Став на учесниците на конференција организирана од Франција

Коронакризата ја зајакна улогата на државата и би можела да ја зацврсти и ЕУ

Улогата на државата како заштитник и стратег доби на значење со кризата со пандемијата на коронавирусот, но исто така би можела да ѝ овозможи на ЕУ да ги стекне особините на федерална држава, тврдат експертите кои викендов се собраа на видео-конференција организирана од Франција.

EPA-EFE

„Сите граѓани на светот сфатија дека здравствените системи се апсолутно неопходни, дека е потребно да постои држава која мора да нѐ заштити и да се погрижи за безбедноста, солидарноста, снабдувањето со вода и храна“, објасни шпанската министерка за економија Надја Калвино на видео-конференцијата во рамки на регионалниот економски собир.

Државите поради кризата усвоија политики на буџетска поддршка, зголемувајќи го својот дефицит, додека централните банки ја поддржаа економијата над површината вбризгувајќи ликвидност и држејќи ги каматите на дното.

„Јавната потрошувачка и прашањето на ефикасноста на државата – и како суверена власт, и како држава на благосостојба, и како стратег, е централното прашање во годините кои претстојат“, вели економистот Кристијан Сенетјен.

Некои учесници на дебатата се заложија јакнењето на економската улога на државата да биде само привремено, како гувернерот на Банката на Финска Оли Рен.

Тој кажа дека е „важно европските држави да го искористат маневарскиот простор кој им е оставен (со политиката на Европската централна банка) за спроведување структурни реформи“.

Додека владите и институциите сакаат да имаат улога на заштитник, недовербата кон глобализацијата никогаш не била посилна од сега, кажа професорот по економија на Институтот за политички студии Јан Алган.

Тој смета дека „кризата на ковид-19“ означила „крај на глобализираниот капитализам“ по „триумфот во последните децении“.

Кризата ја разниша Европа, со мерки кои привремено ја сопреа слободата на движење, додека државите забрануваа извоз на медицинските маски и опремата.

„Кога почна кризата со ковид-19, се зборуваше дека Европа не е на висина на задачата. Имаше многу малку стабилизациски потези, многу малку координација. За првпат по подолго време ја видовме границата меѓу Германија и Франција“, истакна Хенрик Ендерлајн од Училиштето за владеење Херта, во Берлин.

Државите на ЕУ и нивните заеднички институции брзо го сфатија ризикот од распад на Унијата и сега работат да ја зајакнат.

На европско ниво сега „гледаме дека се појавува нешто што би го опишал како федерализам пар екселанс, односно како момент кога во време на криза настанува држава“, анализира Ендерлајн.

Во порака на таа видео-конференција, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека денес Европа „од коронакризата“ ќе излезе пообединета отколку што била пред неа.

Постапките на Европската централна банка за време на кризата во секој случај овозможија избегнување на повторување на грешките од задоцнето дејствување во страв, како при финансиската криза во 2008-2009 година.

ЕЦБ тоа можела да го направи затоа што е „единствената навистина федерална институција на европско ниво“ која ја има поддршката од повеќето, што ѝ овозможува „да дејствува на европско ниво како вистинска државна институција“, објасни Ендерлајн.

Жан Луи Жиродол, од банката Лазар, процени дека планот за опоравување од 750 милијарди евра кој сѐ уште треба да го одобрат шефовите на државите и владите на ЕУ, „покажува дека ова сега може да биде почеток на федерална Европа“.

Меѓутоа, иако преговорите за обид за постигнување компромис на 27 земји-членки за планот за опоравување се интензивираат, тие сепак се и понатаму „многу тешки“, а ставовите на земјите членки „сѐ уште се далеку едни од други“, кажа германската канцеларка Ангела Меркел.

За Фон дер Лајен „повторното придвижување на економијата и општеството ќе биде новото поглавје во нашата историја, веќе гледаме нов здив, нов елан, ново европско единство“.

„Европската комисија повеќе нема да дава само кредити, туку и директни трансфери на пари“, кажа банкарот Жиродол, и истакна дека сега е времето за вистинските потези на ЕУ, во манир на вистинска држава: и за данокот за имотот за трошење на јаглеродни горива, и за данокот на меѓународните компании – „дигиталните џинови“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Мислам дека Европа нема ни да дозволи полемика за македонскиот јазик затоа што тоа е строго научна работа. Освен нашите политичари-шупелки, никој друг не би посегнал по таа светост.

повеќе

Сега младите сакаат што е можно побрзо да ја напуштат својата земја. Тие веќе не се чувствуваат застапени и го изгубија чувството на припадност.

повеќе

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе