Короната негативно влијае врз системите и демократијата во Европа, покажа студија

Во време на корона-криза, предрасудите и ксенофобијата растат насекаде во Европа, се шират теории на заговор и опаѓа довербата во политичкиот систем. Ова е резултат на студија спроведена во осум европски земји.

Фото: ЕПА

Забрана за ноќно движење, работење од дома, затворени училишта и градинки - коронавирусот го смени нашето секојдневие. Дури со пристигнувањето на вакцините, полека се наѕира враќањето во нормалниот живот. Но кои ќе бидат долгорочните последици, особено за политиката? Прилично големи, пишува Дојче веле.

Во прилог на тоа, како што велат, зборуваат резултатите од една европска студија. Германската фондација „Амадеу Антонио“, британската добротворна фондација „Хоуп черитабл“ и шведската фондација „Експо“ спроведоа истражување и ги прашаа луѓето во осум европски земји за нивните политички ставови.

Резултатите покажуваат дека предрасудите растат насекаде во Европа, се шират теориите на заговор и опаѓа довербата во политичкиот систем. Повеќето Французи, Италијанци, Полјаци и Унгарци веруваат дека политичкиот систем во нивните земји е целосно или барем делумно нарушен. Во Германија и Шведска, третина од луѓето имаат таков став.

Предрасудите против мигрантите, муслиманите и другите групи население исто така растат. Во сите земји, околу една третина од испитаниците имаат негативна или многу негативна слика за мигрантите. Во Унгарија ваквото мислење го делат дури 60 проценти од испитаниците.

Политичката десница се обидува да ја искористи таквата ситуација, вели Џо Молхол од британската организација Хоуп черитабл:

„И покрај тоа што европската десница не успеа да ја искористи пандемијата како што очекуваше, таа успеа да воведе нова ера на теории на заговор. Многу луѓе утеха бараат во едноставни и поедноставени објаснувања за свет што наводно ја изгубил контролата“, рече тој.

Во последните месеци низ цела Европа се одржуваа протести поради карантините и против политичките елити. И насекаде, протестите беа придружени со теории на заговор. Антисемитското движење Кјуанон се прелеа од Соединетите Држави во Европа - особено Германија и Велика Британија.

Апсурдните тези за светската трговија со деца и холивудските ѕвезди, политичките елити и Евреите што го контролираат јавното мислење лесно се поврзуваат со утврдената антисемитска омраза. Авторите на студијата веруваат дека тоа е опасно затоа што тие предрасуди би можеле да опстојат и по пандемијата, вели Дојче веле.

Организаторите на студијата предупредуваат не само на промена на ставовите во Европа, туку и на последиците од тоа. Опасноста од десничарски терористички напади останува голема - низ цела Европа. Како резултат на тоа, таа од големите десни екстремистички партии и организации се поместува кон транснационалните движења, вели Џо Молхол.

„Денес десничарските активисти лесно може да се вклучат во политиката од своите софи: гледаат видеа на Јутјуб, посетуваат десничарски веб-страници, се вмрежуваат на десничарските форуми и се обидуваат на своја страна да ги придобијат 'нормалните' луѓе од мејнстрим-платформите како Фејсбук или Твитер“.

Овие кругови немаат ковано конкретни планови за напад, забележуваат авторите на студијата, но на тоа ги охрабруваат другите луѓе во своите групи и ги споделуваат своите сознанија. Граѓанскиот ангажман против оваа омраза не е лесен за покренување, бидејќи луѓето што ја шират не се достапни на едно место, туку постојано се вмрежуваат надвор од државните граници.

И покрај загриженоста, трите фондации не сакаат само мрачно да гледаат во иднината. Бидејќи, постои и причина за самодоверба. Солидарноста во многу градови и заедници е охрабрувачка: насекаде во Европа, семејства, соседи, но и странци си помагаат и се поддржуваат едни со други. Ова се трогателни примери на жртва, љубов и надеж.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе