Поврзан и со ЦИА и со Русија

Кој е генералот што ја освојува Либија? (ВИДЕО)

Војната во Либија повторно беснее, седум и пол години по падот на Моамер Гадафи. Силите на генералот Калифа Хафтар веќе влегуваат во Триполи, а во предградијата се водат жестоки битки. Неговата Либиска национална армија (ЛНА), сѐ уште не стигнала до центарот на Триполи, по лесното непредување низ пустината и заземањето на помалите градови јужно од либиската престолнина.

ЛНА објави дека досега изгубила 19 војници, додека меѓународно признатата влада на Фајез ал Сарај од Триполи објави дека во борбите се убиени 11 луѓе. Новата граѓанска војна меѓу спротивставените фракции се заканува на снабдувањето со нафта и гас, а би можела да предизвика и нови миграции кон Европа и да им овозможи на исламистичките екстремисти да го искористат хаосот.

ЛНА од ппочетокот на годината веќе го зазема речиси целиот југ на земјата. Во февруари ги зазема стратегиски важните нафтени полиња Шарара и Феел, кои заедно произведуваат речиси 400 илјади барели нафта на ден, според проценките на Форин полиси. Како и кога ги зазема нафтените полиња на истокот во 2016, Хафтар ги инкорпорираше локалните милиции во својата ЛНА ветувајќи им униформа и редовни плати.

Погледот на картата на Либја, всушност, доволно кажува која страна е доминантна во овој конфликт, иако концептот на контрола на териториите е многу флексибилен во Либија, со различни племиња, етнички малцинства, паравоени фракции и нестабилни сојузи. Жителите на југот на Либија главно ги дочекаа силите на Хафтар со раширени раце наместо да се борат против нив. Веројатно, како и поголемиот дел од земјата, сакаат стабилност по годините на пресметки меѓу различните фракции, во кои се вклучија и милитанти од соседните Чад и Судан, и теророт од криминалните банди кои шверцуваат емигранти од субсахарска Африка во Европа, преку Средоземјето.

Либиските, но и меѓународните државници, се шокирани од ароганцијата на Хафтар при ескалацијата, но тој веќе долго се заканува со заземање на Триполи. Исто така, многу странски сили кои на некој начин се вмешани во конфликтот во Либија или имаат некаков влог во нејзината иднина веќе подолго време ги толерираат или поттикнуваат политичките сплетки на поранешниот генерал на Гадафи. Додека Египет и Обединетите Арапаски Емирати, како и Русија, активно го поддржуваат, Франција сѐ повеќе го третира како помало зло, надевајќи се дека ќе ги покори останатите фракции и конечно ќе ја стабилизира земјата.

Хафтаровата победа и заземањето на целата земја сепак не се сигурни. Милициите од крајбрежниот град Мизрат, најголемата сила на западот на Либија кои ја поразија Исламска држава во Либија во 2016, веќе тргнаа на помош на владата во Триполи. Хафтаровата ЛНА, меѓутоа, е побројна сила, но има и стратегиска предност во скромните воздушни сили кои ги презема од старата војска на Гадафи или ги доби од арапските сојузници. Освен тоа, иако Хафтар се претставува како секуларист кој сака да ја исчисти земјата од исламистичките милитанти, меѓу неговите сили има и салафисти од движењето Мадхали, поврзано со Саудиска Арабија. Се претпоставува дека токму затоа тој се сретна со саудискиот крал Салман минатиот месец.

Хафтар во февруари се сретна и со премиерот Сарај на преговори во Абу Даби, во организација на ОН, но договор за иднината на поделената земја не беше постигнат. Најверојатно токму тогаш Хафтар се реши за воената опција за решавање на пат-позицијата.

Но кој е всушност воениот лидер кој во анархијата која владее во Либија се истакна како нејзин најверојатен владетел, или нов Гадафи, како што го нарекуваат и противниците и поддржувачите?

Калифа Хафтар е роден во 1943 година во источниот град Ајдабија, а се школкувал на воена академија од 1964 до 1966. Потоа заминал на специјална воена обука во Советскиот Сојуз и во Египет. Во 1969 бил дел од групата од 70 воени офицери кои го извршија државниот удар и го урнаа кралот Идриз и ја укинаа монархијата. На чело на пучистите, нормално, беше полковникот Моамер Гадафи. Хафтар, кој учествувал и во израелско-арапската војна во 1973, и самиот добил чин на полковник во 1980.

Војната меѓу Либија и Чад довела до личен конфликт меѓу Гадафи и Хафтар, кој траел сѐ до смртта на либискиот диктатор. Гадафи во осумдесеттите почнал инвазија во соседен Чад, за да поддржи една од спротивставените страни во граѓанската војна во таа земја. Гадафи сакал од Чад да направи сателитска земја по примерот на својата „џамахирија“ – еклектичниот политички модел кој го воспоставил во Либија, барем теоретски, бил мешавина од муслимански социјализам, арапски и африкански национализам и директна демократија кпреку народни и револуционерни одбори низ целата земја. Нормално, во пракса немало демократија, Гадафи ја имал апсолутната власт.

Либиската војска во почетокот имал успех во војната, благодарение на неслогата меѓу чадските фракции и подоброто вооружување, но во 1987 доживеала жесток пораз, главно поради поддршката во оружје на спротивставената сила од Франција и САД. Хафтар бил заробен, заедно со стотици свои војници. Гадафи тогаш во гнев се откажал од него. Наместо Либија, Хафтар и неговите војници ги спасила американска ЦИА и ги извлекла во Заир (денешно Конго). Хафтар го формирал Националниот фронт за спас на Либија и од Заир се обидел да организира пуч или бунт против Гадафи, но откако заирската влада го протерала, ЦИА на Хафтар и неговите војници им договорила добивање американски визи.

Хафтар го предводел неуспешното востание против Гадафи во 1996, по што се вратил во САД, каде до 2011 живеел во Вирџинија, соработувајќи со ЦИА и обидувајќи се да организира уривање на Гадафи. Откако во Либија во рамки на таканаречената „арапска пролет“ изби револуцијата, тој замина во Либија и им се придружи на бунтовниците. Набрзо беше поставен за командант на копнените сили и стана трет човек на бунтовничкиот сојуз.

Во 2014 Хафтар повторно прави пресврт во својата кариера и ја формира Либиската национална армија со која ги победи исламистичките милиции во Бенгази, но се врти и против парламентот во Триполи и формира сопствен во Тобрук. Бизарната ситуација со два ривалски парламенти, кои и двата тврдат дека се единствениот легитимен, се одржува до ден денес.

И додека парламентот и владата од Тобрук ги обвинува силите лојални на парламентот и владата од Триполи дека се терористи, владата од Триполи тврди дека генералот Хафтар е воен диктатор. Владата на националниот договор во Триполи од 2016 ја признаваат ОН, ЕУ и САД, но не и парламентот од Тобрук и Хафтар.

Од 2017, според медиумските извештаи, Хафтар со оружје го снабдува Русија, и тоа откако двапати се сретна со Русите: првиот пат во Москва, а потоа и на палубата на рускиот носач на авиони Адмирал Кузњецов крај брегот на Либија.

Тешко е да се каже што Хафтар планира сега. Можно е да решил да го заземе Триполи по секоја цена, а можно е на овој начин да сака да го притисне Сарај и да го натера да му се потчини. Хафтар би можел да ја реформира владата во Триполи и да постави свој премиер, а тој да стане врховен командант на националната војска, иако е можно и тој самиот да седне на челото на државата. Останува да се види дали силите лојални на Триполи, но и меѓународната заедница, ќе му го расипат планот.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе