Дојче веле

Колку е безбедна монархијата во рацете на кралот Чарлс

Првиот ден на новата работа може да биде страшен за секого. „Каде е машината за кафе? Дали шефот ќе ми биде кошмар?“, се фаќаме како си мислиме.

Фото: ЕПА

Е па само помислете како му е на 73-годишниот крал Чарлс III (и покрај наводното неоданочено милионско наследство и доживотната осигуреност дека нема да биде избркан од работа), кој тргнува по стапките на мајка си, зачекорувајќи во најзастрашувачките чевли во светот: паметните, сензибилни, добро износени штикли на покојната Елизабета Втора, пишува Дојче веле.

Новиот крал го наследува тронот од монархиња што дури и критичарите ја сметаа за вешт владетел што му служи на народот и која добро ја разбира својата специфична улога во политиката - да не се впушта во кавгите.

Елизабета Втора уживаше поддршка од 75 отсто од британското население, а нејзиниот син само 42 отсто, како што покажа истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Југов годинава.

Многу работи ќе зависат од настапот на Чарлс и неговото однесување. Кралското семејство во последно време врие од скандали.

Братот на Чарлс принцот Ендрју оваа година постигна спогодба поради наводите за сексуална експлоатација на малолетни девојчиња и горе-долу се повлече од јавниот живот. Принцот Хари во 2021 година се повлече од кралските должности и се пресели во САД со сопругата Меган Маркл, што беше проследено со семејни кавги.

Чарлс никогаш целосно не ја поправи својата репутација по разводот со Дајана Спенсер, принцезата од Велс. Таа загина во сообраќајна несреќа во 1997 година, но сè уште е исклучително популарна.

Кралевиот „просечен“ карактер

Избликот на јавна тага по смртта на кралицата би сугерирал дека монархијата е во добра состојба. Но Полин Мекларен, авторка на книгата „Кралска треска: Британската монархија во потрошувачката култура“ (Royal Fever: The British Monarchy in Consumer Culture), смета дека тоа не е толку едноставно. „Поддршката за кралицата не мора да значи и за монархијата како институција“, вели Мекларен, кој исто така е професор по маркетинг на Универзитетот Ројал Холовеј во Лондон.

Поддршката за монархијата, иако сè уште е висока, во 2012 година драстично опадна од 75 проценти на 62 проценти во 2022 година - како што откри и Југов пред неколку месеци.

Мекларен смета дека главните фактори на ризик за Чарлс се неговата просечна популарност и неговата репутација за мешање во јавни (државни) работи.

„Постојат стравувања дека Чарлс може премногу да се меша во политиката“, нагласува таа. Како принц од Велс, тој еднаш беше критикуван за серија писма што наводно ја компромитираат неговата неутралност и непристрасност.

Можеби уште поголем ризик е тоа што Чарлс, како што вели Мекларен, ќе „ја води монархијата како бел, хетеросексуален, привилегиран маж во време на растечка свест за прашањата на идентитетот и колонијалното минато“.

„Наредниот во редот за тронот е исто така бел маж, а и тој по него“, вели Мекларен, мислејќи на синот на Чарлс, принцот Вилијам, и првото дете на Вилијам, принцот Џорџ.

Има и отворени прашања за Комонвелтот и повици за отштета за неправдите од колонијалната ера, посочува Полин Мекларен.

И навистина, првото место каде што сето тоа ќе почне да се расплетува за Чарлс се 14-те земји од Комонвелтот (од поранешните 56) чиј шеф на државата сè уште е британскиот монарх. Барбадос минатата година се збогуваше со тоа и стана република, а можеби и некои други ќе го следат неговиот пример.

Премиерот на карипската островска држава Антигва и Барбуда минатата недела изјави за британскиот телевизиски канал ИТВ дека планира да одржи референдум за ова прашање во рок од три години. За сличен потег е заинтересирана и Јамајка. Теоретски тоа го поддржуваат и лидерите на Австралија и Нов Зеланд, иако ним се чини не им се брза.

Републиканците ја намирисаа својата шанса

А каква е ситуацијата во Обединетото Кралство? Една од организациите што доаѓањето на Чарлс на престолот го гледаат како потенцијална можност за постигнување на своите цели е антимонархистичката група „Република“.

„Прогласувањето нов крал е навреда за демократијата, нешто што се коси со вредностите како што се еднаквоста, одговорноста и владеењето на правото во кои веруваат повеќето од нас“, рече минатата недела претставникот на организацијата, Греам Смит.

Иако внимателно ѝ оддава почит на кралицата, „Република“ веќе извесно време се подготвува за промената на престолот, забележувајќи го трендот на опаѓање на поддршката за монархијата.

„Кралицата несомнено е најпопуларниот член на кралското семејство. Па бидејќи таа повеќе не е на тронот, кралот Чарлс нема да биде во позиција да го поправи тоа. Тој уште повеќе ќе изгуби поддршка“, процени Смит во јуни оваа година.

И покрај оптимизмот на Смит, републиканското движење во Обединетото Кралство очигледно ќе се соочи со тешка битка.

Веројатно најплодна почва ќе најде во Шкотска. Анкетата на институтот Британска иднина покажа дека само 45 отсто од шкотските гласачи ја поддржуваат монархијата. За време на прогласувањето на Чарлс III за крал, демонстрантите на улиците на Единбург, главниот град на Шкотска, го исвиркаа новиот монарх.

Во исто време, илјадници Шкоти излегоа на улиците за да ѝ оддадат почит на Елизабета, за која беше познато дека многу ја сака Шкотска. Дури владејачката Шкотска национална партија, која се залага за независност на Шкотска, јасно стави до знаење дека би го задржала британскиот монарх како шеф на државата дури и ако земјата ја напушти Велика Британија. Таа позиција не ја менуваат ниту по прогласувањето на Чарлс Трети за нов крал, потврди вицепремиерот на Шкотска Џон Свини.

Монархијата како бренд

Дали однесувањето на Чарлс III може да биде причина што ќе ја турне Шкотска, а можеби и целото Обединето Кралство, кон укинување на монархијата?

„Не, мислам дека не може“, верува Мекларен. Таа додава и дека новиот крал е свесен за ризиците и дека ќе се однесува најдобро што може.

Мекларен оценува дека кралското семејство ќе се обиде да го истакне „колективниот бренд“ промовирајќи го поширокото семејство.

„Чарлс не може сам и тој е свесен за тоа“, убедена е Полин Мекларен. Тој тесно ќе соработува со попопуларните Вилијам и Кејт, како и со својата кралица-сопруга, Камила, за да покаже дека „жените играат силни улоги“.

Мекларен смета дека почетокот на Чарлс по смртта на кралицата е добар и дека тој директно се соочил со стравовите на јавноста: „Ова сега е нешто како меден месец. Луѓето се многу емотивни“.

Републиканците како Греам Смит не треба да го потценуваат својот противник. Монархијата „е многу свесна за имиџот“ и „многу добра во приспособување“, вели Полин Мекларен, заклучувајќи: „На крајот на краиштата, монархијата е мошне софистицирана институција“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе