БИРН

Косовските пилоти фрустрирани: „Во Македонија има нула бирократија“

Бидејќи летањето мали авиони е речиси невозможно на Косово поради бирократските процедури, тамошните пилоти мораат да се обучуваат и да ги тестираат своите вештини во соседна Македонија, пишува БИРН.

Летачкиот ентузијаст Албион Идризи би сакал да пилотира мал авион на Косово, но засега тоа останува далечна цел. Сложените бирократски процедури околу цивилното воздухопловство на Косово ги принудуваат ентузијастите да ги развиваат своите вештини во соседна Македонија.

Во времето на поранешна Југославија 12 мали писти функционираа на Косово. Но ниедна од нив не е активна денес, што ги спречува идните пилоти на Косово да летаат дома - и на институциите и аеродромите во Македонија да им овозможуваат добар профит.

Како што открил БИРН, потребни се минимум три дена за да се добие дозвола за пилотирање мал авион на Косово. Во Македонија тоа може да потрае неколку минути. Земјата, исто така, има неколку писти за цивилни летови.

Како резултат на тоа, Косоварите решени да го исполнат својот сон за пилотирање мали авиони мораат своите први летови да ги остварат во македонските клубови и аеродроми.

 

За дозвола се потребни денови

Добивањето дозвола за летање мал авион на Косово содржи процедури за кои се потребни неколку дена пред Цивилното воздухопловство на Косово да даде дозвола.

Пилотите што сакаат да летаат со авион мора да имаат и дозвола да летаат дрон, меѓу другите барања. Друга главоболка е дека КФОР, меѓународните мировни сили предводени од НАТО на Косово, мора да бидат известени за сè.

Во Македонија, пак, постапката е многу едноставна. Пилотите обично веднаш добиваат известување за полетување.

Комерцијалната авијација вклучува голем број различни активности и објекти. Тие се движат од училишта за комерцијално лиценцирање до центри за параглајдерство и други воздухопловни активности, како што се користење мали авиони за прскање култури и спроведување воздушна вакцинација.

Некои пилоти ги користат летовите за фотографирање или снимање на теренот од воздух. Спортските активности на теренот вклучуваат скокање со падобрани.

Во отсуство на такви објекти, сите овие активности останале неразвиени на Косово.

 

Нула бирократија преку границата

Иако не постои лиценцирано училиште за пилоти на Косово, постои летачки клуб, Аероклубот АЕС, со седиште во Приштина, кој има пилоти, воздухопловни ентузијасти, инструктори и механика.

Но клубот нема каде да вежба на Косово, па тоа мора да го прави преку граница во Македонија. Со години се обидувало да ги премести своите активности на Косово, но поради разни фактори тоа било невозможно.

„Бидејќи не е можно да се вежба на Косово и бидејќи воздушниот простор на Косово е мал и ограничен од НАТО, ние ги преместивме нашите активности во Скопје“, вели Блерат Укај.

На блискиот аеродром Стенковец, неколку километри од границата со Косово, клубот веќе неколку години ги развива своите активности.

„Тука уживаме во добро гостопримство, бидејќи воздухопловството не познава граници. Ние сме пилоти насекаде; ние сме воздухопловни ентузијасти, па сите ние сме едно“, забележува Укај.

Аероклуб АЕС има 12 активни члена, од кои повеќето се пилоти. Има двајца инструктори плус механичар со 33 години искуство во воздухопловството. Клубот одржува два мали авиони во Стенковец.

Во македонски Стенковец, вели БИРН, летачката бирократија почнува и завршува со едноставно зелено светло од локалната кула за контрола на воздушниот сообраќај.

„Можеме да летаме во секој дел од Северна Македонија. Доволно е во кулата за контрола на летање да пријавите што ќе правите - и тие обично одобруваат“, вели Укај.

Куштрим Кадриу, друг член на клубот, се согласува дека сето тоа е многу едноставно. „Инструкторот само ја известува кулата за контрола на летањето дека би сакале да летаме во овој конкретен момент. Ние само ја информираме контролната кула дека, токму сега, сакаме да летаме, и сè е во ред“, вели тој.

„Се разбира, тие ни даваат некои инструкции за избегнување на летање низ некои деликатни области, но тоа е позната постапка и е прифатена насекаде. Инаку, сè што е потребно е да ѝ се пријавите на кулата за контрола на летови преку радио во Стенковец“, објаснува тој.

„Летовите што ги вршиме од овој аероклуб се евтини - и очигледно не ни треба дозвола од косовските цивилно-воздухопловни власти“, се согласува Адем Лимани, уште еден пилот во Аероклубот.

 „Единственото нешто што го правиме е тоа што, кога се качуваме во воздух, ја информираме кулата за контрола на летање за нашата цел и даваме детали за нашата маршрута. Ако нема дополнителна пречка, контролната кула го одобрува летот - и сето ова се случува додека се искачуваме во воздух“, додава Лимани.

Покрај аеродромот Стенковец, Македонија има уште четири спортски аеродроми достапни за употреба, во Куманово, Штип, Прилеп и Битола.

„Воздухопловството во Северна Македонија е добро развиено. Тие му придадоа големо значење бидејќи во поранешна Југославија авијацијата се сметаше за важна“, вели Лимани.

Ентузијастите од Косово би сакале еден ден да ги развиваат истите активности на Косово, под истите опуштени услови.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе