Како ќе изгледа светот по пандемијата

Лидерите на Г7 во Британија стигнуваат водени од сопствените интереси, секој турка сопствена агенда

Претседателот на САД Џо Бајден стигна вчера во англиското приморско одморалиште Карбис Беј, каде пред самитот на лидерите на Групата 7 го дочека британскиот премиер Борис Џонсон.

EPA-EFE

„Прекрасно е, не сакам да одам дома“, кажа Бајден, шетајќи покрај брегот со првата дама на САД Џил Бајден, со Џонсон и неговата сопруга Кери.

Бајден е првиот американски претседател по Џими Картер кој Европа ја избра за првата странска турнеја, во очигледен напор да ја врати довербата на сојузниците нарушена за време на администрацијата на Доналд Трамп.

Лидерите на седумте водечки индустриски држави ќе се сретнат за време на викендот во Корнвол за да се договорат околу соопштението како ќе изгледа светот по пандемијата на ковид-19.

Гардијан пишува дека лидерите ќе го искористат самитот за да ги спроведат сопствените агенди и да воспостават нови лични односи по 18-те месеци физичка дистанца.

Целта на Бајден, според британскиот весник, ќе биде да ги убеди Европејците дека неговата администрација не е само привремена пауза и да го претстави планот како да се спречи 21 век да ѝ припадне на Кина.

Бајден сака Г7 да развие западна алтернатива на кинеската иницијатива „Појас и пат“, што е дел од американскиот план САД да ѝ бидат поконкурентни на Кина.

Пред да тргне на турнејата претседателот на САД јасно даде до знаење дека натпреварот меѓу светските демократии и авторитарните режими, пред сè Пекинг, е клучниот глобален предизвик на новото време.

Во потегот кој ќе го зајакне притисокот врз останатите лидери од Г7 да им поделат вакцини на другите држави, Бајден кажа дека САД ќе купат 500 милиони дози вакцини кои ќе им ги донираат на земјите во развој.

Ова е најголемата донација на вакцини од страна на една држава, а САД тоа ќе ги чини 3,5 милијарди долари.

Од администрацијата на Бајден кажаа дека за овој подарок за возврат не очекуваат услуги.

Сега кога Трамп повеќе не е во Белата куќа, за секој барем малку компетентен претседавач значително е олеснета задачата на заживување на измачената Г7, а таа задача му припадна на Борис Џонсон.

Доколку на самитот бидат остварени целите, Џонсон ќе тврди дека тоа окажува дека Британија и понатаму е вешта во решавањето проблеми.

Меѓутоа, светот очекува дела а не зборови, и многу нешта се неизвесни вклучувајќи го и планот за вакцинирање на светот пред крајот на следната година, новите карбонски финансии, дополнителните пари за образование на девојчињата, минималниот данок за корпорациите и појасните демократски сојузи против автократиите.

Иако Џонсон вчера кажа дека средбата со Бајден е „големо освежување“ тој доби непријатна порака од претседателот на САД дека не смее да се дозволи спор со ЕУ околу брегзитот на кој било начин кој ќе го загрози мировниот договор со кој заврши тридецениското крвопролевање во Северна Ирска.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој на претседателските избори следната година е соочен со закана од екстремната десница чија победа би ја трансформирала Европа и демократската политика, радо викендов ќе му се спротивстави на Џонсон околу правата на француските рибари или емигрантите.

Макрон на самитот ќе се обиде да се покаже како предводник на секој план за зголемување на дистрибуцијата на вакцини на Африка.

Јапонскиот премиер Јошихиде Суга, кој на таа позиција го наследи интернационалниот активист Шинзо Абе, нема да ги менува основите на јапонската надворешна политика.

Меѓутоа, неговите интереси и агендата се повеќе од национална отколку од глобална природа и тој ќе бара меѓународна поддршка за непопуларната одлука за одржување на Олимпијадата.

Ќе бара и лидерите на Г7 да се спротивстават на кинескиот закон кој им овозможува на бродовите на кинеската крајбрежна стража да пукаат во странските бродови во водите кои Пекинг ги смета за своја територија.

Германската канцеларка Ангела Меркел, која не учествувала на 15 самити на Г7, на есен ја напушта сцената откако ја испрати заканата која за либералниот поредок ја претставуваше Трамп и го сочува концептот на Западот.

На неа би ѝ значел договор со САД околу гасоводот Северен тек 2 кој таа го поддржува, а за кој САД тврдат дека ќе ѝ наштети на Украина и ќе ја зајакне Русија.

Бидејќи Меркел заминува, канадскиот премиер Џастин Трудо набрзо ќе се најде во неочекуваната улога на староседелец на Г7.

Тој на маргините на самитот Г7 ќе има билатерална средба со Бајден на која ќе разговара за Менг Вангжоу, извршната директорка на Хуавеј која се бори против екстрадиција од Канада во САД каде е соочена со обвинувања за измама.

Таа тврди дека е уапсена по налог на администрацијата на Трамп, а Кина за возврат уапси двајца Канаѓани. Доколку САД се откажат од овој случај, на Канада ќе ѝ олесни.

Марио Драги е италијански премиер од февруари, а именуван е за да ја спаси Италија од коронавирусот.

За овој поранешен гувернер на Европската централна банка со големо искуство кога станува збор за самитите, многумина велат дека е „единствениот Италијанец кој може да му се јави на секого во светот“.

Неговата домашна задача е поттикнување на економскиот раст и одржување на шестчлената коалиција до следните избори во 2022. Меѓутоа, Италија е актуелен претседавач на Г20, а самитот на таа група е во октомври во Рим, и сè што ќе биде договорено на Г7 Драги ќе мора да го претстави на поширокиот форум.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе