Новите жаришта се по правило и социјални жаришта

Коронавирусот – болест за сиромашните?

Уште во првиот бран на пандемијата, и откако беа воведени мерките за заштита за да се ограничат личните контакти, медиумите беа полни со позитивни зборови за „новиот дигитален свет на работењето“. Бидејќи од дома, со компјутери и видеоконференции, може да се биде исто толку продуктивен како и во канцеларија. Веќе тука човек може да се праша дали е навистина така, а едно гневно писмо на читател на Франкфуртер алгемајне цајтунг ги наведе новинарите малку подобро да размислат за тоа што го пишуваат, смета Дојче веле.

EPA-EFE

Бидејќи, таквите фалења на работата од дома се лицемерство и ароганција од најлош вид: како една чистачка или чистач ќе чистат – од далечина? Како ќе се одвезува ѓубрето, или ќе се вози автобус, или камион? Како ќе се разнесуваат поштата и пратките? Ќе се седи на касата во супермаркетот или ќе се редат артиклите на рафтовите? Има милијарда такви работи и сите се лошо платени.

Работата од дома е социјална привилегија и сите оние што мислат дека најголемата катастрофа на светот е кога ќе им снема хартија во печатачот, би требало да се спуштат на земја и да погледнат каков е светот во кој вистински живееме. И што значи пандемијата за овие луѓе, кои не можат да работат од дома. Таа значи живот во страв, но дека и понатаму се мора на работа.

Токму тие луѓе се најголемите ризични групи. Кога се пишуваше за тоа дека во Британија најмногу се погодени негувателите на старите и болните, од некаква политичка коректност „се испушти“ да се каже дека тие луѓе по правило се мизерно платени и дека тоа најчесто се странци или лица со поинаква боја на кожата.

Во Јужна Америка, со нејзините многубројни населби за сиромашните, пандемијата буквално експлодираше. Бројот на заразените за само еден месец тројно се зголеми, од 690 илјади на околу три милиони заразени. Најголемите жаришта и денес се земји како Бразил.

И во САД заразата почна околу Њујорк, но веднаш се пресели во помалку богатите сојузни држави на југот. Нормално, во Тексас или Флорида живеат и супербогати, но и повеќето надничари, кои чекаат еден ден да го остварат својот „американски сон“. Бидејќи, според статистиките на бројот на починатите од ковид-19 во однос на бројот на жителите е драстично непропорционален. Имено, Афроамериканците од ковид-19умираат речиси два и пол пати почесто од белците, а во сиромашните квартови на Вашингтон дури шест пати повеќе. Жаришта на заразата се градови како Детроит и Њу Орлеанс – повторно сиромашни градови со исклучително голем број жители со темна кожа.

Иако врската со сиромаштијата се виде уште за време на првиот бран на пандемијата, уште поочигледна е во новите жаришта што се појавуваат.

Во Британија тоа е градот Лестер – познат како колепка на англискиот литературен јазик, но и град со многу голем број луѓе со емигрантско потекло. Британците со бела боја на кожата таму веќе се малцинство.

И новото жариште со 49 заболени што ја уплаши Јужна Кореја, е едно географски ограничено сиромашно предградие на Сеул.

Исто е и со новите случаи во Португалија: од 366 нови случаи, 335 се регистрирани во сиромашните предградија на Лисабон, каде што живеат градежни работници и оние од угостителскиот сектор.

Шпигел пишува дека, ако подобро се погледне, иста е приказната и во Германија. Бидејќи таму, од истата „политичка коректност“ и правилата на тајноста на личните податоци, целосно е невозможно во статистичката анализа да се поврзат случаите на зараза со приходите на пациентите. Исто така е апсолутно невозможно да се утврди дали некој е „чист“ Германец или доселеник – иако меѓу тие социјални групи има докажана значителна разлика во социјалниот и имотниот статус.

Но и без информации за приходите многу е лесно да се утврди дека новите жаришта во Германија главно се појавуваат меѓу сиромашното население.

За работниците на месната индустрија Тењес во округот Гитерсло тоа е повеќе од јасно: најголемиот дел од тие бедници се работници од Романија и Бугарија, присилени да живеат натрупани во сместувања едвај достојни за живот, по правило делејќи ги санитарните простории со колеги кои се во иста неволја. Да го погледнеме новото жариште во Баварија, во округот Ајхах-Фридеберг: и таму заразата повторно изби меѓу работници од Романија, но не е проблемот во таа балканска земја, туку во сиромашните луѓе кои дошле да заработат некое евро берејќи зеленчук и исто така да живеат натрупани во заеднички простории.

Дали дискриминација е сега да се прозиваат тие лица од странско потекло – или всушност вистинската дискриминација и ароганција е за тоа воопшто да не се зборува? И така воопшто да не се сака да им се помогне. И во досегашниот тек на пандемијата, и во Германија и во светот, е јасно дека најмногу страдаат сиромашните. Патолозите во Хамбург по обдукцијата на 80 починати од коронавирусот соопштија дека 38 отсто од нив имале прекумерна тежина или пак биле исклучително дебели.

Кавијарот не дебелее, а дебелината во денешното општество е сигурен знак дека некој има помали приходи. Тоа се луѓе кои јадат замрзната пица, пијат пиво и грицкаат чипс пред телевизорот и кои се гневни кога ќе се сетат низ што сѐ минале тој ден. И сите останати болести на ризичните групи: повишен крвен притисок и други болести на кардиоваскуларниот систем, дијабетесот... сето тоа се изразено психосоматски нарушувања, најчесто од гнев и фрустрации. Накратко, од сиромаштија.

А кога станува збор за милијардите државна помош, тие ќе заминат кај некој друг, а сиромашните повторно ќе бидат заборавени. Во неодамнешната расправа во Бундестагот за „гигантските износи“ што државата ги издвојува за да се санираат последиците на пандемијата, политичарката Гезине Леч предупреди дека до вистински сиромашните „ќе дојде малку или ништо“. Се заложи за зголемување на износот на социјалната помош, барем за време на коронакризата, но за предлогот на оваа политичарка од Левицата не се ни расправаше.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе