Според француските медиуми

Макрон брзо стана популарен, а по 100 дена власт се соочува со скептицизмот на граѓаните

Младиот француски претседател Емануел Макрон кој брзо стана популарен во предизборната кампања по 100 дена од доаѓањето на власт се соочува со скептицизмот на Французите, оценија француските медиуми.

Весникот Фигаро пишува дека Макроновата популарност паднала од 43 на 36 отсто што е помалку од популарноста на поранешниот социјалистички претседател Франсоа Оланд, инаку рекордер како најпопуларен претседател, која ја имаше по 100 дена владеење во 2012 година. Тогаш Оланд имаше доверба од 46 отсто од Французите.

Директорот на институтот Ифоп Жером Фуке смета дека „опаѓа еуфоријата“ или „макрономанијата“ која владеела за време на претседателските и парламентарните избори и додаде дека „Французите сега очекуваат резултати и понатамошни реформи“.

Падот на популарноста најмногу е предизвикан, според француските аналитичари, од оставката на началникот на Генералштабот на француската војска Пјер де Вилије.

60-годишниот Де Вилије кој со Макрон се судри околу воениот буџет, поднесе оставка кон средината на јули, набрзо по воената парада организирана за францускиот државен празник Денот на падот на Бастиља.

Весникот Нувел оперватер се осврнува на Макроновите постигнувања во првите 100 дена. Весникот потсетува дека Макрон исполнил едно предизборно ветување, а тоа е законот за морализација на политичкиот живот бидејќи кандидатот на центарот за време на кампањата оцени дека политичарите мора да бидат беспрекорни.

Законот содржи мерка за забрана за вработувања на членови на семејството, што беше главна тема за време на кампањата откако беше откриена аферата за фиктивното вработување на сопругата на кандидатот на десницата Франсоа Фијон. На почетокот фаворит, Фијон беше поразен во првиот круг од изборите.

Француската влада расправа и за нов закон кој се однесува на борбата против тероризмот. Новиот закон предвидува јакнење на мерките за безбедност во борбата против тероризмот како и општо јакнење на внатрешната безбедност на земјата, за во некое догледно време да биде укината вонредната состојба воведена во 2015 по терористичките напади во Франција.

Општа е оценката на медиумите дека Макрон развил стил на „ретко обраќање“ и „свечен тон“ што можело да се навести на денот на неговата изборна победа. Тој тогаш сосема сам, што потсети на стилот на покојниот социјалистички претседател Франсоа Митеран, прошета до пирамидата на музејот Лувр каде им се обрати на своите поддржувачи.

На меѓународен план и во дипломатијата, Макдон за три месеци прими бројни странски дрѓавници, меѓу кои и претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп. Аналитичарите сметаат дека младиот претседател станува сѐ подоминантен во Европската Унија во однос на германската канцеларка Ангела Меркел која наскоро ја чекаат парламентарни избори.

Француските медиуми пишуваат дека Макрон по доаѓањето од годишниот одмор кон крајот на август го чекаат нови предизвици на внатрешен план, меѓу кои е либерализација на законот за труд со цел намалување на невработеноста.

Францускиот претседател вети и дека ќе ја прецизира улогата на првата дама, во јавноста омилената Брижит Макрон. Првата дама во Франција инаку нема официјален статус.

Планирана е мини турнеја низ Европа како и средба на 28 август во Париз, на која се поканети, покрај Меркел, премиерите на Шпанија и Италија, Маријано Рахој и Паоло Џентилони.

39-годишниот Макрон кој беше избран во вториот круг на претседателските избори на 7 мај, официјално стапи на должност на 14 мај годинава, а 100 дена од неговото владеење официјално се навршуваат во вторник 15 август.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе