По студијата на Кралскиот колеџ

Краток имунитет на ковид? Сосема неважно

На еден или друг начин, ние ќе научиме да живееме со ковид-19, без разлика дали случаите ќе ги намалиме преку природен имунитет, вакцинација или и двете. Дали можеме, и дали треба да живееме со последиците од постојаните блокади, во однос на економијата и слободата, е друго прашање.

Фото: ЕПА

Главна вест на Би-би-си њуз во вторникот беше дека „Ковид: антителата 'брзо паѓаат' по инфекцијата“. Сакаа да кажат дека ова е нова поразителна информација. Не е поразителна и веројатно не е ни многу важна, вели Роб Лајонс за Спајкд.

Проектот, Процена во реално време на преносот во заедницата (РЕАКТ), е предводен од истражувачи на Кралскиот колеџ во Лондон. За овој труд тие тестирале 365.000 луѓе, кои сами си правеле тест на крвта со боцкање во прст. Брзината на тестот овозможила огромен број луѓе да бидат проверени за кратко време, помеѓу 20 јуни и 28 септември.

Главниот резултат бил дека процентот на луѓето за кои е откриено дека имаат антитела кон САРС-КоВ-2, вирусот што предизвикува ковид-19, паднал од околу шест проценти во почетокот на студијата на 4,4 проценти на крајот. Интересно е тоа што 30 проценти од луѓето за кои е утврдено дека имаат антитела не пријавиле симптоми.

Студијата има неколку маани. Тестот е брз, но не е многу префинет. Не ги мери нивоата на антитела во нечија крв, туку само дали ги има доволно за да се добие „позитивен“ резултат. Значи, некои од „негативните“ резултати може да бидат кај луѓе со ниско ниво на антитела. Студијата не ја следела истата група од луѓе, туку продолжила да ја тестира општата распространетост на овие антитела.

Двата фактори за кои се чини дека влијаат на присуството на антитела се возраста и тежината на болеста. Имало поголем пад на присуството на антитела кај постарите луѓе, додека кај оние што имале посериозно заболување имало повисоко ниво на антитела. Кај оние што можеби биле постојано изложени на вирусот, како здравствените работници, се чинело дека антителата се зачувуваат подолго отколку кај другите.

Во почетокот на кризата, многумина претпоставија дека кога ќе пристигнат тестовите за антитела, ќе имаме појасна претстава за тоа кој бил изложен на вирусот. Имаше дури и сугестии дека оние што биле заразени и потоа биле позитивни на антитела, може да добијат некаков „пасош“ за да ги избегнуваат забраните на карантинот.

Но ова беше малку симплифицирано. Всушност, одамна е познато дека антителата кон коронавирусот се намалуваат со текот на времето. Покрај тоа, неколку други студии веќе го истражуваа овој феномен во однос на ковид-19. Значи, студијата на РЕАКТ е корисна, но според тие заклучоци, таа всушност ги потврдува работите за кои веќе се сомневавме.

Друга работа што треба да се забележи е дека од читањето на овие резултати не треба да заклучиме дека само шест проценти од луѓето некогаш се заразиле. Некои од учесниците можеби ја имале болеста сосема во почетокот на пандемијата, ја преболеле со благи или без симптоми, а нивните антитела (доколку ги има) исчезнале до почетокот на тестирањето на РЕАКТ.

Најчестото толкување во студијата е дека самиот имунитет брзо опаѓа. Но тоа воопшто не е така очигледно, бидејќи постојат и други механизми за справување со инфекцијата: бели крвни клетки наречени Т-клетки и Б-клетки. Различни видови Т-клетки директно ја убиваат заразата и ги активираат Б-клетките за производство на антитела. Сè додека постои еден вид меморија на Т-клетките на претходните инфекции, нашите тела можат да реагираат кога повторно ќе се соочиме со истата зараза.

Во една статија за имунитетот кон ковид-19, професорот Дени Алтман од Кралскиот колеџ во Лондон забележува: „Со други коронавирусни инфекции, како што се САРС и МЕРС, претпоставката отсекогаш беше дека реакцијата на Т-клетките дава далеку потрајна заштита“. На пример, „истражувачите во Сингапур анализираа луѓе што имале САРС пред 17 години и покажаа дека Т-клетките сè уште фантастично реагираат на вирусот. Ова сугерира дека реакциите на Т-клетките може да бидат долготрајни и дека може да понудат поодреден начин да се покаже кој бил заразен, а кој не.“ Но тој додава и претпазлива забелешка: „Единствената 'квака' е тоа дека истражувачите немаат докажано дека Т-клетките сами по себе се заштитнички“.

Ако имунитетот брзо се намалуваше, ќе имаше многу повеќе докази за повторени инфекции. На крајот на краиштата, ние веруваме дека досега имало најмалку 43 милиони случаи на инфекција, низ целиот свет. Со оглед на недостатокот на тестирање на многу места во раните фази на пандемијата, вистинскиот број на заразени веројатно е далеку поголем. Сепак, имаше само неколку случаи на сомнеж за повторна зараза. Секако, засега, се чини невообичаено.

Покрај тоа, ако не постои траен имунитет на природна инфекција, каде нѐ води тоа кога станува збор за вакцините? На крајот на краиштата, карантините се само тактика на одложување да се намалат броевите на случаите сè додека не се појави вакцина (или лек). Експертите велат дека може да биде поинаку со вакцините бидејќи содржат адјуванти, кои ја засилуваат имунолошката реакција. Како и да е, ако проблемот со намалувањето на имунитетот е реален, резултатот може да биде дека вакцинациите може да треба редовно да се вршат, како на пример годишната вакцина против грип.

Во моментот, се чини, е поразумно да се претпостави дека инфекцијата предизвикува имунитет - ако не за цел живот, тогаш барем за значителен временски период. Студијата на РЕАКТ, реално, не ги решава загатките на имунитетот во однос на ковид-19. Додека некои заклучуваат дека треба едноставно да ги следиме владините правила, би било погрешно оваа студија да се користи за да се отпишат алтернативните стратегии за справување со пандемијата. Особено, тоа не ни кажува ништо повеќе за можноста за заштита на ранливите групи со истовремено дозволување сите ние другите да бидеме изложени и со тоа да се намали ширењето на вирусот - стратегијата „имунитет на стадо“.

Не треба да се обесхрабруваме во услови на бесконечни забрани во нашите животи. На еден или друг начин, ние ќе научиме да живееме со ковид-19, без разлика дали случаите ќе ги намалиме преку природен имунитет, преку вакцинација или преку двете. Дали можеме, и дали треба да живееме со последиците од постојаните блокади, во однос на економијата и слободата, е друго прашање.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе

Хрватска и Северна Македонија имаат јаки културни и историски врски и традиционално добри односи. Заради тоа, но и заради хрватското искуство со пристапните преговори, Хрватска треба да биде најдобриот пријател и бранител на нејзиниот европски пат, особено откако Северна Македонија е изложена на токсичен национализам и на неправда, нешто за што во Европската унија не смее да има место, пишува во колумна за Аутограф хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ анализирајќи ги бугарските условувања, но и предупредува дека Хрватска засега молчи..

повеќе

Дали и Грција треба да престане да ја смета бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна како вистинска окупација?, прашува поранешниот грчки министер за надворешни работи – потписник на Преспанскиот договор со Македонија, во колумна за Балканеу. Колумната ја пренесуваме во целост и со автентичните фрази.

повеќе