Вол стрит џурнал

Ковид-19 го подели светот: додека Западот се мачи, Азија веќе го скроти вирусот

Случаите со коронавирусот повторно се зголемуваат низ цела Европа и САД, но заразите останаа на ниско ниво во повеќето азиски земји.

Додека огромните бројки новозаразени со коронавирусот ги принудуваат американските држави и европските земји да ги затвораат баровите, да отвораат монтажни болници и да ги ограничуваат собирите на мали групи луѓе, ваквите мерки стануваат далечен спомен во поголем дел од Азија, пишува Вол стрит џурнал.

Веќе со месеци, животот низ Азија, каде што првпат се појави вирусот, главно е вратен во нормала. Со мал број новозаразени, баровите и рестораните вријат од луѓе, возовите во метрото се преполни, а вратени се и концертите во живо и спортската публика.

Додека Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур и Хонг Конг од септември вкупно бележат помалку од 1.000 случаи на ден, само САД од понеделникот пријавуваат просек од над 56.000 случаи на ден, што е најголем број од почетокот на август.

Европа - каде што пролетните блокади успешно ги потиснаа заразите - сега доживува втор бран, со просек од 88.000 дневни случаи од понеделникот, повеќе од кога било досега.

Приближно една третина од светската популација живее во Источна Азија и Југоисточна Азија, но густо населениот регион сочинува помалку од една петтина од вкупно 1,1 милион смртни случаи од ковид-19 во светот. Европа и САД сочинуваат скоро половина од тоа.

„Ако можете да го контролирате вирусот, можете да вратите 95% од вашиот живот“, вели Ашиш Јха, декан на Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Браун. „Во САД и Европа, сакавме да си ги вратиме животите, затоа се однесувавме како вирусот да е под контрола. Во Азија луѓето не беа во заблуда. Тие сфатија дека можат да си го вратат животот само ако почитуваат одредени мерки на претпазливост“.

Светот, всушност, е поделен: додека азиските земји, кои во почетокот брзо се впуштија во акција да ги угасат своите жаришта, беа упорни во борбата против вирусот, растечкиот замор од пандемијата во САД и во Европа доведе до релаксирани ставови кон социјалното дистанцирање, што ги искомплицира напорите за контрола на повторните жаришта. Како што растат случаите, западните влади се борат со недостиг од тестови, а трагањето по контактите станува неефикасно. Единствената надеж животот да се врати во нормала за многумина на Запад е вакцината.

Азија, од друга страна, успеа да го потисне вирусот главно без националните карантини што пролетва ги осакатија западните економии. Тамошните влади воспоставија агресивно трагање по контакти, карантински програми за изолирање на заразените и строги правила за меѓународните патувања. Културните разлики, постојаното испраќање пораки и искуството со епидемиите на САРС и МЕРС доведоа до помасовно прифаќање на навиките како што се носење маски за лице и, на некои места, понаметлива владина интервенција.

„Индивидуалните активности ќе имаат последици врз здравјето на другите, а тоа многу се цени во повеќето азиски општества“, вели Тео Јик-Јинг, декан на Факултетот за јавно здравје на Со Сви Хок на Националниот универзитет во Сингапур. „Препораките се исти. Она што е различно е како земјите ги спроведуваа тие препораки. Азијците се подобри во прифаќањето препораки и воведувањето на потребните правила“.

Поуспешното справување со пандемијата во Азија даде подобри економски резултати. Меѓународниот монетарен фонд предвиде дека економијата на Кина ќе се прошири за 1,9% во 2020 година, што ја прави единствената голема светска економија што годинава ќе порасне во услови на пандемија. Економијата на САД се очекува да се намали за 4,3%, додека за еврозоната се предвидува да се намали за 8,3%.

Иако дневните бројки на новозаразени во Источна Азија се мали, луѓето таму сè уште носат маски и мијат раце исто или повеќе од Европејците или Американците, според неодамнешните анкети на Империјал колеџ во Лондон и Југов. Азијците, исто така, имаат поголема веројатност да се плашат од зараза, 80% од Јужнокорејците минатиот месец изјавија дека се плашат од заразување со вирусот, наспроти 58% од Американците и 45% од луѓето во Шпанија.

„Непријатно и заморно е постојано да се носи маска, дури и внатре во канцеларија, но повеќе сакам така да се жртвувам отколку да гледам експлозија на случаите како во Европа или Америка“, вели Ким Је-џо, 26-годишен канцелариски работник во Сеул. „Ние носиме маски во метро и на отворено, но која е поентата ние да ги одржуваме мали бројките ако останат забраните затоа што другите земји не можат да воспостават контрола?“

Франческо Ву, италијанско-кинески сопственик на ресторан со седиште во Милано, вели дека културата помага да се објаснат различните ставови кај народите на истокот и на западот.

„Тука сме навикнати да имаме толку многу слободи - и тоа е одлична работа“, вели г. Ву, 39, кој пораснал во Италија. „Но не сме навикнати на дисциплина, на саможртва. Ако нѐ затворат дома еден месец, стануваме немирни, не можеме повеќе да издржиме“.

Азиските влади спречија широко распространување на заразата и благодарение на првичната тактика за надзор. Во Јужна Кореја истражувачите ги пребаруваат податоците од смартфоните, евиденциите за кредитните картички и снимките од уличните камери за да ги најдат блиските контакти на заразените. Луѓето мораат да скенираат бар-кодови со својот телефон кога влегуваат во ноќни клубови, караоке-барови или киносали, за да може полесно да се следат доколку се појави жариште. Во последниве недели јужнокорејските здравствени власти ги пронајдоа сите патишта на зараза освен 20%.

Иако беа успешни, ваквите мерки предизвикаа критики поради нарушување на приватноста и не беа применети на Запад. Апликациите за доброволно следење воведени во делови од Европа, на пример, не успеаја да добијат широко распространета употреба.

Кластери на зараза се појавија низ цела Азија кога луѓето се вратија на работните места и во училиштата. Но наместо да воведуваат строги карантини, многу азиски земји ги заострија препораките за социјално растојание и го проширија тестирањето кога се зголемија заразите.

Ограничената циркулација на вирусот им овозможи на здравствените власти поефикасно да ги следат блиските контакти на носителите на вирусот и жестоко да реагираат дури и на мали жаришта. Откако беа откриени 12 случаи поврзани со болница во кинескиот град Кингдао, властите минатата недела почнаа да ги тестираат сите девет милиони жители на градот.

Кога во август во Јужна Кореја се појави голем кластер поврзан со црква и митинг, владата ги затвори спортските стадиони, забрани собирање на повеќе од 10 лица и ги принуди училиштата во областа на Сеул да се вратат на онлајн-учење. Пикот на случаите беше со 441 новозаразен во еден ден кон крајот на август, а ограничувањата оттогаш се укинаа.

Строгите правила за карантин низ цела Азија придонесоа многу. Наместо да се изолираат дома како во САД и Европа, носителите на вирусот обично се преместуваа во владини установи, дури и ако имаа благи или ако немаа симптоми. На места, вклучително Виетнам, Хонг Конг и Сингапур, блиските контакти на заразените лица исто така мораа да останат во карантин.

Во западните земји, придржувањето кон правилата за карантин е нецелосно. На пример, во Велика Британија, на луѓето со симптоми на ковид-19 и на оние што живеат со нив им се препорачува да останат дома 14 дена. Но една студија на истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон објавена минатиот месец покажа дека почитувањето на тие правила од страна на граѓаните е слабо, при што околу три четвртини од учесниците во интервјуто велат дека излегле од дома во претходните 24 часа.

Азиските земји исто така имаа многу построги ограничувања на патувањата. Од посетителите обично се бара по пристигнувањето да направат тест за вирусот. Местата како Хонг Конг, Јужна Кореја и Нов Зеланд, исто така, бараат двонеделен карантин, чие почитување владата го следи.

Во Азија-Пацифик, според извештајот на Светската туристичка организација, 61% од земјите или териториите остануваат целосно затворени за странски туристи.

Кога претходно годинава стапката на зараза се намали, европските влади брзо тргнаа во повторно отворање на границите на континентот и го охрабруваа туризмот во текот на летото. Туристите и младите беа клучни двигатели на заразите, при што вирусот масовно кружеше во баровите, ноќните клубови и дестинациите за одмор на плажа.

Благодарение на подобреното откривање, повеќето луѓе заразени летово имаа благи или никакви симптоми. Но со зголемувањето на случаите, растат и хоспитализациите и смртните случаи.

„Во Европа во текот на летото постоеше таа идеја дека треба да се одбере - економијата или јавното здравство, па дека мора многу повеќе да се отвориме за да му помогнеме на туризмот. Азија не го стори тоа“, вели Хелена Легидо-Кигли, професорка по јавно здравје на Универзитетот во Сингапур, моментално со седиште во Барселона. „Не е едното или другото: не мора да избирате помеѓу јавното здравство и економијата“.

И покрај зголемениот број заразени, многу западни жители се уморија од ограничениот социјален живот и велат дека попрво би ризикувале да се заразат со вирусот отколку да престанат да ги гледаат семејството и пријателите.

„Воопшто не се плашам од вирусот“, вели Антонио Лопез, 80-годишен жител на дом за стари лица во предградието на Барселона, кој неодамна почнал повторно да се среќава на прошетка со членовите на семејството. „Многу ми недостасуваше мојот син“.

Објавено

Среда, Октомври 21, 2020 - 22:03

Како што тргнало, на крај, кога ќе го оствариме сонот и конечно ќе влеземе во ЕУ, ќе бидеме нација X, со јазик Y, со националност Z? Кој ќе се радува на тоа?

повеќе

Зошто да не му веруваме на лидерот кој е на чело на колоната запатена кон ЕУ?

повеќе

Логиката е кога веќе се успеа со Преспанскиот договор, кога веќе отстапката е потпишана, зошто да не се направи тоа и со Бугарија.

повеќе