„Силна имунолошка реакција без сериозни несакани ефекти“

Куба разви две вакцини против коронавирусот, работи на уште две

Куба ја почнува последната фаза на тестирањето на две вакцини што ги има развиено против ковид-19, кои покажале „силна имунолошка реакција“ во претходните фази на тестирањето, пишува британски Фајненшл тајмс, додавајќи дека вакцините на Соберана 2 и Абдала, доколку се успешни, може да помогнат во зајакнувањето на кубанската економија, како и во борбата против пандемијата.

Едуардо Мартинез, претседател на државниот фармацевтски конгломерат Био Куба фарма, кој го надгледува развојот на вакцините, им изјави на новинарите во Хавана дека илјадници луѓе учествувале во првите фази од испитувањата на вакцините Соберана 2 и Абдала, кои покажале „силен имунолошки одговор“ без сериозни несакани ефекти.

Соберана на шпански значи „суверена“, што ја истакнува пораката на комунистичката влада дека развојот на вакцината е симбол на гордост за земјата што сè уште е под осакатувачкото американско ембарго, пишува ФТ, додавајќи дека кубанските државни медиуми покажале снимки од фабрики од кои излегуваат илјадници дози од двете нови вакцини. Двете вакцини се конвенционални имунизации и содржат дел од коронавирусниот шилест протеин споен со молекула-носител за да остане стабилен.

Уште две други кубански вакцини – од кои едната се става преку спреј за нос – се во првите фази на тестирање.

Соберана 2 сега ќе биде тестирана на 44.000 Кубанци, како и на илјадници луѓе во Иран и Венецуела, кои ѝ се сојузници на Хавана. Потенцијално може да се вклучи и Мексико, според тамошните и кубанските власти.

Двете дози ќе бидат администрирани на растојание од две недели, а за вакцините не се потребни специјални фрижидери, рече владата. Првичните резултати за вакцината Соберана 2 се очекуваат до мај. Тестирањето на вакцината Абдала се очекува да почне подоцна во март.

Фото: ЕПА

Био Куба фарма објави дека, ако тестовите бидат успешни, ќе произведе 100 милиони дози до крајот на годинава. На локалното население ќе му требаат 20-30 милиони, а остатокот ќе биде достапен за извоз.

Кубанските власти велат дека вакцините против ковид-19 Куба ќе ги извезува по цената на трошокот, малку зголемена за да му се помогне на нејзиниот бесплатен универзален здравствен систем. Патентите може да бидат лиценцирани за производство во странство и вакцините да им бидат донирани на најсиромашните земји.

„Надвор од Куба, постои големо изненадување, па дури и скептицизам дека таа има четири вакцини во развој, но за секој што го следи развојот на настаните во Куба, тоа има смисла“, рече Хелен Јафе, кубанска експертка на Универзитетот во Глазгов.

Островската држава има децениско искуство во биотехнологијата и имунологијата. Во 1980-тите години, тогашниот кубански лидер Фидел Кастро ја покрена индустријата за да го заобиколи американското ембарго. Оттогаш, кубанските лаборатории произведоа нови лекови што се продаваат низ целиот свет, како што се првата вакцина против менингитис Б, интерферони и единствениот ефикасен лек за сериозни дијабетички чиреви.

„Пандемијата тешко ја погоди кубанската економија“, рече еден висок европски пратеник. „Но таа исто така дава можност Куба да се приближи до меѓународната здравствена соработка. Кубанскиот систем е во бавен колапс, но кубанската биотехнолошка и фармацевтска истражувачка работа има многу што да понуди“, рече тој.

Иако Куба го привлече светското внимание со својата програма за испраќање илјадници здравствени работници да помогнат во борбата против пандемијата во 40 земји, помалку се знае за нејзиниот развој на лекови за ковид-19.

Куба произведува 13 лека што се користат за борба против болеста, а половина од нив се кубански иновации, објави владата. Меѓу нив се два антиинфламаторни лека, „итолизумаб“ и „јусвинза“, за кои владата тврди дека имаат голема успешност во лекувањето на критично болни пациенти и кои се испратени во Индија и во други земји.

Фото: ЕПА

Иако Куба забележа нагло зголемување на бројот на заразените со коронавирусот, тие бројки остануваат ниски според меѓународните стандарди. Раниот третман на сомнителните случаи, ригорозната потрага по контакти и силниот локално заснован здравствен систем ја сведоа смртноста на 2,84 случаи на 100.000 жители, што е само делче од просекот во Латинска Америка, според податоците на американскиот универзитет Џон Хопкинс.

„Целокупната нивна реакција на ковид-19 беше фасцинантна“, рече Јафе.

Но на Куба ѝ требаат партнери ако сака да произведе големи количества од своите вакцини за извоз, велат дипломатите.

Еден латиноамерикански амбасадор изјави дека, колку што знае, „се чини дека вакцините се сигурни, но Куба нема доволно производствени капацитети поради недостигот од ресурси и ќе мора да се сврти нанадвор, на пример кон Виетнам и Иран“.

„Американското ембарго навистина го ограничува пристапот“, рече Арачу Кастро, професорка по јавно здравје во Латинска Америка на универзитетот Тулејн во САД. „Куба има многу потешкотии во пристапот до лекови и медицинска опрема што содржат каква било американска компонента“, рече таа.

Рикардо Торес, кубански економист и критичар на владата, рече дека успешната вакцина ќе ја зајакне економијата на земјата погодена од криза. Бруто-домашниот производ минатата година падна за 11 проценти, а производите, од основната храна и хигиенски производи, до лековите, се во недостиг.

Туризмот е особено погоден од пандемијата, минатата година падна за 79 проценти, а претставува најмалку 20 проценти од падот на БДП, рече тој. Во меѓувреме, новите американски санкции насочени кон областите како увозот на гориво и финансиите, ги погодија земјоделството и други сектори.

„Ова доаѓа во деликатно време дома и дефинитивно ќе ја зголеми довербата на луѓето во владата“, рече тој. „Исто така, може да привлече (повеќе) внимание кон биотехнолошкиот комплекс во земјата“.

„Ако е успешен, развојот на вакцини во Куба ќе стане уште еден добро познат пример за историскиот придонес на малата островска држава во светските настани што далеку ја надминува нејзината големина“, рече Питер Корнблух, виш кубански аналитичар во Национални безбедносни архиви, американска невладина истражувачка организација.

Објавено

Петок, Март 5, 2021 - 15:31

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе