Според главните светски експерти

Коронавирусот сè повеќе личи на пандемија, но не може да се предвиди колку луѓе ќе умрат

Додека бројот на заразените рапидно расте, научниците стравуваат дека вирусот може да се пробие низ целиот свет. Но тие сè уште не можат да предвидат колку смртни случаи може да има.

Коронавирусот од Вухан што се шири од Кина сега веројатно ќе стане пандемија што кружи низ целиот свет, велат голем број светски водечки експерти за заразни болести.

Перспективата е застрашувачка. Пандемијата (истовремена епидемија на два или повеќе континенти) може да има глобални последици, и покрај вонредните ограничувања на патувањата и карантините што сега ги воведуваат Кина и другите земји.

Научниците сè уште не знаат колку е смртоносен новиот коронавирус, така што неизвесно е колкава штета може да предизвика пандемијата. Но сите се согласуваат дека патогенот лесно се пренесува меѓу луѓето.

Вуханскиот коронавирус повеќе се шири како грип, кој е многу пренослив, отколку како неговите побавни вирусни роднини, САРС и МЕРС, открија научниците.

 „Многу, многу е пренослив и речиси сигурно ќе биде пандемија“, рече д-р Ентони С. Фаучи, директор на американскиот Национален институт за алергии и заразни болести.

„Но дали тоа ќе биде катастрофално? Не знам.“

Последниве три недели, бројот на потврдените случаи се зголеми од околу 50 во Кина на повеќе од 17.000 во најмалку 23 земји; починаа повеќе од 360 луѓе.

Но разни епидемиолошки модели проценуваат дека реалниот број на заразените е 100.000 или дури и повеќе. Иако таа експанзија не е толку брза како онаа на грипот или сипаниците, ова е огромен скок над тоа што вирусолозите го искусија кога се појавија САРС и МЕРС.

Кога САРС беше совладан во јули 2003 година, откако се ширеше цели девет месеци, беа потврдени само 8.098 случаи. МЕРС циркулира од 2012 година, но има само околу 2.500 познати случаи.

Најголемата неизвесност сега, велат експертите, е колку луѓе низ целиот свет ќе умрат. САРС уби околу 10 проценти од оние што го добија, а МЕРС сега убива околу еден од тројца.

„Шпанскиот грип“ од 1918 година уби само околу 2,5% од своите жртви - но затоа што зарази толку многу луѓе и медицинската нега тогаш беше на многу ниско ниво, од него починаа од 20 до 50 милиони.

Спротивно на тоа, мошне преносливата пандемија на Х1Н1, „свински грип“, во 2009 година уби околу 285.000, помалку од оние што обично умираат од сезонскиот грип, и имаше релативно ниска стапка на смртност, проценета на 0,02 проценти.

Стапката на морталитетот за познатите случаи на вуханскиот коронавирус е околу 2 проценти, иако таа веројатно ќе се спушти откако ќе се направат повеќе тестови и ќе се најдат повеќе поблаги случаи.

 

Малку е веројатно дека ќе се спречи ширењето

„Сè помалку веројатно е дека вирусот може да се скроти“, рече д-р Томас Р. Фридсен, поранешен директор на Центрите за контрола и превенција на болести, кој сега работи за непрофитна организација посветена на борбата против епидемиите.

„Затоа е веројатно дека тој ќе се шири, како грипот и другите организми, но сè уште не знаеме колку распространето, широко или смртоносно ќе биде тоа“.

Во раните денови на пандемијата на грип во 2009 година, „зборуваа за Армагедон во Мексико“, рече д-р Фаучи. (Овој вирус првпат се појави во области со фарми на свињи во мексиканската држава Веракруз.) „Но се покажа дека не е толку сериозен“.

Точната процена на смртноста на вирусот нема да биде можна сè додека не се направат одредени видови студии: тестови на крв за да се види колку луѓе имаат антитела, студии за домаќинствата за да се дознае колку често се инфицираат членовите на семејството и генетско секвенцирање за да се утврди дали некои видови се поопасни од другите.

Затворањето на границите за високозаразните патогени никогаш не успева целосно, велат експертите, затоа што сите граници се барем малку порозни. Како и да е, затворањето и ригорозното испитување може да го забават ширењето, што ќе купи време за развој на лекови и вакцини.

Други важни непознаници се: кој е под најголем ризик, дали кашлањето или загадените површини имаат поголема веројатност да го пренесат вирусот, колку брзо вирусот може да мутира и дали ќе исчезне кога ќе се стопли времето.

Ефектите од пандемијата веројатно ќе бидат потешки во некои земји отколку во други. Додека Соединетите Држави и другите богати земји можеби ќе можат да ги забележат првите носители и да ги стават во карантин, земјите со кревки здравствени системи нема да можат да го сторат тоа. Вирусот веќе стигна во Камбоџа, Индија, Малезија, Непал, Филипините и рурална Русија.

 „Ова многу повеќе личи на ширење на Х1Н1 отколку на САРС, и јас сум мошне вознемирен“, рече д-р Питер Пиот, директор на лондонската школа за хигиена и тропска медицина. „Дури и смртноста од 1 процент би значела 10.000 смртни случаи на секои милион луѓе“.

Другите експерти се попретпазливи.

Д-р Мајкл Рајан, шеф на вонредни реакции на Светската здравствена организација, во интервју за СТАТ њуз во саботата рече дека има „докази што сугерираат дека овој вирус сè уште може да се скроти“ и дека светот треба да „продолжи да се обидува“.

Д-р В. Јан Липкин, ловец на вируси на Мејлман школата за јавно здравје на Универзитетот Колумбија, кој е во Кина за да го советува нејзиниот Центар за контрола и превенција на болести, рече дека иако вирусот очигледно се пренесува преку обичен контакт, лабораториите сè уште заостануваат во обработката на примероците.

Но животот во Кина радикално се промени во последните две недели. Улиците се пусти, јавните настани се откажани, а граѓаните носат маски и си ги мијат рацете, рече д-р Липкин. Сето ова можеби го забави она за што лабораториските тестови навестуваа дека е експоненцијален раст на инфекцијата.

Не е јасно колку се точни тестовите направени во пренатрупаните кинески лаборатории. Од една страна, кинеските државни медиуми објавија недостиг од комплети за тестирање и тесни грла во обработката, што може да значи дека вистинскиот број е поголем.

Но д-р Липкин рече дека знае и една лабораторија што обработува по 5.000 примероци на ден, што може да даде некои погрешно позитивни резултати, надувувајќи ја бројката. „Со таа стапка вие не можете да вршите контрола на квалитетот“, рече тој.

Според анегдотите од Кина и една објавена студија од Германија, некои луѓе заразени со вуханскиот коронавирус можат да го пренесат пред да им се појават симптоми. Ова може да го отежни скринингот на границите, велат научниците.

Епидемиолошкото моделирање објавено во петокот од Европскиот центар за спречување и контрола на болести проценува дека 75 проценти од заразените лица што пристигнуваат во Европа од Кина при доаѓањето сè уште се во инкубацискиот период, и затоа не се откриени со скринингот на аеродромите, кој „лови“ треска, кашлица и тешкотии со дишењето.

Но ако термичките камери ги промашат жртвите што ја поминале инкубацијата и активно ги инфицираат другите, реалниот број на пропуштените носители може да биде поголем од 75 проценти.

Сепак, асимптоматските носители „вообичаено не се главните двигатели на епидемиите“, рече д-р Фаучи. Повеќето луѓе се разболуваат од некој за кој знаат дека е болен - на пример, член на семејството, соработник или пациент.

 

Најопасно е во Африка

Најранливата цел на вирусот е Африка, велат многу експерти. Таму работат повеќе од 1 милион иселеници Кинези, претежно на проекти за рударство, дупчење или инженеринг. Исто така, многу Африканци работат и учат во Кина и во други земји каде што го има вирусот.

Ако некој на континентот го има вирусот сега, „не сум сигурен дека се воспоставени дијагностички системи за да се открие“, рече д-р Даниел Бауш, шеф на научни програми за Американското здружение за тропска медицина и хигиена, кој ја советува СЗО за епидемии.

Јужна Африка и Сенегал веројатно би можеле да го дијагностицираат, рече тој. Нигерија и некои други земји побараа од СЗО генетски материјали и обука за дијагностичките тестови, но тоа ќе потрае.

Најмалку четири африкански земји имаат сомнителни случаи во карантин, според напис објавен во петокот во Саут Чајна морнинг пост. Тие испратија примероци во Франција, Германија, Индија и Јужна Африка за тестирање.

Во моментот, се чини дека е малку веројатно дека вирусот масовно ќе се рашири во земјите со современи и развиени здравствени системи, рече д-р Вилијам Шафнер, специјалист за превентивна медицина во Медицинскиот центар Вандербилт.

„Секој лекар во САД го има ова на ум“, рече тој. „Секој пациент со треска или респираторни проблеми ќе добие две прашања. 'Сте биле ли во Кина? Дали сте имале контакт со некој што бил?' Ако одговорот е да, тие веднаш ќе бидат изолирани.“

Ако вирусот се прошири на глобално ниво, тоа може да влијае на туризмот и трговијата и со други земји освен Кина - и ќе се зголеми алармантноста да се најдат начини да се запре вирусот и да се спречат смртни случаи.


Наесен може да има втор бран

Можно е вуханскиот коронавирус да згасне кога ќе се стопли времето. Многу вируси, како грипот, сипаниците и норовирусот, напредуваат во ладен и сув воздух. Епидемијата на САРС почна во зима, а зенитот на пренесувањето на МЕРС исто така е во зима, иако тоа може да е поврзано со преносот кај новородените камили.

Четири благи коронавируси предизвикуваат околу една четвртина од вообичаените настинки во земјата, чиј зенит исто така е во зима.

Но дури и ако епидемијата згасне во јуни, наесен може да има втор бран, како што се случува во секоја голема пандемија на грип, вклучително и оние што почнаа во 1918 и 2009 година.

Дотогаш ќе имаме при рака некакви лекови, иако ќе биде потребно строго тестирање и можеби политички притисок за да станат достапни и со пристојни цени.

Иако современите техники овозможија да се создаваат потенцијални вакцини во рок од само неколку дена, медицинската етика бара нивната безбедност и ефективност потоа да бидат внимателно тестирани на животни и на мал број здрави луѓе.

Тој аспект од процесот не може да се забрза, бидејќи може да се појават опасни несакани ефекти и затоа што на човековиот имунолошки систем му треба време за да произведе антитела, кои покажуваат дали вакцината функционира.

Дали она што се тестира во Кина ќе биде прифатливо на друго место ќе зависи од тоа колку ригорозно кинеските лекари ги спроведуваат своите клинички тестови.

„Во Бога веруваме“, рече д-р Шафнер. „Сите други мора да обезбедат податоци“.

Њујорк тајмс

Објавено

Понеделник, Февруари 3, 2020 - 11:04

Пандемијата со коронавирусот започна во време кога довербата во институциите беше на рекордно ниско ниво. 

повеќе

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе