Не е сосема јасно, велат западните аналитичари. Официјални британски претставници велат дека речникот што Путин го користел не се вклопува во нивното сфаќање на нивото на тревога за руското нуклеарно оружје.
Некои мислат дека Путин наредил кревање од најниското ниво на тревога, „постојано“, на следното ниво погоре, „покачено“ (а над тоа се и „воена опасност“ и „целосно“), но тоа не е сигурно. Секој потег ја зголемува подготвеноста за употреба на оружје.
Сепак, многумина го протолкуваа потегот првенствено како форма на јавен сигнал, наместо да укажува на вистинска намера да се користи такво оружје, за кое Путин знае дека ќе донесе нуклеарна одмазда од страна на Западот. Секретарот за одбрана на Обединетото Кралство Бен Валас посочи дека верува оти објавата била првенствено „реторичка“.
Тоа не значи дека нема ризици и веројатно ситуацијата внимателно ќе се следи.
Дали ова беше ново предупредување?
Минатата недела Путин со посимболичен речник предупреди дека доколку другите земји се вмешаат во плановите на Русија, ќе се соочат со последици „какви што никогаш не виделе“. Тоа беше нашироко протолкувано како предупредување за НАТО да не се вклучува директно воено во Украина.
НАТО отсекогаш јасно велел дека нема да го стори тоа, знаејќи дека може да предизвика директен конфликт со Русија, кој може да ескалира во нуклеарна војна. Предупредувањето од неделата беше подиректно и јавно.
Зошто новото предупредување?
Путин рече дека овој потег е одговор на „агресивните изјави“. Во понеделникот Кремљ соопшти дека ова се однесува на изјавите на западните официјални лица, вклучително и министерката за надворешни работи на Обединетото Кралство Лиз Трус, за можни судири и конфронтации со НАТО. Западните официјални лица, исто така, веруваат дека новото предупредување дошло затоа што Путин можеби погрешно се пресметал во врска со Украина.
Можеби потценил со колкав отпор ќе се соочи на бојното поле во Украина. И потценил до каде Западот ќе се обедини во строг одговор со санкции. Му останало само да посегнува по нови опции и поостар говор.
„Ова е знак на гнев, фрустрација и разочарување“, рече неодамна еден пензиониран британски генерал, вели Би-би-си.

Американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд сугерираше дека овој говор е дел од напорите на Путин да ја оправда војната во Украина тврдејќи дека не е агресор, туку е оној што е под закана и сака да се брани.
Гледано вака, нуклеарната тревога е начин да се нагласи оваа порака до сопствениот народ. Друг начин на кој може да се гледа тоа е дека Путин е загрижен за плановите на Западот да им даде воена помош на Украинците и сака да ги предупреди да не претеруваат.
Сосема трето е дека тој е загрижен дека санкциите, на кои тој се повика во својата најава, се смислени да предизвикаат немири и да ја соборат неговата влада. Но се чини дека целокупната порака е предупредување до НАТО дека доколку се вклучи директно, настаните би можеле да ескалираат.
Кои се ризиците?
Дури и ако заканата на Путин е наменета како предупредување наместо сигнал за каква било моментална желба за употреба на оружјето, секогаш постои ризик од погрешна пресметка ако едната страна погрешно ја протолкува другата или настаните излезат од контрола.
Загрижува тоа што Путин стана изолиран и недостапен, при што малкумина од неговите советници се спремни да му ја кажат вистината. Некои стравуваат дека неговото расудување станува непредвидливо. Некои се надеваат дека ако тој отиде предалеку, другите што се подолу во синџирот на команда можеби нема да бидат подготвени да ги извршуваат наредбите. Ризиците од каков било нуклеарен конфликт можеби малку се зголемија, но сепак остануваат ниски.
Како реагира Западот?
Досега западните влади внимаваа да не ескалира дополнително ниту реториката ниту акцијата, вели Би-би-си. Војската на САД има свој сопствен статус на тревога за одбранбена готовност познат како Дефкон, а вчера прес-секретарката на Белата куќа Џен Псаки рече дека во моментов „нема причина да се менува“ нивото на нуклеарна тревога.
Британија има нуклеарно вооружени подморници на море и, исто така, веројатно нема да каже ништо јавно. Се чини дека целта е руската изјава да се третира како кревање прашина и да не се зголемуваат тензиите ако се добие впечаток дека ја сфаќаат премногу сериозно или преземаат какви било активности што би можеле да предизвикаат руски одговор.
Ова во моментов не е нуклеарна криза и не смее да стане таква, велат западните безбедносни претставници.
Дали Западот ќе знае што прави Русија?
Секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Бен Валас, изјави за Би-би-си дека Британија во моментов сè уште нема видено никаква промена во поставеноста на руското нуклеарно оружје. Тоа ќе се следи внимателно, потврдуваат разузнавачки извори.
За време на Студената војна, на Запад беше создадена огромна разузнавачка машина за следење на нуклеарниот арсенал на Москва. Беа анализирани сателитите, пресретнатите комуникации и други извори за да се бараат какви било знаци на промени во однесувањето – како што се подготовка на оружје или екипажи за бомбардери – што би значело предупредување.
Голем дел од тоа останува на место и Западот сега внимателно ќе ја следи руската активност за да открие дали ќе има некоја значајна промена во однесувањето. Засега нема никаков знак, вели Би-би-си.






