Куба: вакцините како национална гордост

На удар на американските санкции и пандемијата на коронавирусот, Куба минува низ најтешката економска криза од падот на Советскиот Сојуз. Полиците во аптеките се празни. Граѓаните со часови чекаат ред за да купат пилешко месо, а леб е тешко да се добие.

Фото: ЕПА

Сепак, таа може да стане најмалата земја во светот што произведува свои вакцини против ковид-19. Од 27 вакцини што се во завршна фаза на тестирање низ светот, две се кубански.

„За да имаме суверенитет, потребни ни се сопствени вакцини“, изјави за Гардијан д-р Висенте Верез, директор на Институтот Финлеј, кој го произведе Суверен 2, најнапредниот од петте кубански кандидати за вакцини. „За девет месеци од идеја дојдовме до вакцина во трета фаза на клинички испитувања.“

Гардијан пишува дека околу 44.000 волонтери во моментов учествуваат во третата фаза од испитувањето за вакцината Суверен 2. Сличен број граѓани на Сантијаго доброволно се пријавија во третата фаза за Абдел, вакцина именувана по песна на Хозе Марти, официјалниот „национален херој“ на островот.

Паралелно со клиничките испитувања, се спроведува „интервентна студија“ во која во моментов се вакцинираат 150.000 здравствени работници во Хавана.

Кубанскиот „биолошки фронт“ е основан во 1981 година, само пет години по основањето на првата светска компанија за биотехнологија „Генентек“. Гардијан пишува дека иницијаторите на сегашната иницијатива за производство на вакцини се најдобрите кубански научници, од кои многумина биле обучени во поранешен СССР. Тие можеа да емигрираат без никакви проблеми, и многумина и го сторија тоа, но оние што решија да работат на островот главно се придржуваа до принципите на старата школа.

На неодамнешната прес-конференција, д-р Верез објасни што го мотивира, цитирајќи го Ернесто Че Гевара: „Вистинскиот револуционер е воден од големо чувство на љубов“, рече тој.

Д-р Херардо Гијен, кој управува со развојот на две вакцини во Центарот за генетско инженерство и биотехнологија, е „чокохолик“, а повеќе од една година е без својот омилен десерт, кој воопшто го нема во продавниците. Гардијан наведува дека неговата месечна плата од 230 евра е сто пати помала од онаа што би можел да ја заработи во странство.

„Имаме понуди“, рече д-р Мичел Валдес-Соса, невролог роден во Чикаго, кој во моментов е член на кубанската работна група за коронавирусот. „Сепак, претпочитаме да останеме затоа што се чувствуваме посветени на развојот на нашата земја. Ние не работиме да направиме некој извршен директор непристојно богат, туку за да ги направиме луѓето поздрави“.

Таквиот идеализам, сепак, не дава заштита од тешката геополитичка реалност.

Ембаргото на САД ја ограничува медицинската опрема што Куба може да ја увезува. Гардијан посочува дека различни кубански истражувачки тимови што работат на вакцините имаат само еден спектрометар, уред за контрола на квалитетот што ја анализира хемиската структура на вакцината. Меѓутоа, со оглед дека британскиот производител на спектрометри „Микромас“ го купи американската компанија „Вотерс“, тие не можат директно да купуваат резервни делови.

Известувачите на ООН за човекови права ги повикаа Соединетите Држави да ги укинат санкциите за Куба за време на пандемијата, но ембаргото е затегнато во последните 12 месеци, пишува британскиот весник.

А, бидејќи во јануари администрацијата на Доналд Трамп ја стави Куба на списокот на спонзори на тероризмот, голем проблем е дури и да се најде банка што е спремна да ја обработи исплатата.

„Соединетите Држави со изгладнување се обидуваат да ја принудат Куба да се покори“, рече Валдес-Соса.

„Не само што е тешко да се купат работи директно од САД, туку и поради сите овие санкции воведени од администрацијата на Трамп, пресушија многу извори на приход“.

Куба минатата година објави 12.225 инфекции и 146 смртни случаи, што е една од најниските стапки на инфекции и смртност во тој дел на светот. Сепак, беше направена грешка во ноември кога конечно беа обновени комерцијалните летови по пауза од седум месеци. Неколку недели владата не им налагаше на посетителите да направат ПЦР-тест пред да се качат во авионите. Последиците беа смртоносни. Илјадници кубански Американци дојдоа од ковид-жариштата како Флорида за да ги прегрнат своите семејства за време на божиќните празници, што доведе до зголемување на бројот на заразени.

Само во јануари беа пријавени повеќе случаи отколку во текот на целата 2020 година, а островот сега има во просек илјада нови инфекции на ден.

Околу 100.000 Кубанци досега ја примиле првата доза вакцина, па затоа островот заостанува во однос на просечната стапка на имунизација во Латинска Америка, каде што 12 проценти од луѓето примиле барем една доза. Кубанскиот регулатор сè уште нема одобрено во целост ниту една вакцина за употреба, а критичарите велат дека е арогантна одлуката на Комунистичката партија да не се приклучи на механизмот Ковакс за фер дистрибуција на вакцините низ целиот свет.

Куба планира годинава да произведе 100 милиони дози Суверен 2, што е доволно за населението и ќе има вишок за извоз.

Ако и кога ќе се отстранат производствените бариери, пишува Гардијан, се очекува ефикасна дистрибутивна логистика, со оглед на добро развиената инфраструктура на клиниките во локалната заедница и фактот дека Куба има најмногу лекари по жител во светот.

Кубанските научници веруваат дека оваа година ќе биде спроведена масовна вакцинација и дека Куба ќе биде меѓу првите во тој дел на светот што ќе го постигне тоа.

„Кога имате сè, не мора премногу да размислувате. Меѓутоа, кога имате проблеми, мора да размислите за нови начини да ја промените ситуацијата“, рече д-р Гијен.

Кубанците се очајни поради акутниот недостиг од лекови и се принудени дури и антибиотиците да ги купуваат на црниот пазар.

Ројтерс неодамна објави дека многу семејства во Хавана се борат да се справат со епидемијата на шуга, мошне заразна, но излечива кожна болест.

Тројца лекари, кои сакаа да останат анонимни, за британската агенција рекоа дека им советувале на пациентите да готват мешавина од билки и да ја нанесуваат на кожата за привремено да ја ублажат непријатноста, бидејќи нема смисла да им пропишуваат лекови што ги нема во аптеките. Еден од овие лекари на пациент му препорачал ветеринарна терапија.

Кубанците исто така формираа групи на социјалните мрежи за размена на лекови или други производи за оние што им се потребни, додека светскиот црн пазар е на улиците и на интернет, пренесе Ројтерс.

Властите во источната провинција Холкин во јануари ги предупредија Кубанците да го избегнуваат црниот пазар затоа што некои лекови може да бидат штетни.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе