Би-би-си

Колку треба да бидеме загрижени поради кинескиот вирус?

Вирус претходно непознат за науката предизвикува тешка болест на белите дробови во кинескиот град Вухан, а е откриен и во уште две земји.

За три лица се знае дека починале од вирусот, кој се појави во градот во декември.

Постојат повеќе од двесте потврдени случаи на вирусот, но британските експерти проценуваат дека бројката е поблизу до 1.700, вели Би-би-си.

Кога на сцената ќе стапи нов вирус, од кој пациентите добиваат пневмонија, секогаш се јавува загриженост и здравствените власти низ целиот свет го гледаат како знак за тревога.

Но дали ова е кратка денес-е-тука-утре-ја-нема епидемија, или е првиот знак на нешто далеку поопасно?

 

Што е овој вирус?

Од пациентите беа земени вирусни примероци и беа анализирани во лабораторија.

Официјалните лица во Кина и Светската здравствена организација (СЗО) заклучија дека инфекцијата е коронавирус.

Коронавирусите се широко семејство на вируси, но само за шест (новиот би бил седми) е познато дека заразуваат луѓе.

Тешкиот акутен респираторен синдром (Сарс), кој е предизвикан од коронавирус, уби 774 од 8.098 заразени во епидемијата што изби во Кина во 2002 година.

„Силно е сеќавањето на Сарс, и од него произлегува голем страв, но ние сме многу поподготвени да се справиме со тие видови болести“, вели д-р Џоси Голдинг, од „Велкам траст“.

 

Дали е сериозно?

Коронавирусите можат да предизвикаат симптоми што се движат од блага настинка, па сè до смрт.

Овој нов вирус се чини дека е некаде во средината.

„Кога ќе видиме нов коронавирус, сакаме да знаеме колку се сериозни симптомите - ова е повеќе од симптоми на настинка и тоа е причина за загриженост, но не е толку силно како Сарс“, вели проф. Марк Волхаус од Универзитетот во Единбург.

 

Од каде потекнува?

Постојано се откриваат нови вируси.

Тие скокаат од еден вид, каде што поминале незабележано, и преминуваат кај луѓето.

„Ако ги земеме предвид појавите на епидемии во минатото, кога станува збор за нов коронавирус, тој ќе потекнува од животински резервоар“, вели професорот Џонатан Бал, виролог на Универзитетот во Нотингем.

Сарс премина кај луѓето од еден вид тропска мачка.

И блискоисточниот респираторен синдром (Мерс), кој уби 858 од заведените 2.494 случаи од моментот кога се појави во 2012 година, редовно го врши скокот од едногрбата камила.

 

Кое животно?

Штом ќе се открие животинскиот резервоар каде што вирусот обично се наоѓа, проблемот станува полесен за решавање.

Случаите беа поврзани со пазарот за морска храна на големо во Јужна Кина, во Вухан.

Но иако некои морски цицачи можат да носат коронавируси (како што е белиот кит), на пазарот има и живи диви животни, меѓу кои и кокошки, лилјаци, зајаци, змии, за кои е поверојатно дека се изворот.

 

Зошто Кина?

Професорот Вулхаус вели дека тоа е поради големината и густината на населението и блискиот контакт со животните што ги носат вирусите.

„Никој не е изненаден што следната епидемија е во Кина или во тој дел од светот“, вели тој.

 

Колку лесно се шири?

Кинеските власти велат дека имало случаи вирусот да се шири од една до друга личност.

СЗО соопшти дека верува оти имало „некаков ограничен пренос од човек на човек што се појавува при блиски контакти“.

Поголема е загриженоста за новите вируси што ги заразуваат белите дробови, бидејќи кашлицата и кивањето се многу ефикасен начин за ширење на вирусот.

Прерано е за да се знае колку луѓе би можеле да се разболат.

 

Колку брзо се шири?

За епидемијата се сметаше дека е ограничена, но откако почна во декември, пријавени се нови случаи.

Иако центарот на епидемијата е во Вухан, имаше и два случаи во Тајланд, еден во Јапонија и уште еден во Јужна Кореја. Тие луѓе неодамна се вратиле од Вухан.

Експертите велат дека би можело да има уште случаи што не се откриени.

Во извештајот на МРЦ центарот за глобална анализа на заразни болести на Империјалниот колеџ во Лондон се сугерира дека може да има повеќе од 1.700 инфекции.

„Голема е веројатноста дека епидемијата на нов коронавирус во Вухан предизвикала значително повеќе случаи на умерено или тешко респираторно заболување отколку што е во моментот пријавено“, се вели во извештајот.

Постои загриженост дека вирусот би можел да се прошири од стотиците милиони луѓе што ќе патуваат за кинеската нова година подоцна овој месец.

Сингапур и Хонг Конг ги скенираат патниците во авионите од Вухан, а американските власти во петокот почнаа со слични мерки на три главни аеродроми во Сан Франциско, Лос Анџелес и Њујорк.

 

Како реагираат кинеските власти?

Заразените лица беа изолирани и лечени за да се минимизира ризикот од ширење.

Се вршат дополнителни проверки, како што се скенирање на температурата, за да се проверат патниците.

Пазарот за морска храна беше затворен за да се исчисти и да се дезинфицира.

САД и повеќето азиски земји ги засилија проверките на патниците од Вухан, а СЗО ги предупредува болниците низ целиот свет дека е можна поширока епидемија.

 

Колку се загрижени експертите?

Д-р Голдинг вели: „Во моментот, сè додека не добиеме повеќе информации, навистина е тешко да се знае колку треба да бидеме загрижени. Сè додека немаме потврда за изворот, секогаш ќе бидеме вознемирени“.

Проф. Бол вели: „Треба да бидеме загрижени за секој вирус што за прв пат ги истражува луѓето, затоа што ја надминал првата голема бариера. Откако ќе влезе во (човечка) клетка и ќе почне да се размножува, може да почне да генерира мутации што би можеле да овозможат да се шири поефикасно и да стане поопасен.“

„Не сакате да му ја дадете таа можност на вирусот“.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе