Како се толкуваат изјавите на белорускиот претседател

„Лукашенко не сака да стане гувернер на руска провинција, тврди дека е спремен за борба“

Белорускиот лидер Александар Лукашенко се пофали вчера со стоплување на врските со САД додека претставници на таа земја преговараат за алтернативен увоз на енергија, во обид да добијат отстапки од Русија.

Лукашенко бара од Русија, како свој главен сојузник и снабдувач, да продолжи со испораката на нафта и гас по ниски цени за да ја поддржи економијата на таа земја, но Кремљ ги намали енергетските субвенции, тврдејќи дека Белорусија би требало да прифати потесни економски и политички интеграции за да продолжи да добива евтини нафта и гас од Русија.

Лукашенко изјави дека се надева дека во петок ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на нова рунда разговори, а Путиновиот портпарол Дмитриј Песков потврди дека состанокот е планиран.

Двајцата лидери се сретнаа двапати во декември, но не успеаја да ги надминат разликите, што резултираше со намалување на руските испораки на нафта на Белорусија на почетокот на годината.

Транзитните испораки на руската сирова нафта во Европа преку Белорусија продолжуваат непречено, но белоруските рафинерии се сведени на минимален капацитет.

Во минатото Белорусија заработуваше од извозот на нафтени деривати произведени од евтината руска нафта.

Лукашенко бара алтернативни извори на снабдување и минатиот месец Белорусија купи сирова нафта од Норвешка.

Министерот за надворешни работи на Литванија Линас Линкевичиус го посети во вторникот Минск за да разговара за можните испораки на нафта.

Белорускиот претседател во меѓувреме, минатиот викенд, се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео оценувајќи го тоа како знак на потоплите врски со Вашингтон.

Помпео, првиот државен секретар кој ја посетил Белорусија по 26 години, кажа дека САД би можеле да ѝ обезбедат на Белорусија 100 отсто гас и нафта и истакна дека сака да ѝ помогне на Белорусија да го зачува својот суверенитет.

Лукашенко, кој е на власт подолго од 25 години, почна во последните години да влече кон Западот поради растечките тензии во односите со Русија.

САД и ЕУ укинаа дел од санкциите на таа земја кога Белорусија ги ослободи политичките затвореници.

Русија и Белорусија потпишаа договор за сојуз во 1997 година кој предвидува блиски политички, економски и воени врски, но не и една држава.

Многумина во Белорусија стравуваат дека Путин, кој е на власт веќе две децении, би можел да проба спојување со Белорусија како начин да остане на чело на новата сојузна држава откако во 2024 година ќе му истече претседателскиот мандат.

Аналитичарите изјавите на Лукашенко ги толкуваат како продолжување на неговата долгогодишна тактика на добивање отстапки од Москва, но предупредуваат дека „не постои реална алтернатива на руските нафта и гас бидејќи другите опции се значително поскапи“.

„Кремљ јасно му кажува на Минск дека треба да плати за независноста, но Лукашенко не сака да стане гувернер на руска провинција и одговара дека е спремен на борба“, вели независниот политички аналитичар од Минск Валериј Карбалевич.

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе