Гардијан

Курдите по американското предавство се вртат кон Асад и Путин (ВИДЕО)

Откако Америка по ненадејната одлука на претседателот Доналд Трамп ги остави на цедило и ги препушти на турската инвазија, лидерите на сириските Курди објавија синоќа дека склучиле договор со Дамаск за распоредување сириски војници на границата со Турција.

До фантастичниот пресврт дојде на петтиот ден на офанзивата на Анкара против Сириските демократски сили (СДФ), составени од курдските Единици за народна одбрана (ИПГ) и нивните арапски сојузници, инаку клучни американски сојузници во борбата против Исламска држава.

Сириската војска веќе влезе на територијата под контрола на СДФ, пишува Гардијан, и тоа во градот Кобане, но и во Манбиџ, кој се наоѓа северозападно од Кобане за да ги заштити од турските сили. Кобане е градот на сириско турската граница во кој почна успешниот курдски отпор против џихадистите на ИСИС.

Но, овој пресврт не беше целосно неочекуван. Лидерите на сириските Курди и претходно, во моментите кога турските сили и нивните сириски сојузници вршеа офанзиви против нив, сугерираа дека ќе мора да склучат договор со режимот на Башар ал Асад и да се стават под негова заштита, односно под заштита на неговиот моќен сојузник – Русија.

Откако Турција и сириските бунтовници под нејзина команда го заземаа градот Африн на североистокот на Сирија минатата година и се заканија дека ќе тргнат и на соседниот Манбиџ, Курдите исто така ја повикаа сириската војска на помош. Но, војската тогаш остана во околината на градот, а Турците не тргнаа да го заземат Манбиџ.

Сега, по сѐ изгледа, ситуацијата, со егзистенцијалната закана во форма на турската офанзива врз курдските територии, од темел е сменета. СДФ ја повика сириската војска на границата со Турција за да ѝ помогне да ја брани територијата која, иако под курдска автономија, и понатаму е под правен суверенитет на Дамаск.

Засега, колку што се знае, договорот меѓу сириската влада и курдските власти се однесува само на распоредување сириска војска на границата, за заеднички да ја „сузбијат агресијата и да ги ослободат подрачјата во кои влегоа турската војска и нејзините платеници“, се вели во соопштението на СДФ.

Крај на курдската автономија?

Курдските власти сега очигледно заклучиле дека ставањето под заштита на Дамаск и Москва е помало зло од турската инвазија и окупација, дури и ако со тоа ја доведуваат во прашање својата тешко стекната автономија во покраината која ја нарекуваат Рожава и на територијата која ја ослободија од ИСИС.

Дали ова ќе значи крај на единствената курдска автономија и единствената демократски управувана територија во Сирија, сугерираше и главниот дописник на Ен-би-си Ричард Енгел на Твитер.

„Знаеме дека ќе мораме да направиме болни компромиси со Москва и со Асад. Но ако мора да избираме меѓу компромис и геноцид над нашиот народ, сигурно ќе го одбереме животот на нашиот народ“, изјави главниот командант на СДФ Мазлум Кобани.

Сириската арапска војска во меѓувреме наводно влегла во воената база Табка на северот на Сирија, едно од некогашните клучни упоришта на ИСИС кое СДФ го ослободи со помош на американска воздушна, логистичка и друга поддршка. На Твитер се појави снимка на која се гледа како сириската војска наводно влегува во воената база.

А на социјалните мрежи се појави и непотврдена информација дека СДФ на сириската војска би можеле да ѝ го препуштат не само градот Табка, туку и Рака, поранешната престолнина на ИСИС, која беше ослободена со големи воени и цивилни жртви.

Турција: Ќе одговориме

Нормално, ваквиот развој на настаните носи со себе можност за далеку посериозен судир во кој би можеле да бидат вовлечени Турција од една, и сириската војска со Русија од другата страна – па можеби дури и американските сили.

„Ако сириската режимска војска се обиде да влезе во североисточна Сирија, Турција ќе одговори, па би можело да дојде до судир на двете војски“, порача советникот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган Јасин Актај.

И самиот Ердоган најави дека турските сили, со своите сириски сојузници од редовите на бунтовниците, ќе влезат во Манбиџ и во Кобане. Тој додаде дека во таа операција Турција „се координира со Русите“. Ситуацијата, по сѐ изгледа, е сѐ понеизвесна од час во час.

А доколку навистина се судрат турските сили и сириската војска, поддржана од Русија и Иран, опасноста за цивилите, како и опасноста од бегство на заробените припадници на ИСИС и нивните семејства, ќе стане далеку поголема.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе