Сè друго е занемарено

Ковид-19 го промени начинот на кој работат научниците: глобална соработка како никогаш во историјата

Никогаш досега, велат научниците, толку многу светски истражувачи не биле толку неодложно фокусирани на една тема. Скоро сите други истражувања се прекинати.

Користејќи мемиња преполни со знамиња и воена терминологија, Трамповата администрација и нејзините кинески колеги го поставија истражувањето на коронавирусот како национален императив, поттикнувајќи муабети за трка во биотехнолошко вооружување.

Светските научници, во најголем дел, одговорија со колективно превртување очи.

„Апсолутно смешно“, рече Џонатан Хини, истражувач од универзитетот Кембриџ, кој работи на вакцина против коронавирусот.

„Работите не одат така“, рече Адријан Хил, директор на институтот Џенер од Оксфорд, еден од најголемите центри за истражување на вакцини во некоја академска институција.

Додека политичките лидери ги затворија своите граници, научниците ги избришаа своите, создавајќи глобална соработка како никогаш досега во историјата. Никогаш порано, велат истражувачите, толку многу експерти во толку многу земји не се фокусирале истовремено на една единствена тема и со таква неодложност. Речиси сите други истражувања се прекинати.

Вообичаените императиви како академскиот кредит се занемарени. Студиите сега се достапни во онлајн-базите на податоци со месеци пред да бидат објавени во списанијата. Истражувачите идентификуваа и споделија стотици секвенци од вирусниот геном. Почнати се повеќе од 200 клинички испитувања, обединувајќи ги болниците и лабораториите низ целиот свет.

„Никогаш не сум слушнал научници - вистински научници, квалитетни научници - да зборуваат од аспект на националност“, рече д-р Франческо Пероне, кој води клиничко испитување на коронавирусот во Италија. „Мојата нација, твојата нација. Мојот јазик, твојот јазик. Мојата географска локација, твојата географска локација. Ова им е толку далечно на вистинските врвни научници“.

Во едно неодамнешно утро, на пример, научниците од Универзитетот во Питсбург откриле дека ласица изложена на честички од ковид-19 добила висока температура - потенцијален напредок кон тестирањето вакцини врз животни. Во нормални околности, тие би почнале да работат на напис за академско списание.

„Но знаете што? Објавувањето трудови трае долго“, вели Пол Дупрекс, виролог што го предводи истражувањето за вакцина на универзитетот. За два часа, рече тој, преку конференциски повик на Светската здравствена организација тој ги споделил наодите со научниците од целиот свет. „Прилично е кул, нели? Си викаш прекини со срањата, во недостиг од подобар збор, и стануваш дел од едно глобално претпријатие“.

За господинот Трамп, бесрамниот „прво Америка“ претседател, д-р Дупрекс и другите американски научници ја претставуваат најголемата надеж во светот за вакцина. „Америка ќе го стори тоа!“ изјави претседателот.

Но обидот на научните истражувања да им се пришие етикета „Made in USA“ станува комплициран.

Лабораторијата на д-р Дупрекс во Питсбург соработува со Институтот Пастер во Париз и со австриската компанија за лекови „Темис биосаенс“. Конзорциумот доби средства од Коалицијата за иновации на епидемиска подготвеност, организација со седиште во Норвешка, финансирана од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс и група влади, и е во преговори со Серумскиот институт на Индија, еден од најголемите производители на вакцини во светот.

Истражувачите на вакцини во Оксфорд неодамна ги искористија резултатите од тестирањето животни што ги даде лабораторијата Роки Маунтин на Националниот институт за здравство во Монтана.

Освен тоа, францускиот центар за јавноздравствено истражување Инсерм ги спонзорира клиничките испитувања на четири лека што можат да помогнат во лекувањето пациенти со ковид-19. Во Франција се во тек тестови, со планови тоа брзо да се прошири и во другите нации.

На некој начин, справувањето со коронавирусот отсликува една медицинска заедница што долго време е меѓународна по обем. Во општата болница во Масачусетс тим лекари од Харвард ја тестираат ефикасноста на вдишаниот азотен оксид кај пациенти со коронавирус. Истражувањето се спроведува во соработка со болницата Сиџинг во Кина и пар болници во северна Италија. Лекарите во тие центри соработуваат со години.

Но коронавирусот ја распали научната заедница на начин на кој претходно не им успеало на ниедна друга епидемија или медицинска мистерија. Ова го отсликува обемот на пандемијата и фактот дека, за многу истражувачи, жариштето веќе не е некое осиромашено село во светот во развој. Тоа е нивниот роден град.

„Ова е играње на домашен терен“, рече професорот Хил од Оксфорд. Работел на вакцини за ебола, маларија и туберкулоза, болести што се најзастапени во Африка. „Но ковидот се случува токму тука“.

Неколку научници рекоа дека најблиската споредба со овој момент може да биде епидемијата на СИДА во 1990-тите, кога научниците и лекарите го здружија оружјето во борбата против болеста. Но денешната технологија и темпото на споделување информации го фрла во сенка она што беше можно пред три децении.

Медицинските научници денес немаат друг избор освен да го проучуваат коронавирусот ако сакаат воопшто да работат нешто практично. Повеќето други лабораториски истражувања се ставени во мирување поради социјалното дистанцирање, изолациите или работењето од дома.

Пандемијата ја уништува и тајноста со која се обвиени академските медицински истражувања, рече д-р Рајан Керол, професор по медицина на Харвард, кој таму е вклучен во таков процес на тестирање против коронавирусот. Едно големо, ексклузивно истражување може да доведе до грантови, промоции и титули, така што научниците често работат во тајност, сомничаво чувајќи ги податоците од потенцијалните конкуренти, рече тој.

„Способноста да соработувате заедно, да го оставите настрана вашиот личен академски напредок, се појавува токму сега, бидејќи станува збор за опстанок“, рече тој.

Еден мал доказ за отвореноста може да се најде на серверите на medRxiv и bioRxiv, две онлајн-архиви што ги споделуваат академските истражувања пред да бидат рецензирани и објавени во списанија. Архивите изобилуваат со коронавирусни истражувања од целиот свет. И покрај националистичкиот тон на кинескиот претседател, Си Џинпинг, кинеските истражувачи придонесоа во голем дел од истражувањето на коронавирусот достапно во архивата.

Иако кинеските власти првично ја прикриваа епидемијата и оттогаш ја користеа за пропагандни цели, кинеските научници на многу начини го предводеа светското истражување за коронавирусот. Една кинеска лабораторија го објави првичниот вирусен геном во јануари, откритие што претставува основа за тестовите на коронавирус низ целиот свет. А потеклото на некои од денешните најперспективни клинички испитувања води до раните кинески истражувања за болеста.

Малку делови од светот се поштедени. Минатата година, Џамал Ахмадзаде, епидемиолог на Универзитетот Урмија во Иран, предупреди дека на светот му треба систем за брзо предупредување како одговор на МЕРС, друг коронавирус. Ниту една земја не е имуна на ризикот, напиша тој. Во имејл минатата недела, додека Иран се справува со една од најтешките епидемии на коронавирусот во светот, тој напиша дека за да се победи вирусот е потребна размена на информации низ лабораториите и преку границите.

Дури и научниците што работат на други полиња надвор од заразните болести се впуштија во потфатот. Д-р Пероне, кој го надгледува италијанското клиничко испитување на имуносупресивниот лек тоцилизумаб, е специјалист за карцином. Вклучен е поради неговото искуство со клинички испитувања во Националниот институт за рак во Неапол.

Д-р Пероне вели дека пандемијата на коронавирус може да ја направи медицинската наука поенергична долго откако ќе помине вонредната состојба. Десет дена откако истражувачите го комплетираа испитувањето, обично макотрпниот процес на одобрување од владата беше завршен и лекарите почнаа да ги заведуваат пациентите, рече тој. „Ова треба да биде лекција за иднината“, рече тој.

Додека Трамп ја рекламираше американската фармацевтска моќ, а големите компании за лекови како „Фајзер“ и „Џонсон и Џонсон“ објавија дека го финансираат истражувањето за вакцина против коронавирусот, најголемите компании за лекови се фокусираат на лекови што ќе можат да ги продаваат од година во година во богатите земји, а не само во кратките кризи во центарот на светот во развој. Истражувањето за вакцина се смета за недоволно профитабилно.

На пример, кога еболата го привлече вниманието на светот во 2014 година, гигантите за лекови што бркаа вакцина претрпеа големи загуби на своите инвестиции. Првата вакцина, првично изработена од канадска владина лабораторија и сега продавана од Мерк, беше одобрена за продажба минатата година, долго време откако епидемијата избледе.

„Секако, има луѓе што се натпреваруваат. Тоа е човечки“, рече д-р Јаздан Јазданпанах, директор за заразни болести во Инсерм во Франција. „Она што е важно е да се најде решение за сите. Начинот да се постигне тоа е да се соработува“.

Њујорк тајмс

Објавено

Петок, Април 3, 2020 - 10:04

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе