа да собере храброст да застане зад визијата на Макрон за ЕУ. И сега, по повеќе од две години чекање, постојаниот тек на Макроновите соло-иницијативи ги натера германските дипломати - кои обично не се познати по јавното покажување емоции - да ја загубат својата прибраност. Тие ја гледаат 2019 година како годината во која Макрон застана на патот на многу прашања и се изолираше со своите барања.

Француско-германскиот раздор почна во почетокот на февруари, кога Франција одеднаш и без предупредување се приклучи на страната на оние што се спротивставуваа на изградбата на гасоводот за природен гас Северен тек 2. Германските преговарачи беа фатени неспремни и пресвртот на Франција значеше дека одеднаш мнозинството во ЕУ ги поддржува новите правила за природен гас што ќе го отежнат завршувањето на проектот. Тоа на Европската комисија ќе ѝ ја дадеше можноста да постави нови пречки на патот на контроверзниот проект. Компромис беше најден дури во последната минута.

Недовербата меѓу Париз и Берлин потоа се зголеми на крајот на февруари кога се постави прашањето како ЕУ треба да се позиционира во трговската караница со американскиот претседател Доналд Трамп. Со оглед на тоа што Берлин едвај чекаше да ѝ даде на европската комесарка за трговија Сесилија Малмстром преговарачки мандат да ги избегне несаканите царини за увозот на автомобили од Европа, на Париз воопшто не му се брзаше. Со изборите во Европскиот парламент на повидок, Французите не сакаа да остават впечаток дека трговскиот конфликт со САД може да ги вклучи и земјоделските производи и негативно да влијае на француските земјоделци.

Француските дипломати во Брисел се свесни за фактот дека разликите меѓу Берлин и Париз се зголемуваат. Спротивно на тоа, берлинските власти инсистираат дека дека првите линии на фронтот се помеѓу Париз и остатокот од ЕУ. Тоа лесно може да се види кога станува збор за брегзитот. Во последните месеци, Макрон повеќепати неуспешно бараше на Велика Британија да не ѝ се даде одложување или, ако е неизбежно, да ѝ се даде само кратко одложување. Од неодамна Французите речиси немаат сојузници за ова прашање.

 

„Историска грешка“

Макрон беше слично изолиран на самитот на ЕУ кон средината на октомври, кога го блокираше почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија употребувајќи го своето право на вето. Претседателот на Комисијата во заминување, Жан-Клод Јункер, тоа го нарече „историска грешка“ што може да ја загрози стабилноста на балканската земја. Меркел, исто така, истакна дека довербата во ЕУ мора да „остане сигурна“.

Инсајдерите велат дека станало јасно како би гласал Макрон по ова прашање дури еден ден пред шефовите на држави и влади на ЕУ да се соберат на самитот. Кога персоналот на канцеларството ќе праша во Елисејската палата зошто не се секогаш информирани, понекогаш добива одговори дека тие досега соработувале само со администрацијата на Трамп во Вашингтон: персоналот на Шанзелизе има само ограничено влијание врз претседателот, им се вели.

Во август, Макрон иницираше нов пристап кон Русија без воопшто да се консултира со своите сојузници. Само неколку дена пред самитот на Г-7 во Бијариц, група од која Русија беше протерана по анексијата на Крим, Макрон го покани рускиот претседател Владимир Путин во јужна Франција на разговори.

Да не се разговара со Русија би било голема грешка, рече Макрон непосредно пред консултациите. Русија, рече тој, е дел од Европа и не може и не треба да се игнорира, додавајќи дека верува во моќта на географијата и европската историја. Дури тогаш почна сè повеќе да станува јасно дека Макрон размислува за нов безбедносен концепт за Европа.

За Макрон, силна Европа е онаа што самоуверено бара дијалог со големите и со средните сили во целиот свет. Колку повеќе правиме за да се осигуриме дека Русија станува сила во рамките на Европа, рече тогаш Макрон, толку подобро. Набргу по самитот, Макрон ги испрати францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан и министерот за одбрана Флоренс Парли во Москва. По долгогодишниот молк, тие двајца разговараа со своите руски колеги за можната француско-руска безбедносна соработка. Канцеларството и Министерството за надворешни работи во Берлин дознаа за разговорите од весник. Дури и во Париз, набљудувачите почна да ги вознемирува недостигот од дипломатски подготовки пред многубројните надворешнополитички активности на претседателот.

Многумина тврдат дека екстремно активната надворешна политика на францускиот претседател е мотивирана од домашни теми. На Макрон му требаат видливи достигнувања пред општинските избори во март. Инаку, неговата партија - која не е длабоко вкоренета во малите градови или во селата - може да биде поразена. Протестите што се најавени за крајот на годината - штрајкот на 5 декември од железничкиот оператор СНЦФ и Париското метро, покрај очекуваниот отпор кон владиниот план за пензиска реформа - имаат потенцијал да стават уште поголем товар на рамениците на Макрон.

 

Оние што се борат

На крајот на краиштата, сепак, Макрон веројатно само го прави она на што уште од самиот почеток рече дека му е посветен: стремеж кон активен, самоуверен пристап кон европската политика заради позиционирање на стариот континент како нов геополитички играч.

Тука е вклучено и неговото патување во Кина пред две недели, на кое тој демонстративно ги однесе германските бизнис-лидери, германската министерка за образование, Ања Карлицек, и еден европскиот комесар. Макрон би сакал од сега па натаму односите со Кина да бидат билатерални „сино-европски“. И дури и покрај тоа што малку ги изрекламира француските производи на кинескиот Меѓународен импорт експо во Шангај, Кинезите својот гостин во голема мера го видоа како претставник на Европа. На последниот ден од неговата посета во Пекинг, кога беше потпишан договорот меѓу ЕУ и Кина за заштита на разни европски прехранбени производи од фалсификување, во Големата народна сала беа поставени и кинеското знаме и знамето на ЕУ. И тоа, исто така, беше прилично необично за една билатерална посета.

За Макрон, не е контрадикторно НАТО да се стави на еден вид стрес-тест во името на неговата европска политика. Веројатно според францускиот претседател Европа не може да биде силна и суверена без сигурна и независна безбедносна политика.

Амели де Моншалан, француски државен секретар за Европа, е вклучена во неколку дискусии во последните неколку дена. На неа ѝ се падна да ги смирува вознемирените Источноевропејци и да ги објаснува коментарите на својот претседател. „Тајмингот на интервјуто не беше избран случајно“, вели таа. „Новата Европска комисија наскоро ќе почне со работа, а самитот на НАТО во Лондон се приближува за нешто повеќе од две недели. Се наоѓаме во момент кога мора да се постават вакви прашања“.

Изгледа дека Емануел Макрон - во „време на досега невидена криза за нашата демократија“, како што тој ја нарекува - едноставно повеќе не сака да чека. Тој не сака да ја чека Германија, ниту сака да ги почека оние што првенствено се преокупирани со себеси, земји како Велика Британија, Италија и Шпанија.

Да се биде добар тимски играч никогаш не било негов главен приоритет. Можеби тој едноставно премногу го читал Виктор Иго: „Ceux qui vivent sont ceux qui luttent“, напиша тој. „Оние што живеат се оние што се борат“.

Објавено

Сабота, Ноември 23, 2019 - 19:27

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе