Медицинската дипломатија

Кубанската „армија на бели мантили“ се надмина себеси во пандемијата (ВИДЕО)

Во почетокот на избувнувањето на епидемијата на коронавирусот во Того, оваа мала западноафриканска држава пречека тим од 12 кубански здравствени работници за да се грижат за заразените со вирусот, да го зголемат лабораториското тестирање и да помогнат во подобрување на болничките протоколи.

Фото: ЕПА

Додека вирусот низ целиот свет ги совладуваше здравствените системи, комунистичкиот карипски остров можеше да се пофали со еден редок ресурс: вишок лекари обучени да се борат против заразни болести во странство, пишува Ројтерс.

А Куба беше спремна да ги испрати низ целиот свет во земјите што бараа помош.

„Додека научните и медицинските кругови тапкаа во мракот, кубанската медицина, благодарение на претходните искуства, ги даде соодветните одговори“, изјави за Ројтерс Чарлс Азилан, шеф на одделот за соработка во Министерството за надворешни работи на Того.

Речиси 40 држави на пет континенти примија кубански лекари за време на пандемијата, додека островската држава - дом на само 11 милиони луѓе - уште еднаш се надмина себеси во медицинската дипломатија.

Од левичарската револуција во 1959 година, Куба ја испраќа својата „армија бели мантили“ на локации погодени од природни катастрофи или жаришта на епидемии низ целиот свет во име на солидарноста.

Во последните десет години тие се бореа против колерата на Хаити и еболата во Западна Африка.

Мисијата на овие бригади не е чисто алтруистичка. Куба во изминатите децении редовно извезуваше лекари во замена за пари или стока, со што тие станаа нејзин главен извор на готовина.

Иако Куба за време на пандемијата ги испраќаше своите медицински тимови бесплатно во одредени земји, имаше и такви што плаќаа, што значително ѝ помогна на сиромашната кубанска економија, која беше погодена и од колапс на туризмот поради коронавирусот.

Владата на Того, како и многу други во минатото, ги пофали медицинските бригади како пример за соработка, нарекувајќи го тоа „точка на пресврт“ во односите меѓу двете земји.

Дури и побогатите западни земји како Андора и Италија примија кубански лекари за да им помогнат во борбата против пандемијата, како и држави што не се политички сојузници на Куба, како што е Перу.

Успехот на овие лекари беше неуспех за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој последните години покрена невидена кампања против кубанските медицински мисии, тврдејќи дека тие работат во експлоататорски услови.

Хавана ги отфрла ваквите напади, тврдејќи дека тие се идеолошки мотивирани.

Кубански експерти велат дека иако некои американски критики се легитимни, нивната крајна цел е да ја задушат економијата на островот со цел да се донесат промени пред ноемвриските претседателски избори и да се освојат анти-Кастро гласачите од Флорида.

Но Вашингтон е „речиси целосно осамен“ во својата политика кон Куба, изјави за Ројтерс поранешниот британски амбасадор во Хавана Пол Харе, кој сега предава на Универзитетот во Бостон, додека стратегијата „Америка на прво место“ не изгледа убаво кога ќе се спореди со кубанската медицинска дипломатија.

Неколку држави од Карибите, на пример, во април се жалеа дека американската царина ги блокира нивните пратки на медицински материјали, додека регионот пречекува стотици кубански лекари.

 

Револуционерни лекари

Со финансиска помош од поранешниот сојузник Советскиот Сојуз, Куба за време на владеењето на Фидел Кастро изгради здравствен систем на кој развиениот свет ѝ завидуваше.

Дел од тој напредок беше загубен по распадот на комунистичкиот блок. Многу болници се пропаднати, нема доволно лекови, а Кубанците се жалат дека се намалил квалитетот на медицинската обука.

Сепак, Куба има еден од највисоките проценти на лекари по жител во светот, а дури и пред избувнувањето на пандемијата, околу 28.000 кубански лекари беа распоредени низ целиот свет. Оттогаш има испратено уште 4.000 лекари низ светот.

„Тие се спасители на животи“, рече Ралф Гонсалвес, премиер на Свети Винсент и Гренадини и претседател на карипскиот блок КАРИКОМ.

„Во некои карипски земји тие го претставуваат 'рбетот на борбата со пандемијата“.

На пример, Јамајка во март пречека 137 кубански лекари, покрај 296-те што веќе работеа таму.

„Без нив ќе ни беше многу потешко“, вели главната болничарка на Јамајка, Патриша Инграм-Мартин.

Земјите што ги пречекуваат кубанските медицински тимови велат дека од нив научиле како да ги изолираат заразените, да трагаат по нивните контакти, да бараат заразени и брзо да ги применуваат лековите како антивирусниот лек интерферон.

Куба досега има пријавено 4.684 случаи на заразени со ковид-19 и 108 жртви: десеттина од светскиот просек по жител.

Многумина од лекарите што се во првите редови во борбата против коронавирусот во јужните делови на светот дипломирале на Кубанската меѓународна медицинска школа во Хавана, каде што студирале околу 30.000 странци.

 

Трговија со луѓе?

Администрацијата на Трамп ја критикува Хавана поради тоа што задржува околу 75 проценти или дури и повеќе од она што земјите-домаќини го плаќаат за нејзините лекари - споредувајќи ги бригадите со трговија со луѓе.

Кубанската влада, од друга страна, тврди дека е тоа на ниво на данок што оди за финансирање на единствениот здравствен систем.

Хјуман рајтс воч, исто така, ја критикува Хавана за, како што тврди, репресивните услови за работа, вклучувајќи го и фактот дека на кубанските лекари им е забрането осум години да се вратат во земјата доколку пребегаат.

Конзервативните влади во Бразил, Боливија и Еквадор ги прекинаа ангажманите со Куба во последните неколку години, тврдејќи дека лекарите се мешале во домашната политика, што Хавана го негира.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент за Ројтерс изјави дека ги поздравува потезите на тие земји, како и на оние, како што е Барбадос, што сакаат кубанските лекари директно да ги добиваат парите и да имаат загарантирани права додека престојуваат на територијата на нивната земја.

Некои кубански лекари за Ројтерс рекле дека иако би сакале да имаат подобри услови за работа, одењето во мисии им овозможува да заработат значително повеќе од нивната месечна плата, која е помеѓу 70 и 100 долари.

Враќањето на кубанските лекари во нивната татковина, особено оние што работеле во странство во далечни сиромашни региони, кои имаат проблем да привлечат локални медицински работници, има цена.

Бразил, кој е сериозно погоден од пандемијата на коронавирусот, повторно ангажираше 1.012 кубански лекари што одлучија да останат во земјата, дозволувајќи им две години да работат во општа практика.

Сепак, само четиримина од нив беа повторно ангажирани во Бразил, каде што ги имаше 70.

Тања Рибеиро, медицинска сестра во сиромашен кварт во главниот град, рече дека многу ќе им недостигаат кубанските лекари.

„Тие беа љубезни и харизматични. Пациентите ги сакаа“, рече таа.

Карлос Дорадо, директор на болница на северноболивискиот град Гуајарамерин, рече дека најмногу им недостига кубанскиот лекар што бил единствениот специјалист за обезбедување интензивна нега.

„Сега немаме никој, а тоа е она што најмногу ви треба кај ковид“, рече тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе