„Го удави рускиот претседател со лавина од љубов“

Комерсант: Путин сѐ уште не го видел Вучиќ толку полн со обожавање

За претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин „шпионскиот скандал“ очигледно остана во минатото, пишува денес московски Комерсант во текстот посветен на вчерашната средба на двајцата претседатели во Сочи.

„Така размуабетен, така просветлен и така полн со обожавање Путин сѐ уште го нема видено Вучиќ. Очигледно е дека за двајцата политичари шпионскиот скандал останал во минатото, притоа (за некого) многу дамнешно“, пишува известувачот од Кремљ Андреј Колесњиков.

Во текстот со наслов „Србинот наш насушен“ весникот додава дека Вучиќ „го удавил рускиот претседател со лавина од љубов, зборувал исклучиво на руски, иако протоколот во такви случаи не го наложува тоа“, но зборувал и за работата.

Комерсант пишува дека средбата заедно со ручекот траела околу три часа, и дека Вучиќ, излегувајќи пред новинарите „изгледал како среќен човек“, кој, како што се покажало, „немал намера тоа да го крие“.

Весникот пишува и дека „одбрани српски новинари“, кои со претседателот долетале со истиот авион, биле навидум малку (иако сепак не баш многу) разочарани што на прес-конференцијата ќе биде поставено само по едно прашање од секоја страна.

Репортерот наведува дека во разговорот со српските новинари му било кажано дека ќе се постави прашањето за шпионскиот скандал, но дека изгледа, по разговорот „такво прашање српската страна не смеела ни да постави“.

„Таквото прашање по Вучиќевата досега невидена патетика би изгледало не само непристојно, туку и неприродно“, пишува Комерсант.

Дневникот потсетува дека целата српска делегација аплаудираше кога Путин изјави дека Србија ќе биде обезбедена со гас, во секој случај, и оценува дека тие зборови ќе станат „кошмар за ТВ гледачите во Србија“, бидејќи РТС неуморно ќе ги врти без пауза.

„Од една страна, Вучиќ буквално ги туркаше разговорите за продолжување на транзитот на гас, играјќи на страна со рускиот претседател, а од друга страна даде до знаење дека Путин му дозволил да купува гас на други места, ако притреба, односно се обезбеди доколку преговорите со Украина влезат во ќор-сокак“, оценува Комерсант.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе