Извештај на БиЕПАГ

Луѓето од Западен Балкан веруваат во теориите на заговор за ковид-19 повеќе од другите Европејци

Луѓето од Западен Балкан веруваат во заговори повеќе од луѓето во другите делови на Европа, што го зајакнува нивниот недостиг од доверба во институциите и на крај претставува закана за демократијата, се едни од главните заклучоци на извештајот на Советничката група за политика за нов Балкан во Европа под наслов „Сомнителниот вирус: заговорите и ковид-19 на Балканот“, претставен на настанот организиран од Иницијативата за иднина на Атлантскиот совет. 

Фото: ЕПА

Извештајот се базира на податоците што доаѓаат од истражување на јавното мислење спроведено во шесте земји од Западен Балкан во октомври 2020 година.

Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац и координатор на Советодавната група за политика на Балканот во Европа (БиЕПАГ) рече дека повеќе од три четвртини од анкетираните на Западен Балкан веруваат во која било од петте теории на заговор поврзани со ковид-19.

„Било дека е направен во кинеска лабораторија, било дека фармацевтската индустрија е таа што го шири, било дека Бил Гејтс се обидува да го чипира населението или дека 5Г-технологијата е одговорна, 77,1% веруваат до одреден степен во тоа, што е многу поголем процент отколку на други места во Европа. Во поголем дел од Европа мнозинството е за вакцинирање, а на Балканот мнозинството е против вакцинирање. Тоа е силно поврзано со вербата во теории на заговор, така што теориите на заговор имаат директно влијание врз јавните здравствени политики“, рече Бибер.

Тена Прелец, научен соработник на Универзитетот во Оксфорд и член на БиЕПАГ, истакна дека образованието, возраста, полот и поделбата меѓу урбаните и руралните области немаат влијание во однос на тоа колку луѓето веруваат во теориите на заговор.

„Геополитичките расцепувања, геополитиката и геополитичките наративи може да играат одредена улога. Видовме дека српските испитаници од Србија и етничките Срби од другите земји од Западен Балкан се повеќе наклонети кон Кина од другите испитаници“, рече Прелец.

Таа исто така рече дека наодите од извештајот имплицираат дека испитаниците од малцинствата се повеќе склони да веруваат во теории на заговор отколку испитаниците што им припаѓаат на мнозинските групи.

„Ако она што го добивате од институциите е нешто во што не верувате, а медиумите се тесно поврзани со институциите, тоа ви кажува многу за односот помеѓу малцинските испитаници и владите. Во случајот на косовските Срби, тие помалку веруваат во заговори поврзани со Кина отколку нивните албански сонародници, а во исто време над 90% од нив веруваат во теории на заговор поврзани со фармацевтската индустрија и учество на Бил Гејтс во коронавирусната криза“ , рече Прелец.

Дејан Јовиќ, професор по меѓународни односи на Факултетот за политички науки, Универзитет во Загреб и член на БиЕПАГ, рече дека теориите на заговор во кои денес луѓето веруваат имаат врска со историјата и наследството од различните заговори што постоеле во регионот.

„Распадот на Југославија значеше колапс на повеќе или помалку сите постјугословенски држави. Во нив, разни етнички групи почнаа да се обвинуваат едни со други, надворешни влијанија, врски на внатрешни предавници и надворешни непријатели, и сето тоа беше плодна почва за теории на заговор “, објасни Јовиќ.

Димитар Бечев, надворешен соработник на Атлантскиот совет, директор на Институтот за европска политика во Софија и член на БиЕПАГ, рече дека наодите од извештајот покажуваат дека дезинформациите потекнуваат однадвор, од геополитичката димензија и надворешната политика, но дека мора да гледаме кон домашните „чувари“.

„На Западен Балкан, главните медиуми се склони кон теории на заговор. На пример, размислете за сите насловни страници што ги објавуваат српските таблоиди во врска со Албанците што се обидуваат да создадат голема Албанија или Хрватите што се вооружуваат да ја нападнат Србија. Оваа култура на дезинформација е подложна на приемчивост на теоретизирањето заговори“, рече Бечев.

Прелец додаде дека, и покрај тоа што луѓето на Западен Балкан се многу повеќе склони кон теории на заговор отколку луѓето во другите делови на Европа, Балканот сè уште не е уникатен во таа смисла.

„Во многу случаи, владата и главните медиуми се сметаат за една иста работа. Затоа не е потребно владата проактивно да ги шири овие теории на заговор, бидејќи без оглед какви наративи таа ќе протурка преку своите говори, тие ќе бидат прифатени од медиумите, кои се многу читани меѓу населението“, рече Прелец.

Според Јовиќ, концептот на жртва, кој е особено важен на Западен Балкан уште од војните во 90-тите, бил мошне корисен за развој на посебни заговорнички интерпретации денес.

„Секој се претставува себеси во училишните учебници и во официјалните наративи како жртва на долгиот синџир на историски настани. Ако ве научат дека отсекогаш сте биле жртва на други, тогаш ова е мошне корисно во конструирањето друг вид теории на заговор, тесно поврзани со пандемијата“, рече Јовиќ.

Бибер рече дека соочувањето со дезинформациите во регионот е тешко, бидејќи многу од владите се соучесници во тоа и тие често се желни нивните медиуми да испраќаат ваков вид пораки.

„Неизвесноста раѓа теории на заговор, затоа мора да ја вратите довербата во институциите и да ја вратите довербата во процесите што даваат некаква сигурност, а една од нив е европската интеграција“, нагласи Бибер.

Кога станува збор за врската помеѓу теориите на заговор и демократијата или заканата за демократијата, Бибер вели дека ако луѓето веруваат во заговори, тогаш тие не веруваат во својата сопствена агенција, што ги демобилизира да бидат политички активни.

„Ако верувате во ова, тогаш имате помала веројатност да учествувате на избори и да им верувате на институциите, и сето тоа ве прави жртва на авторитарни режими што сакаат луѓето да бидат пасивни, а не активни граѓани, а тоа е клучната опасност“, додаде Бибер.

Јовиќ додаде дека една од најголемите опасности е тоа што луѓето не ја почитуваат експертизата и ги гледаат експертите како оние што учествуваат во заговорите против нив.

„Ако ја поткопате довербата во рационалната дебата, тогаш како може да имате разумен процес на донесување одлуки? Ние сме во ситуација кога не е важно дали некое мислење се заснова на докази или не, важно е дека звучи добро и може да биде привлечно и популаризирано од разни медиуми“, заклучува Јовиќ.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе