Кој е победникот а кој губитникот од договорот на САД и Германија за Северен тек 2

За време на својата проштална посета на САД германската канцеларка Ангела Меркел го постигна својот веројатно последен надворешнополитички успех, кој притоа би можел да има и негативни последици врз односите во Европската Унија, како и на Украина. Меркел ја доби поддршката од американскиот претседател Џо Бајден за контроверзниот гасовод Северен тек 2, кој рускиот гас треба директно да го носи до Германија, односно Европа, одминувајќи ја Украина.

EPA-EFE

Тоа е голем пресврт, имајќи предвид дека САД беа остро против Северен тек 2, кој и многумина во Германија го критикуваат поради геостратегиските предности кои му ги дава на рускиот претседател Владимир Путин. Парадоксално, договорот меѓу Берлин и Вашингтон, кој ѝ носи најмногу корист на Москва, настана од желбата да се поправат трансатлантските односи.

Северен тек 2 како закана за Украина

САД и Германија се клучни сојузници во НАТО, а односот претрпе за време на поранешниот претседател Доналд Трамп. Бајден и Меркел, кои со години се познаваат и соработуваат, ветија дека ќе ги зајакнат врските меѓу двете земји во иднина.

Вашингтон се плашеше дека гасоводот Северен тек 2, вреден 11 милијарди долари, за кој се очекува да биде завршен годинава, ќе ѝ наштети на Украина и ќе ја зголеми европската зависност од рускиот гас. САД сакаат Германија да најде начини за да обезбеди Русија да не може да го користи гасоводот за нанесување штета на Украина или на другите сојузници во Источна Европа. Но, и покрај сè, САД повеќе не се противат на Северен тек 2.

Што е всушност фамозниот Северен тек 2?

Тоа е гасовод кој ќе го транспортира природниот гас од Русија во Германија, почнува во Виборг во Русија и завршува во Лубмин во покраината Мекелнбург-Ворпомерн. 1.200 километри долгиот гасовод минува по дното на Балтичкото Море, а со него управува руската компанија Газпром. Северен тек 2 наскоро ќе биде завршен, се проценува дека е 98 отсто завршен.

Зависноста од рускиот гас

Северен тек 2 би можел Европа да ја направи позависна од рускиот гас. САД и претходните транзитни земји за рускиот гас, особено Украина, ја изразуваат таа загриженост. Во минатото се повторуваа споровите меѓу украинската и руската влада околу испораките на гас, а Газпром понекогаш дури и целосно ги прекинуваше испораките на Украина.

Полска и балтичките земји исто така строго го отфрлаат проектот, бидејќи ги потсетува на хегемонијата на Москва за време на Советскиот Сојуз. Руската анексија на Крим и неодамнешното затворање на опозиционерот Алексеј Навални ја засилуваат таа загриженост.

Вашингтон во минатото повеќе пати го критикуваше Северен тек 2. Американскиот Конгрес во 2019 година донесе санкции против компании и поединци вклучени во неговата изградба. Минатата година американски сенатори дури им се закануваа на вработените во траектната линија Сасниц на Реген со сериозни последици, бидејќи таа игра важна улога во градежните работи.

Бајден ја смени политиката на САД

Гневната реторика исчезна откако претседател на САД е Џо Бајден. Тој ги укина санкциите од мај до август за двете страни да имаат време за преговори. Бајден тврди дека гасоводот бил 95 отсто завршен кога тој стапил на должност. „Санкциите таму немаа смисла“, го оправда тој својот потег минатата недела. Наместо тоа, реши да соработува со Германија.

Германија и САД сега очигледно се договориле дека ќе преземат санкции против Русија ако со гасоводот се обиде да им наштети на Украина или други источноевропски земји. Меѓутоа, како тоа би требало точно да изгледа, останува нејасно.

Освен тоа, со договорот Германија се обврза да вложи 175 милиони долари во фондот за промовирање на чистата енергија во Украина. Покрај тоа, Германија сака да работи на продолжување на транзитниот договор меѓу руски Газпром и Украина, кој трае до 2024 година. Тогаш Украина би требало и понатаму да има ќар од милијардите за транзитот на рускиот гас.

Германскиот министер за надворешни работи Хеико Мас со олеснување го поздрави конструктивното решение со САД. Германија и САД сакаат да ја поддржат Украина во изградбата на „зелен енергетски сектор“ и да работат на обезбедување на транзитот на гас низ Украина во следната деценија. „Како трансатлантски партнер, цврсто сме на страната на Украина“, кажа Мас.

Полска и Украина гневни

Од друга страна, дојдоа јасни критики од Полска и Украина. Во заедничка изјава на министерствата за надворешни работи на двете земји се предупредува дека таа одлука „создала политичка, воена и енергетска закана за Украина и централна Европа“. Истовремено, тоа го зголемува потенцијалот на Русија за понатамошна дестабилизација на безбедносната ситуација во Европа. „За жал, претходните предлози за покривање на безбедносниот дефицит не може да се сметаат за доволни за ефикасно сузбивање на заканите кои ги претставува Северен тек 2“, се наведува во изјавата.

Канцеларката Меркел му се јави во средата на рускиот претседател Путин. Темата беше Северен тек 2. Меркел на Путин му објасни што е договорено со Соединетите Држави.

Во четвртокот, пак, Европската комисија, која е официјално против проектот Северен тек 2, повтори дека без очигледно кршење на законите на ЕУ е немоќна да го сопре. ЕК на новинарите не успеа како САД и Германија, само една од 27-те членки на блокот, де факто ја договараат енергетската политика за цела ЕУ.

Збунетоста на Европската комисија

„Како што знаете, како што веќе кажавме, Северен тек не е проект од заеднички европски интерес“, им кажа на медиумите Тим Мекфи, портпаролот на Комисијата за климатска и енергетска политика.

„И покрај тоа“, продолжи Мекфи, „целта на Комисијата секогаш била да обезбеди Северен тек 2, ако биде изграден, да дејствува транспарентно и недискриминаторски, со соодветен степен на регулаторен надзор и во согласност со меѓународните и европските енергетски правила“.

Тогаш, можеби обидувајќи се да ја увери самата Комисија, додаде: „Спроведувањето на енергетската политика на ЕУ е проблем на ЕУ и нејзините држави членки“.

Освен, очигледно, кога тоа е проблем на американскиот претседател Џо Бајден, германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин.

Меркел од своја страна инсистира дека Германија се залага „Украина да остане транзитна земја и енергијата да не може да се употреби за доведување на Украина во тешка ситуација“.

Сè погласни критиките во Германија

Во Германија постојат гласни критичари на овој дипломатски успех на Ангела Меркел. Така во Шпигл коментар објави Ралф Фукс, долгогодишен директор на Фондацијата Хајнрих Бел блиска до Зелените.

„Рускиот претседател победува во битката за гасоводот. Горчливо е тоа што на крајот Ангела Меркел сите своите сили ги посвети на проектот кој ја ослабува Украина и ѝ штети на климата“, смета Фукс.

„Северен тек 2 од почетокот беше геополитички проект на Владимир Путин. На Кремљ му дава одврзани раце за зголемување на политичкиот и воениот притисок врз Украина, без загрозување на тргувањето со гас со Европа. Новиот договор со Вашингтон го остава ова крило отворено“, истакнува тој.

Фукс го критикува интервенирањето на Германија во корист на Русија.

„Што е уште полошо, германската влада го одбила американскиот предлог во оперативната дозвола на гасоводот да се вклучи таканаречената клаузула на прекинувач, која подразбира прекин на снабдувањето со гас ако Кремљ преземе агресивни чекори против непослушните соседи. Имајќи ги предвид неодамнешните руски воени маневри и ревизионистичката политика на Путин, стравот од руска агресија е поприлично основан“, наведува Фукс за Шпигл.

Ако овој договор се спроведе, смета Фукс, тоа ќе биде „триумф за Путин“.

„И покрај континуираната интервенција на истокот на Украина, и покрај сите заканувачки политики, и покрај другарството со Лукашенко, и покрај масовната репресија во Русија и критиките на Европскиот парламент, Германците го продолжуваат својот билатерален проект со Русија.

Русија повеќе зависи од извозот на енергија во Европа отколку обратно. Тие го финансираат државниот буџет и обезбедуваат политичко влијание. Несфатливо е зошто Вашингтон и Берлин се откажуваат од копчето за поврзување на пуштањето во работа на Северен тек 2 со значителни отстапки на Москва“, заклучува тој.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе