Косовската влада би можела да падне

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај најави дека дополнителната такса од 10 отсто, која косовската влада неодамна ја воведе на стоката од Србија и БиХ би можела да биде зголемена, пренесоа српските медиуми, додека косовските портали ја навестуваат можноста за пад на владата доколку опозицијата ги искористи гласовите на Српска листа за да го урне Харадинај.

Реагирајќи на одлуката на Српска листа поради едностраното зголемување на таксата на стока од Србија да се повлече од владејачката коалиција и да продолжи да дејствува како опозиција, Харадинај оцени дека таквиот став е „нивна слободна политичка волја“.

„Косовската агенда продолжува. Кажаното е направено. Што се однесува до таксата – таа може да биде зголемена“, кажа Харадинај.

Српска листа соопшти дека нејзините 10 пратеници во косовското собрание „ќе дејствуваат целосно опозициски“ и ќе го поддржат секој предлог за уривање на владата.

Тој став на Српска листа, иначе сестринска партија на Српската напредна партија на српскиот претседател Александар Вучиќ, го објасни со одлуката на косовската влада да ги зголеми давачките на увозот на стока произведена во Србија и со „нејзиниот однос кон интересите на Србите“.

„Српска листа е принудена на ваков вид политичко дејствување за да ги заштити виталните интереси на граѓаните од српска националност, кои трпат голема штета поради нелегалното дејствување на Приштина“, објасни партијата, истакнувајќи дека „Србите на Косово не можат и не сакаат да бидат заложници на неодговорните албански претставници и нивната демагошка и импулсивна борба за сопствениот политички опстанок“.

Во соопштението е најавено и дека Српска листа, ако Приштина не повлече противправни мерки, „ќе ги повика граѓаните на мирни протести“.

Коалицискиот партнер на Харадинај, Демократската партија на Косово (ДПК), возврати со порака дека „нема да ѝ дозволи“ на Српска листа да ја уценува владејачката коалиција.

„Ние не прифаќаме ничија уцена. Како коалициски партнер одлучни сме да ја водиме оваа влада до 2021 година и така и ќе направиме. Не прифаќаме уцени, особено не од Српска листа. Значи, таа не може да ја уцени ДПК“, порача лидерот на партијата и претседател на косовското собрание Кадри Весељи.

Опозициското движење Самоопределување, според косовските медиуми на албански, порача дека сака вонредни парламентарни избори, но не сака косовската влада да ја урне со помош на гласовите на пратениците на Српска листа.

Останатите опозициски албански партии сѐ уште не се изјасниле за понудата на Српска листа која ги стави на маса своите 10 гласа за со опозицијата да ја урне владата.

Медиумите на албански не ја исклучуваат можноста новонастанатата ситуација сепак лесно да го доведе во прашање опстанокот на Рамуш Харадинај на чело на извршната власт во Приштина.

Највлијателната опозициска косовска партија Демократски сојуз на Косово (ДСК) и нејзиниот лидер Иса Мустафа не ја отфрлаат можноста да ги искористат гласовите за уривање на Харадинај.

„Српската листа стана привлечен партнер за ДСК, по одлуката на опозицијата да ѝ ги понуди 10-те пратенички гласови во парламентот за уривање на актуелната власт, токму како што направи и во времето кога Мустафа беше премиер“, оценува приштински Експрес, наведувајќи дека „со тие 10 гласа опозициските партии веќе го имаат потребното мнозинство за уривање на Харадинај“.

Реагирајќи на понудата на Српска листа, косовскиот претседател Хашим Тачи оцени дека, ако падне оваа влада, „ќе следи престројување на владејачките партнери“ и друга влада.

Приштински Експрес потсетува дека ова „не е прв пат“ Тачи на Харадинај да му се заканува со разрешување и дека тоа го направи и неодамна со идејата за „корегирање на границата“ со Србија.

Таа е идеја која, користејќи го изразот „разграничување“, и на српската јавност ѝ го понуди претседателот на Србија Александар Вучиќ, како долгорочно компромисно решение на косовското прашање и услов за нормализацијата на српско-албанските односи.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе