Нудат хардвер по секоја цена

Косовците панично ја продаваат опремата за копање криптовалути

Почнувајќи од Фејсбук до Телеграм, во новите објави во онлајн криптогрупите на Балканот во последните денови доминираат обидите на разочараните Косовци да ја продадат опремата за копање – често многу под реалната цена.

EPA-EFE

„Има доста паника и тие ја продаваат или се обидуваат да ја преместат опремата во соседни земји“, вели за Гардијан  Криптокапо, крипто инвеститор и администратор на една од најголемите онлајн криптозаедници во регионот.

Оваа панична активност следи откако косовската влада на крајот на минатата година објави привремена забрана за копање криптовалути во рамки на вонредните мерки предизвикани од енергетската криза.

Биткоинот или другите криптовалути се создаваат или „копаат“ со високонапонски компјутери кои се натпреваруваат во решавање сложени математички задачи во процес кој бара голема потрошувачка на електрична енергија.

Причината за популарноста на копањето криптовалути на Косово, една од најсиромашните држави во Европа, е очигледна, пишува британскиот весник. Еден биткоин вреди над 32.000 евра, додека на Косово струјата е меѓу најевтините во Европа главно поради тоа што 90 отсто од домашното енергетско производство потекнува од согорувањето на големите резерви лигнит во таа земја.

Копањето главно се одвива на северот на земјата, каде мнозински српското население веќе повеќе од две децении одбива да плаќа сметки за струја. Бројот на луѓето кои копаат криптовалути вртоглаво скокна во последните години на Косово. Групите како Албански криптоапатери на Фејсбук или Крипто иглс на Телеграм добија илјадници нови членови, иако останува нејасно колку од нив навистина копаат криптовалути и во колкава мера.

Меѓутоа, златната доба на копање на Косово е завршена, барем за сега, а развојот на настаните на Косово укажува на едно од големите прашања во врска со иднината на биткоинот и другите дигитални валути.

Според последните пресметки на универзитетот Кембриџ со копањето биткоини на годишно ниво се трошат 125,96 терават часови струја, што е повеќе од потрошувачката на Норвешка, Аргентина, Холандија и Обединетите Арапски Емирати.

Во меѓувреме, Косовците последните денови од 2021 година ги минаа во мрак бидејќи комбинацијата од домашни и меѓународни фактори предизвика енергетска криза и доведе до рестрикции во земјата. На врвот на неодамнешната криза, поради ненадејното затворање на една од двете стари термоцентрали Косово мораше да увезе 40 отсто од енергијата од меѓународните пазари, каде цените скокнаа, а владата беше приморана на субвенции. Косовската министерка за економија Артане Ризваноли кажа дека одлуката за забрана за копање криптовалути била неизбежна додавајќи дека таа активност покрај тоа што бара голема потрошувачка на електрична енергија не е ни правно регулирана.

Косово не е осамен случај, наведува Гардијан. Минатиот септември 10 најмоќни регулатори во Кина ветија дека ќе ја сузбијат тамошната индустрија на копање криптовалути која се смета за една од најголемите во светот.

На Исланд, националната енергетска компанија Ландсвиркјун соопшти дека ќе ги изгаси потенцијалните копачи на криптовалути бидејќи и таа земја е соочена со енергетска криза.

Минатата недела влијателен одбор на американскиот Конгрес најави сослушување по повод оваа тема. Американските копачи на криптовалути се сметаат за најголеми потрошувачи на енергија, по тие во Казахстан и Русија.

Откако властите на Косово ја донесоа одлуката за забрана, полицијата и цариниците почнаа со редовни претреси, запленувајќи стотици парчиња хардвер.

Додека 60-дневната вонредна состојба е на сила, можноста за претстојната регулатива и растот на цената на струјата ја прават иднината на копањето на Косово крајно неизвесна.

„Има доста луѓе кои инвестирале во опрема за копање криптовалути и тоа не е мала инвестиција“, вели за Гардијан Криптокапо. „Луѓето дури земале кредити за да инвестираат и ова сега многу лошо влијае врз нивните животи.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе