Протести на Апенините

Мафијата поттикнува насилство на протестите во Италија

На протестите во Италија против мерките за сузбивање на ширењето на коронавирусот имаше насилство, за кое владата ја обвини мафијата, која прави сѐ што може за да спречи пандемијата да го загрози нејзиниот бизнис.

EPA-EFE

Италијанските власти соопштија дека Мафијата ги планирала и ги диригирала демонстрациите во Наполи на кои во петокот беше нападната полицијата.

Демонстрантите излегоа на улиците низ Италија за да го изразат бесот поради најновата тура рестрикции, вклучувајќи го скратеното работно време на кафулињата и рестораните.

Во финансиската престолнина Милано демонстрантите со запаливи бомби ги гаѓаа полицајците, кои возвратија со солзавец. „Слобода, слобода, слобода“ извикуваше толпата по судирот со полицијата во центарот на градот. Во Торино беа искршени излозите на луксузните продавници, а некои беа и ограбени, поради што беа уапсени десетина престапници. Полицијата во Рим употреби и водени топови за да ги разбрка демонстрантите на протестот против ограничувањата. Дојде до судири на ултрадесничарските демонстранти и полицијата.

Се очекуваше премиерот Џузепе Конте да ги одобри мерките кои ќе им помогнат на компаниите погодени од ограничувањата кои беа воведени за време на викендот откако дневниот број на заразени се зголеми за осум пати за помалку од месец.

Властите на јужниот регион Кампања воведоа полициски час од 11 навечер до пет наутро и објавија планови за едномесечен карантин.

Како и останатите бизниси во Италија, тамошната мафија Камора е погодена од ковид мерките поради кои се затворени продавниците и рестораните, од кои земаат рекет. Полицискиот шеф во Наполи Алфредо Фаброчини вели дека мафијата станала „погладна“.

Економскиот хаос кој го предизвика кризата создаде можност мафијата да ги преземе погодените фирми, но карантинот е лоша вест бидејќи засилената контрола ја ограничува нивната слобода на функционирање. Полицијата проценила дека, со затворањето на ноќниот живот во Италија, приходот на Камора од дрогата ќе падне за дури 60 отсто, пренесува Политико.

Една од мерките кои Конте ги објави во неделата е затворање на кафулињата и рестораните во 6 попладне. Кампања, Лацио и Ломбардија, регионите со најмногу случаи на коронавирусот во Италија, воведоа полициски час во обид да го сузбијат ширењето на заразата.

На еден протест во Наполи во петокот, полицијата идентификувала членови на четири семејства на Камора за кои се верува дека ги насочувале насилствата. Демонстрантите со камења гаѓаа полицајци и ги напаѓаа во нивните автомобили, кои ги демолираа со палки. Нападнати беа и неколку новинари. Претседателот на регионот Кампања Виченцо де Лука настаните ги опиша како „герилско војување“.

Де Лука повика на построги мерки за сузбивање на ширењето на вирусот. „На раб на трагедија сме. Потребен ни е национален карантин“. Владата им одолева на таквите повици поради економските и општествените последици.

Главниот обвинител за борбата против мафијата Федерико Кафиеро де Рахо за локалниот весник Ил матино кажа дека „200 скутери ги следеле демонстрациите, а потоа, по договорениот сигнал, тргнале во напад на полицијата“.

„Интензитетот на насилствата кажува дека виновниците не се сопственици на ресторани или компании, или работници“, кажа тој, додавајќи дека на мирните демонстранти им се придружиле припадници на ултрадесницата и анархисти. „Она што се случи е реален, опиплив напад врз државата“.

Демонстрациите ги поддржа неофашистичката партија Форца нуова.

„Нека Наполи биде првиот град кој стана против здравствената диктатура“, кажа пред демонстрациите лидерот на партијата Роберто Фјоре.

Де Лука кажа дека протестите немаат никаква врска со легитимните грижи на фирмите поради полицискиот час и дека најмалку една недела биле планирани и координирани на социјалните мрежи.

Џузепе Анточи, претседателот на Фондацијата Капонето, центар за истражување на мафијата, кажа дека мафијата се противи на полицискиот час и карантинот бидејќи зголемувањето на полициската контрола и затворањето влијаат врз нивната способност да собираат рекет и ги намалува приходите од продажбата на дрога. „Карантинот во првиот бран ги сотре“, кажа Анточи за Политико.

Тој истакнува дека мафијата ги користи протестите за да поттикне гнев и општа недоверба кон државата. „Им одговара да создадат атмосфера на конфликт меѓу народот и државата. Покажуваат дека државата не е тука да помогне и тие се нудат да пружат помош. На тој начин ја шират мрежата на сојузници“.

„Ако мафијашкиот бос плати за вашата продавница кога вие не можете, тој станува ваш добротвор“, објаснува тој. „Постои ризик да се вратиме 30 до 40 години наназад, кога шефовите на мафијата беа сметани за арбитри кои ги решаваа проблемите и споровите“.

Многу фирми кои го преживеаја карантинот сега ќе пропаднат ако не добијат помош, а мафијата има скриени пари кои мора да ги испере со вложување во легитимни претпријатија, вели Анточи. Ако фирмите им се обратат на мафијашите кои позајмуваат пари, каматата е толку висока што на крајот ќе мора да ѝ отстапат на мафијата дел од бизнисот. „Државата мора да им помогне на тие фирми, брзо, бидејќи во спротивно мафијата ќе го направи тоа“.

Сандро Руотоло и Паоло Сјани, пратеници од Наполи, ја повикаа владата во заедничко соопштение да им помогне на претпријатијата и претприемачите кои се борат да врзат крај со крај за да спречат мафијата да ја преземе улогата на спасител. До оние кои легитимно протестираат, апелираа да се дистанцираат од мафијата, да ги „изолираат, идентификуваат и сопрат. Секој чин на насилство треба да се осуди, никогаш да се оправдува“.

Сенаторот Никола Мора, шефот на собраниската комисија за борба против мафијата, предупреди дека бандите би можеле да профитираат од пандемијата. „Таму каде што има немаштија и незадоволство, се создава мит за добриот мафијаш од Камора кој ве штити и се грижи за вас. На југот и понатаму можете да слушнете, за жал, дека мафијата е добра“, се наведува во соопштението.

Камора, како што пренесоа италијанските медиуми, на локалните жители кои се погодени од рестрикциите, им нудела финансиска поддршка за да придобие нови членови и да освои дополнителна територија. Нејзините агенти на најзагрозените во регионот им делеле пакети со храна и банкноти од 50 евра.

„Некогаш бараа пари, сега ги даваат, а потоа ќе бараат нешто за возврат“, вели Луиџи Јуомо, претседателот на СОС Импреза, националната агенција за борба против рекетот, која ги штити малите и средните претпријатија.

„Обвинителот Де Рахо вели дека „сиромаштијата е првата линија на интервенцијата за разните мафијашки групи, и за регрутирање и за стекнување општествена моќ“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

повеќе

Утрово осамна уште еден ден од ноември, 20-от ден од месецот. Остануваат точно уште 456 дена до 100-годишнината од коморскиот систем во нашата земја.

повеќе