Поради политиката на Трамп

Куба и Русија – обновување на пријателството од времето на Студената војна

Првата посета на кубански лидер на Русија следу откако премиерот на Русија Дмитриј Медведев беше во Хавана минатиот месец. Најавени се нови руски инвестиции во Куба, која се бори со сериозни економски тешкотии.

По повеќегодишното заладување на односите, Москва и Хавана се трудат да ги обноват сојузничките врски кои за време на Студената војна ги имаа Советскиот Сојуз и Куба, и на средбата на лидерите на двете земји беа најавени нови руски инвестиции во јужноамериканската земја која е во економска криза.

Загревањето на тие односи делумно е поттикнато и од пресвртот на американскиот претседател Доналд Трамп во американската политика на приближување на Куба која ја предводеше претходниот претседател Барак Обама.

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз Канел во разговор со претседателот на Русија Владимир Путин вчера ја пофали руската поддршка, наведувајќи дека врските со Москва јакнат додека Хавана е соочена со „агресија“ од САД, пишува Франс прес.

Дијаз Канел кажа дека Русија и Куба имаа сигурни врски и ја пофали „сѐ поголемата улога на Москва во разбивањето на супериорноста која САД се обидуваат да ја наметнат“. Куба е под притисок додека Трамп ја укинува политиката на приближување кон Хавана која почна во времето на Обама.

Вашингтон воведе мерки кои го оштетија кубанскиот туризам, како забраната за сопирање бродови на островот и неодамна објавената суспензија на летови кон сите кубански аеродроми освен тој во Хавана. Трамповата администрација ја обвинува Куба дека ја помага Венецуела која е најблискиот сојузник на Хавана.

Путин кажа дека Русија „секогаш имала симпатии за кубанската независна позиција“ и вети дека ќе ја посети Куба. Русија речиси четири пати го зголеми извозот на нафта на Куба во првите шест месеци на оваа година, соопшти Кремљ претходно месецов, додека карипската земја се соочува со болен недостиг од гориво за кој ги обвинува американските санкции, истакнува Франс прес.

Набљудувачите на кубанската и руската надворешна политика велат дека дошло до значително загревање на односите на поранешните сојузници од времето на Студената војна.

За време на минатата година Русија испрати на Куба 1.000 минибуси, 50 локомотиви, десетици илјади туристи и ветување дека со повеќемилионски план ќе ја надгради електроенергетската мрежа на островот. Руско-кубанската трговија повеќе од двојно се зголеми од 2013 година на очекуваните 500 милиони американски долари оваа година, најмногу во рускиот извоз на Куба.

Ниедна земја не дава многу детали за нивните подобрени односи, но руските производи кои се извезуваат на Куба вклучуваат нови модели на автомобили на марката Лада и камионите Камаз, истакнува Асошиејтед прес додавајќи дека Медведев претходно месецов отвори погон за нафтени деривати и потпиша договори за поправање на трите електроцентрали од советска ера. АП истакнува и дека американски туристи на Куба има сѐ помалку, а дека руските посети во 2018 година пораснале за 30 отсто.

Руско кубанските врски се далеку од оние од времето на Студената војна, од речиси целосната кубанска зависност од советскиот блок кој островот го доживуваа како истурена оперативна база во Америка и потоа речиси целосно го напуштија во 1990-тите. Москва на Куба ѝ испрати милијарди долари помош пред падот на Советскиот Сојуз кој предизвика катастрофален пад на БДП од 30 отсто. Според проценките Куба имала 35 милијарди долари долг кон СССР, а Русија ѝ прости 90 отсто од долгот во 2014 година.

АП укажува дека Русија не ги крие своите желви да игра улога на доверлив партнер на островот кој се соочува со непријателството на Соединетите Држави, вклучувајќи ги санкциите на бродовите кои носат нафта од Венецуела.

Во својата борба со Венецуела, Трамповата администрација тргна против Куба која поради санкциите доживува сериозен недостиг од гориво и други тешкотии, истакнува Њујоркер.

Откако не успеа да го урне режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во април годинава, Трамповата администрација го сврте вниманието кон Куба, која ја обвинува за опстанокот на Мадуро. Венецуелската и кубанската влада се вистински сојузници откако Хуго Чавез и Фидел Кастро пред две децении воспоставија блиски односи. Куба редовно добиваше пратки венецуелска нафта, а Куба во замена испраќаше илјади доктори, учители и друг персонал во Венецуела. Тој аранжман продолжува и денес, но економскиот пад на Венецуела во последните четири години штетно влијае и врз Куба, која не произведува ни третина од дневните потреби на нафта.

Кубанското присуство во Венецуела по сѐ изгледа предизвикува контроверзи во САД кои редовно ја обвинуваат за пружање воена и разузнавачка помош на Мадуро. Белата куќа ги засили санкциите против Венецуела кои, меѓу другото, се насочени на испораката на нафта.

Трамп во август воведе тотално ембарго против режимот на Мадуро и одобри секундарни санкции против „кого било“ кој го помага режимот.

Кога беше објавена мерката, Џон Болтон, кој во тоа време беше советник на Трамп за национална безбедност, кажа дека новото ембарго против Венецуела, заедно со долгогодишното против Куба, на крајот ќе ги урне двата режими.

Неименуван поранешен функционер на Стејт департментот изјави дека санкциите веројатно ќе пропаднат и дека Куба, која не подлегна на притисокот веќе 60 години, би можеле да ја одведат кон Русија и Кина.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе