Заразени се и голем број затворски работници

Коронавирусот пустоши по американскиот затворски систем

Коронавирусот пустоши по американскиот затворски систем и во некои затвори речиси сите затвореници се заразени што ги става управите и вработените на затворите, кои и самите се позитивни на вирусот, пред невозможна мисија за заштита на здравјето на затворската популација.

Во затворот во марион во сојузната држава Охајо е највисока стапката на зараза во американскиот затворски систем и со коронавирусот се заразени 80 отсто од вкупно 2.500 затвореници, а на вирусот се позитивни и 175 вработени.

Бројот од умрените од болеста ковид-19 е во пораст во затворите ширум земјата, а управите немаат решение бидејќи не можат да обезбедат социјално дистанцирање во преполните затвори, а соочени се и со недостиг од медицински персонал и заштитна опрема.

Во американскиот затворски систем вкупно има 2,3 милиони затвореници.

Минатата недела умре 30-годишна бремена жена од Јужна Дакота која беше во сојузен затвор од март поради обвинувања за продажба на дрога. Трудницата набрзо по доаѓањето во затворот се разболела и завршила на респиратор. Била породена со царски рез, а починала неколку недели подоцна.

Бунтови поради несоодветните услови и спората реакција на затворските управи на коронакризата избија во затвори во сојузните држави Вашингтон и Канзас.

Поради заболените вработени во затворите, управувањето со затворските епидемии е дополнително отежнато.

Во затворот Ленсинг во Каназас во четвртокот по 15 години работа отказ дал стражарот Дејвид Картер кажувајќи дека е подобро да биде без плата отколку да го ризикува своето здравје и здравјето на своето семејство.

„Не сакам да бидам поврзан со установа која е темпирана бомба“, кажа тој.

Поради разновидното управување со затворите – сојузно, државно, локални, а голем дел се и приватни, тестирањето е минимално,  уште поретко е пријавувањето на резултатите на властите.

Врз основа на јавно достапните податоци заразени се 13.436 затвореници и 5.312 вработени низ целата земја.

Но, во повеќето затвори тестирање не е спроведено, а пет сојузни држави не располагаат со никакви податоци.

Затворите се на осмото место на листата на жаришта во САД, според Њујорк тајмс. Првите две места на листата ги заземаат старечките домови и крузерите.

Затворите ги карактеризира и лошата хигиена, а голем број затвореници имаат и други заболувања.

Коронакризата во затворите за администрацијата е споредно прашање во борбата против епидемијата, а затворање на затворите е исклучено како опција.

Сојузната затворска управа која опфаќа 152.000 затвореници и 36.000 вработени пријави зараза во повеќе од половина од 122 затвори со кои управува.

И покрај тоа спроведени се помалку од 3.000 тестирања според кои 1.842 затвореници и 343 вработени се позитивни, а умреа 36 затвореници.

Еден од показателите на размерот на епидемијата во затворскиот систем е резултатот од тестирањето спроведено во затворот Трусдејл Тарнер во Тенеси со кој управува приватната фирма Корсивик.

Сите 2.725 затвореници и персонал се тестирани и на вирусот се позитивни 1.299 затвореници и 50 вработени, речиси сите се асимптоматски.

Организациите за човекови права велат дека малку е направено на тоа да се поддржи борбата против епидемијата со пуштање на слобода на оние кои се при крај со отслужувањето на казните или се осудени за ненасилни дела.

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе

Стана премногу вообичаено да се слушнат повици за брза и сериозна одмазда како одговор на недокажани престапи на говорот и мислата, велат Ноам Чомски, Џ.К. Роулинг и 150 други интелектуалци во отворено писмо до јавноста.

повеќе