Кој е човекот што треба да го замени Јункер на чело на ЕУ?

Германскиот европратеник Манфред Вебер вчера ја доби поддршката од партиите на десниот центар како кандидат за нов претседател на Европската комисија, кој ќе се избира следната година.

Манфред Вебер, потпретседател на баварската ЦСУ и долгогодишен член на Европскиот парламент, во кој е на чело на фракцијата на Европската народна партија (ЕПП), ќе биде „шпиценкандидатот“, односно главниот кандидат на ЕПП на изборите за Европскиот парламент следната година. Така вчера одлучија 79 отсто од делегатите на собирот на ЕПП, на кој противкандидат на Вебер му беше поранешниот фински премиер Александар Стаб.

Позицијата на „шпиценкандидат“, термин што потекнува од германската политичка практика, значи и дека Вебер би требало да биде следниот претседател на Европската комисија, под услов Европската народна партија да биде најголемата фракција во Европскиот парламент по следните избори.

Но кој е, всушност, Манфред Вебер, чија задача е Европската народна партија повторно да ја доведе на позицијата најголема фракција во Европскиот парламент, а потоа и да го преземе кормилото на следната Европска комисија?

Вебер е роден во 1972 година во јужнобаварското гратче Ротенбург ан дер Лабер, и е дипломиран инженер од Универзитетот за применети науки Фахохшуле. Во политиката влезе на изборите во 2002 година како пратеник на ЦСУ во баварскиот покраински парламент, а во 2004 година, по изборите, се префрли во Европскиот парламент. Вебер долга низа години никако не се истакнуваше во споредба со стотиците други европратеници од Европската народна партија, и сè уште има репутација на безличен конзервативен апаратчик.

Денес Вебер живее во баварското село Вилденберг, каде што израснал, 90 километри северно од Минхен. Во ЦСУ беше претседател на партиската младина, а денес е потпретседател на партијата.

Во Европскиот парламент, по неколку мандати, во 2014 година конечно дојде до позицијата лидер на фракцијата на Европската народна партија, главно бидејќи Германија во таа фракција има најголем број пратеници. Сепак, кога конечно стигна на позиција на каква-таква моќ, Вебер се покажа снаодлив во бриселските ходници и успеа да создаде разни сојузништва и, можеби уште поважно, со никого да не се замери.

Тој не се огради јасно дури ни од проблематичниот унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е близок до претседателот на ЦСУ Хорст Сихофер, и никогаш не зазеде став дека партијата Фидес на Орбан треба да биде протерана од Европската народна партија, за што, на пример, се залагаше неговиот похаризматичен конкурент за позицијата „шпиценкандидат“, Стаб. Сепак, Вебер во Европскиот парламент тактички гласаше да се покрене процес за одземање на правото на глас на Унгарија.

 

Кои се неговите политички ставови

Вебер, во меѓувреме, даде многу интервјуа, настапи во разни емисии и зборуваше за медиумите, но тешко е да се извлече барем еден негов цитат вреден за паметење.

Познат е по остриот став кон миграцијата, но протестираше против европските антиимиграциски популисти.

Во својот вчерашен говор ја истакна потребата од „строга гранична контрола“, но рече и дека Европејците треба да се чувствуваат како дома и дека ЕУ е одговорна да го обезбеди тоа чувство.

Како претседател на Европската комисија, тој рече дека ќе изврши притисок за „обврзувачки механизам за владеење на правото“, за да „ги гарантира нашите принципи во денешната Европска Унија“.

Вебер истакнува дека е голем застапник на европскиот проект и тимски играч.

Како конзервативен, тој се спротивстави на мерките за борба против дискриминацијата на Европската Унија и не ја поддржува брачната еднаквост за двојките од ист пол, вели Еуроњуз.

Вебер, исто така, ја наведе економската закана од Кина како главен проблем за напредувањето на Европската комисија и изрази противење на членството на Турција во Европската Унија.

Вебер, исто така, е познат критичар на зависноста на ЕУ од руската енергија.

Во писмо од 2016 година до германскиот министер за економија и комесарот за енергетика на ЕУ, Вебер рече дека предложениот гасовод „Северен тек 2“ ќе ги поткопа безбедносните цели на ЕУ и ќе ја зголеми зависноста од рускиот гасен гигант Газпром.

Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат на 23 и 26 мај 2019 година.

Гласачите од 27 земји (откако Велика Британија ќе го напушти блокот) ќе избираат 705 пратеници.

Сојузот на левиот центар се очекува да биде предводен од холандскиот политичар Франс Тимерманс, кој во моментов е потпретседател на Европската комисија.

Во дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот професионалните кадри треба да бидат повеќе застапени од политичките.

повеќе

Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

повеќе

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе