Која е причината за изборниот успех на ХДЗ?

Лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и технички премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ, чија партија е релативен победник на изборите, веќе ги објави првичните консултации за новото парламентарно мнозинство. Истовремено, Давор Бернардиќ поради изборниот пораз се повлекува од местото лидер на Социјалдемократската партија (СДП).

EPA-EFE

ХДЗ е релативниот победник на изборите одржани на 5 јули со 66 од вкупно 151 пратеник, што значи дека до потребното мнозинство од 76 пратеници за добивање на мандатот за состав на новата влада му фалат само 10 раце.

Како што на Твитер објави портпаролот на хрватската влада Марко Милиќ, Пленковиќ го објави „иницијалниот круг консултации со сите избрани претставници на националните малцинства, Хрватската народна партија и Реформистите“.

„Тие даваат јасна поддршка на новото парламентарно мнозинство и на владата на ХДЗ која ќе ја предводи Андреј Пленковиќ“, се наведува во твитот.

И еден од потпретседателите на ХДЗ Бранко Бачиќ им кажа на медиумите дека преговорите околу формирањето ново парламентарно мнозинство веќе почнале, и тоа со нивните досегашни партнери – малцинствата кои имаат осум мандати, народњаците со еден мандат и реформистите, исто така со еден мандат.

„Резултатот кој го остваривме на изборите на 5 јули ја отвора можноста за брзо да ја формираме идната владејачка коалиција, а со тоа и мандатарот и потоа, јасно, да ја составиме владата“, кажа Бачиќ.

Потписите на малцинствата обезбедени?

Реформистот Радомир Чачиќ им кажа на медиумите дека „не мисли туку дека знае“ дека претседателот на ХДЗ Пленковиќ веќе ги договорил потребни 76 потписи.

Милорад Пуповац, претседателот на советот на втората најголема партија на можната идна владејачка коалиција – Самостојната демократска српска партија (СДСС) им потврди на новинарите дека разговарал со Пленковиќ, но дека одлуката ќе ја донесе претседателството на неговата партија денес, 7 јули. На прашањето дали повторно ќе биде со Пленковиќ, Пуповац одговори:

„Очекуваме Хрватска како толерантно, отворено и напредно општество во кое ќе се почитуваат вредностите карактеристични за Хрватска, но истовремено ќе се задржат сите елементи на толерантноста и отвореноста, наспроти оние кои сакаат да ја затворат Хрватска и да ја направат нетолерантна“, кажа Пуповац.

„Тоа е она што нѐ приближи пред четири години, и сите шанси се дека ќе нѐ приближи и по тие четири години“, заклучи тој.

Дека се сретнал и разговарал со Пленковиќ на новинарите им потврди и пратеникот на италијанското малцинство Фурио Радин.

Лидерот на СДП ја презема одговорноста

Ден по парламентарните избори во Хрватска падна и првата „жртва“.

Претседателот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) Давор Бернардиќ поради изборниот пораз на коалицијата на левиот центар Рестарт, на чие чело беше СДП, се повлекува од лидерското место во партијата, соопшти по седницата на претседателството на СДП. Тој очекува внатрепартиски избори да се распишат веќе следната недела на седницата на централниот одбор на партијата.

„Анализи ќе има. Најлесно е да се каже – криво е ова, криво е она. Граѓаните одлучија. Излезноста беше каква што беше, јас никого не обвинуван туку ја преземам одговорноста. Мислам дека во овој момент тоа е најважно. СДП оди понатаму, сметајте на нас“, порача Бернардиќ.

На изборите на 5 јули коалицијата Рестарт оствари многу слаб резултат – само 41 мандат, што е за 25 мандати помалку од победникот на изборите – ХДЗ.

Десничарското татковинско движење на пејачот Мирослав Шкоро доби 15 мандати, а најголемо изненадување е изборот на коалицијата на мали леви и зелени партии Можеме која доби седум мандати.

Која е причината за ваквиот успех на ХДЗ?

Според оценката на Томислав Клаушки од 24сата, причината на успехот на ХДЗ е коронакризата, не само бидејќи епидемијата доведе до слаб одѕив на гласачите, туку и затоа што ХДЗ успеа на дел од гласачите да им се наметне како успешен борец против заразата, но и против економските последици на кризата.

„Така што ми се чини дека во последната недела од кампањата короната ги тргна на страна сите други теми и сите други актери на кампањата и ја остави ХДЗ на граѓаните да им комуницира лидерство, безбедност – сите оние пораки кои се испраќаа, а кои се филтрираат преку короната“, оценува Клаушки.

„Да имаше Хрватка нула случаи на корона, прашање е дали ХДЗ би добил олку гласови, дали короната всушност ќе беше единствената тема која ја одбележа кампањата, и дали други партии ќе можеа да добијат гласови на некои други теми како корупцијата, или глобалните теми од десницата“.

„Луѓето избраа безбедност, а Пленковиќ пред нив излезе со приказна дека тој е гарантот на финансиската и егзистенцијалната безбедност, дека неговите врски со Европа можат да ѝ ги донесат на Хрватска неопходните пари“, го објаснува успехот на ХДЗ и Пленковиќ аналитичарката на ХРТ Јасмина Поповиќ.

„Пленковиќ поентираше со тоа што следува време со кое никој кој има помалку искуство не би можел да се снајде, и дека тоа едноставно би било поразувачко за граѓаните на Хрватска. Колку е тоа точно, во тоа ќе се уверуваме од месец во месец, но во секој случај тој успеа да ја испрати таа порака и успеа да ги добие граѓаните кои сигурно се заинтересирани да не им биде полошо, ако веќе не се сигурни дека со некој може да им биде подобро“, вели Поповиќ.

Десницата оставена на страна

Успех на Пленковиќ е и тоа што, откако ја победи десницата на внатрепартиските избори во ХДЗ, успеа тврдата десница како Шкоро да не влезе во владата, вели Клаушки.

„Изгледа дека тоа е големиот успех на ХДЗ што ја остави десницата на страна и Хрватска сепак нема да биде вонбрачно дете на католичка Полска и Орбанова Унгарија. Она од што се плашам е вториот мандат на ХДЗ. ХДЗ низ историјата секогаш во вториот мандат – а сега Пленковиќ доби втор мандат – правел поголема штета, излегувал со поголеми афери, значи се однесувал побезобразно и побезобѕирно отколку во првиот мандат“, вели Клаушки.

Поповиќ очекува Хрватска во вториот мандат на Пленковиќ да биде отворена кон европските вредности, а не ексклузивност каква што заговара Татковинското движење на Мирослав Шкоро.

„Пленковиќ е во ситуација да мора да одлучи каква Хрватска тој сака. Од тоа што го зборуваше во изборната ноќ по прогласувањето на победата на ХДЗ, можеше да се сфати дека тој ги вклучува и малцинствата, дека сака Хрватска во која нема да има ексклузивни како што тоа го нудеше Татковинското движење. Тие вчера многу јасно му кажаа дека избира меѓу суверенизмот и Милорад Пуповац“, вели Поповиќ.

„Значи, пораката која дојде од нивниот штаб е дека Татковинското движење со себе го носи тој елемент на ексклузивност во општеството. А Пленковиќ кој се покажа како европски граѓанин и некој кој сака во Европа со крената глава не може да ги исклучи малцинствата“, заклучува Поповиќ.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе