Нов удар за европскиот десен центар

Курц применува маневар на Путин

Потклекнатиот европски десен центар жали поради заминувањето на вториот истакнат конзервативен лидер во рок од еден месец, пишува британски Гардијан откако австрискиот канцелар Себастијан Курц во саботата вечерта најави дека поднесува оставка поради обвинувањата за корупција.

EPA-EFE

Паѓањето во немилост на 35-годишниот лидер на австриската Народна партија (ОВП), кој е обвинет дека со државни средства купувал позитивно известување во медиумите, се случи неколку недели откако сестринската партија во Германија го оствари својот најлош резултат во историјата на таа сојузна држава.

Поддржувачите на австрискиот лидер, кој долго беше сметан за поагресивен „антимеркел“ конзервативец, се надеваат дека тој ќе продолжи да ги влече конците во улога на претседател на ОВП и лидер на парламентарната група и откако Александар Шаленберг, долгогодишен сојузник на Курц и актуелен шеф на дипломатијата, ќе ја преземе канцеларската улога.

„Сега ни се потребни стабилни услови“, им кажа Курц на новинарите во Виена, отфрлајќи ги обвинувањата за корупција. „Значи, за да го решиме застојот, сакам да спречам хаос и да обезбедам стабилност“.

Водечки австриски весник ја спореди идната улога на Себастијан Курц во парламентот со маневарот на рускиот лидер Владимир Путин кој во еден момент функцијата претседател „на чување“ му ја даде на својот сојузник Дмитриј Медведев.

„Овој тактички маневар личи на рускиот претседател Владимир Путин кој му ја отстапи функцијата на Медведев, само за подоцна повторно да ја преземе“, наведува во анализата влијателниот таблоид Кронен цајтунг, додавајќи дека е јасно дека Курц планира само привремено да ја напушти главната функција.

Курц досега имаше неспорна поддршка во својата партија, која, како што потсетува Ројтерс, е најголема во парламентот, а во август беше избран за лидер на партијата со поддршка од 99,4 отсто.

„Себастијан Курц останува канцелар од сенка“, кажа лидерката на опозициските социјалдемократи Памела Ренди Вагнер, додавајќи дека Курц ќе продолжи да ги влече конците.

Со брзото предавање на власта на Шеленберг, како што истакнува Гардијан, е спречено гласањето за недоверба кое би можело да ја исфрли партијата на Курц од власта во корист на идеолошки водена влада на национално единство која би ја склопиле австриските социјалдемократи (СПО), Зелените, либералниот Неос и десничарската Партија на слободата (ФПО).

Со одлуката веднаш да замине на клупата, Курц исто така ќе добие пратенички имунитет – иако австрискиот весник Стандард вчера објави дека премиерот во заминување лично ќе почне иницијатива за укинување на оваа привилегија за да може да ја докаже својата невиност.

Порталот Политико истакнува дека прашањето е дали на крајот на Австријците воопшто ќе им биде гајле за аферата, особено ако истрагата трае долго, а има шанси да не им биде. Курц е далеку најполуларниот политичар од својата генерација, а во поголемиот дел од земјата на неговиот политички ефект се гледа позитивно. Едно од обележјата на добриот политичар е способноста да направи гласачите да го заборават негативното, а Курц досега во повеќе наврати покажа дека е спремен да вложи големи напори да помогне во тоа.

Од друга страна прашање е и дали лојалноста на Шаленберг ќе биде разнишана од моќта која ќе ја добие како канцелар. Шаленберг, адвокат чии предци со векови биле угледни австриски благородници во војската и владата, и самиот знае нешто за политиката. Тој беше практично непознат кога пред две години беше именуван за министер за надворешни работи – а сега ќе дојде на најважната политичка функција во земјата.

Времето ќе покаже дали неговата одлука да ја прифати позицијата канцелар е доказ за длабоката лојалност на Курц или показател дека препознава добра прилика кога ќе му се укаже.

Тврдењата кои доведоа до оставката на австрискиот канцелар за првпат испливаа во јавноста минатата среда откако припадници на единицата за борба против корупцијата ја претресоа канцеларијата на Курц, просториите на министерството за финансии, седиштето на неговата партија и една од највлијателните медиумски куќи во Австрија.

Обвинителите сметаат дека мрежа конзервативни политичари околу Курц користеле државни средства на министерството за финансии за да купат позитивно медиумско известување како и за „финансирање делумно манипулирани истражувања на јавното мислење кои служеле исклучиво на партиските политички интереси“.

Иако истражителите на наведоа за кон медиум конкретно станува збор, сопствениците на таблоидот Естерајх минатата недела објавија соопштение во кои ги отфрлаат тврдењата дека гарантирале известување во корист на Курц и неговата партија во замена за парите на даночните обврзници.

Во изминатите две години медиумската куќа Естерајх наводно добила 1,33 милиони евра од огласувањето на министерството за финансии.

Тонот на текстуалните поради кои наводно докажуваат дека Курц знаел за тајните договори ја шокираше австриската јавност исто колку и нивната содржина, пишува Гардијан и додава дека во преписката австрискиот канцелар и неговите колеги политичките ривали ги нарекувале „шупаци“.

Австрискиот претседател Александар ван дер Белен во петокот го критикуваше „омаловажувачкиот тон“ изразен кон поединци и државни институции. Зелената партија, помалиот коалициски партнер во актуелната влада, соопшти дека Курц повеќе не е подобен да биде премиер.

Во саботата Курц кажа дека пораките се пишувани во „екот на борбата“ и дека се извлечени од контекст, тврдејќи дека обвинувањата против него се лажни и дека тој може тоа да го разјасни.

Падот во немилост на досегашниот канцелар беше еднакво брз како и неговиот подем кон врвот на хиерархиската структура на моќта во алпската република. Откако со 24 години беше именуван за државен секретар за интеграции, Курц со 27 стана министер за надворешни работи, а потоа и најмлад демократски избран шеф на владата откако во 2017 година ја доведе ОВП до победа на изборите.

Го измени имиџот на партијата од десниот центар откако беше избран за лидер во 2017 година централизирајќи го процесот на донесување одлуки и менувајќи ја бојата на партијата од традиционалната црна во тиркизна.

Пристапот на Курц кон ксенофобијата се разликуваше од стратегијата која ја форсираа германските демохристијани (ЦДУ). Додека партијата на Ангела Меркел инсистираше на целосно блокирање и отпор кон десничарската Алтернатива за Германија (АфД), Курц реши да го прифати тврдиот став на Партијата на слободата кон емиграцијата и со неа во првиот мандат склучи договор за поделба на власта.

Додека ЦДУ ги лиже своите рани по болниот пораз на 26 септември на сојузните избори, во германскиот десен центар се слушаат гласови кои го наведуваат Курц како пример кој треба да се следи за обновата на партијата. „Потребен ни е германски Себастијан Курц“, кажа пред десетина дена лидерот на младината на ЦДУ. Гардијан заклучува дека по најновите случува во Австрија таквите повици во иднина ќе бидат значително поретки.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе