Која е иранската Револуционерна гарда која Вашингтон ја прогласи за „терористичка организација“

САД во понеделникот ја ставија иранската Револуционерна гарда на листата на странски терористички групи, што, како што наведува Си-ен-ен, е случај без преседан.

Ова е првпат која било американска администрација да прогласи орган на некоја странска влада за „терористичка организација“.

Иранската Револуционерна гарда е елитното крило на иранската војска, задолжено за заштита на режимот од внатрешни и надворешни закани.

Има 150.000 луѓе и под своја контрола ја држи и полицијата Басиџ со околу 90.000 активни припадници и единицата за специјални странски операции Кудс.

Гардата е формирана на крајот на Исламската револуција во 1979 година во Иран како елитна оружена милиција, чија улога била да го заштити шиитскиот клерикален режим кој тогаш бил во зачеток, пишува Дојче веле.

Таа, како што се истакнува, претставувала важна контратежа на иранската конвенционална војска, за која многу лидери верувале дека му е лојална на протераниот шах Реза Пахлави.

Единицата првично дејствуваше како домашна сила, но набрзо се прошири откако ирачкито претседател Садам Хусеин го нападна Иран во 1980 година, кога ајатолахот Рухолах Хомеини ѝ ги препушти на гардата копнените, морнаричките и воздухопловните сили.

Некои аналитичари тврдат дека од тогаш Гардата станала држава во држава, видлива манифестација на она што обично се нарекува „длабока држава“ во други, помалку авторитарни земји.

Се наведува дека иранската Револуционерна гарда не е само најмоќната воена институција во земјата, туку има и длабоко влијание врз домашната политика и економијата, а нејзините интереси се протегаат на градежната, телекомуникациската, автомобилската и енергетската индустрија.

Улогата на Гардата е содржана во уставот и таа му одговара само на врховниот ирански лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој го поттикна формирањето на единиците Кудс, кои го носат името по арапското име за Ерусалим, оружените сили чија задача е дејствување во соседните земји од регионот.

Предводени од генералот Касем Солејмани, кој ги советуваше силите кои се бореа против Исламска држава во Ирак и Сирија во име на сирискиот претседател Башар ал Асад, Кудс всушност отворено соработуваат со Хезболах во Либан и со Хамас во Газа.

Гардата ја надгледува и иранската програма за балистички ракети и спроведе неколку тестирања. Иранските проектили можат да дофрлат до Израел, а во март 2016 лансираа балистички проектил на кој на хебрејски пишуваше „Израел мора да биде избришан“.

Има тврдења дека Револуционерната гарда има голем удел во иранската економија, како во легалните, така и во нелегалните ентитети, а командантите поседуваат недвижнини во Техеран. Групата често е обвинувана и за ангажирање во вносниот прекуграничен шверц.

Министерството за финансии на САД, наведува Си-ен-ен, во 2007 година ги означи Кудс, единицата на Револуционерната гарда задолжена за операции во странство, како поддржувачи на тероризам, опишувајќи ја како продолжена рака на Иран за спроведување на политиката на поддршка на терористички и бунтовнички групи.

Американските сојузници во регионот сметаат и дека Револуционерната гарда е голема безбедносна закана, а Бахреин и Саудиска Арабија минатата година ја додадоа Гардата на своите терористички листи. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху често зборува за воените активности на Револуционерната гарда во регионот. Најважните лидери на Гардата се наоѓаат и на листата на ЕУ на „терористички ентитети“.

Гардата е обвинувана и за потиснување на дисидентите во Иран и вклученост во мачењата и масовните кршења на човековите права. Поддржувачите на иранската влада, пак, Револуционерната гарда ја сметаат за „заштитник“ и „чувар на револуцијата“.

Културата на победништво од нашите епски и херојски денови тотално ги уназади овие општества во 20 век, вели Миљенко Јерговиќ во интервју за Бука.

повеќе

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

повеќе

Додека Бугарите се убедуваат себеси и нас дека Гоце Делчев бил Бугарин, да се потсетиме на некои од Гоцевите искажувања, кои ја одразуваат неговата големина и неговото визионерство.

повеќе