Криза на владата во Италија – лоши вести за ЕУ

Шефот на партијата Лига Матео Салвини го мина викендот на плажа на југот на Италија. Таму на големо ја спрема кампањата против поранешниот коалициски партнер – Движењето на пет ѕвезди, кое на сиромашниот југ на Италија има повеќе поддржувачи од Лигата на Салвини. Лидерот на Петте ѕвезди Луиџи Димајо исто така не седи со скрстени раце. Тој се труди да спречи одржување нови избори, пишува Дојче веле.

Димајо ја обвинува десно-радикалната Лига дека ги издала Италијанците, дека ѝ се најважни резултатите на анкетите и дека не ја интересираат реформите и стабилна влада. Наводно, Движењето пет ѕвезди и опозициските социјалдемократи преговараат за тоа заеднички да му искажат доверба на актуелниот премиер Џузепе Конти и така да го избегнат гласањето недоверба кое го иницираше Салвини сакајќи да го исфрли премиерот кој е всушност член на неговата Лига.

Но, социјалдемократите не можат да се сложат околу прашањето за здружување со Петте ѕвезди и влегување во коалиција со нив. Поранешниот премиер и поранешен претседател на социјалдемократите Матео Ренци е „за“, но актуелниот шеф на италијанските социјалдемократи Никола Цингорети смета дека тоа не е добра идеја: „Не е уверлива алтернатива да се задржи владата во технички мандат за да ѝ се придружи десницата“.

Имајќи предвид дека во Италија настапи криза на владата, парламентот е тој што одлучува. Сенаторите најпрво треба да одлучат дали гласањето недоверба на премиерот Конте, за што барање поднесе Лига, воопшто ќе го стават на дневен ред. А ако го стават, мора да наведат датум за гласање. Би било многу невообичаено среде летната пауза да закажат вонредна седница на парламентот, бидејќи во август половина Италија е на плажа и речиси никого не го интересира кризата на владата во Рим.

Доколку дојде до гласање за доверба и ако парламентот изгласа недоверба на владата, претседателот на Италија Серџо Матарело би имал две можности: да го распушти парламентот и да закаже нови избори можеби веќе во октомври или да именува техничка влада за преоден период од максимално една година. На ова второто сметаат повеќето италијански аналитичари. Таа влада би имала задача да се позанимава со комплицирана тема, односно да го донесе буџетот за следната година, бидејќи тој веќе во октомври ќе мора да ѝ се претстави на Европската комисија.

Италија е во економска криза. Мора да ги намали своите долгови и да продолжи со санација на банките. Кризата на владата која би траела или влада со радикалните десничари на Салвини на чело, за чија загадочна финансиска политика може само да се нагаѓа, би била крајно проблематична за Европската комисија. Италијанскиот весник Ла Република пишува дека Салвини планира да ја напушти еврозоната, доколку стане премиер по новите избори. Салвини тоа го негира, иако тој чекор беше запишан во партиската програма на Лига.

Десничарско-радикалната партија, како што покажуваат истражувањата на јавното мислење, во моментов е водечка партија в Италија со поддршка од 36 отсто. За да формира влада, на Салвини ќе му требаат коалициски партнери. Затоа најави дека наскоро ќе се сретне со лидерите на фашистичката партија Фратели д’Италија и национално-конзервативната Форца Италија. Тука повторно на сцена стапува поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој со 83 години би можел да направи камбек во рамки на екстремно-десната коалиција.

На последните избори популистичкото Движење на петте ѕвезди со 32 отсто од гласовите беше најголемата сила во парламентот. Последните истражувања покажуваа дека Луиџи Димајо со својот шаренолик тим е едвај на третото место. Димајо е против избори од лични причини. Според интерните правила на неговата популистичка партија, пратениците смеат да се кандидираат само двапати по ред. За Димајо, ако се распишат нови избори, тоа би бил трет пат, и тоа ќе значи дека тој како вицепремиер и министер за труд би морал да го препушти своето место на некој друг.

Димајо, самонаречен „борец против естаблишментот“ и „анти-политичар“, би сакал пред новите избори да го протурка планираното намалување на италијанскиот парламент. Двата дома имаат вкупно 950 пратенички места, а би требало, според неговата идеја, да има 605. Гласањето за тоа е планирано за септември. За да ја убеди Лигата во краткотраен сојуз со социјалдемократите, поранешниот шеф на италијанската Демократска партија Ренци, на изненадување на сите, изјави дека неговата партија е сега спремна и ќе гласа за намалување на парламентот.

Основачот на Движењето на петте ѕвезди, популарниот комичар Бепе Грило, се повлече од активната политика. Но, по распадот на коалицијата на популистите, тој изјави: „Станувам за да ја спасам Италија од нови варвари!“

„За ЕУ десно-радикална партија во Италија би била катастрофа“, смета шефот на германскиот Институт за економски истражувања Марсел Фрачер. Тоа, додава, е полоша варијанта од актуелната влада, која многу малку постигна. „Салвини ќе продолжи да го тера курсот на конфронтација со ЕУ, главно поради тоа што досега таквата политика му се исплатеше“, укажа Фрачер. „И така сѐ повеќе популистичкиот и антиемигрантски курс на Италија ќе ѝ го отежни на ЕУ водењето на нејзината надворешна, безбедносна и емигрантска политика“.

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе