Кој беше Роберт Мугабе – од африкански херој до карикатура и опасен диктатор

Поранешниот претседател на Зимбабве Роберт Мугабе умре во петокот на возраст од 95 години во Сингапур, каде во последните години често беше на лекување.

Мугабе, кој владееше со јужната африканска држава речиси четири децении од стекнувањето на независноста од Британија во 1980 гпдина, беше присилен да поднесе оставка во ноември 2017 по воениот преврат.

Херојот на африканското ослободување како што го нарекуваа кога го укина речиси стогодишното владеење на белечкото малцинство, претседателот Мугабе се трансформираше во карикатура на африкански деспот кој 37 години грчевито ја држеше власта не отстапувајќи пред ништо додека земјата тонеше во хаос, сѐ до моментот кога пред нешто помалку од две години мораше да отстапи.

Клучот за разбирање на личноста на Роберт Мугабе лежи во герилската војна од 70-тите кога се прослави. Во тоа време тој беше револуционерен лик кој се бори против малцинската власт на белците за слобода на својот народ. Од таа причина многу африкански државници избегнуваа да го критикуваат дури и кога ја водеше земјата во економска провалија.

Откако Зимбабве стекна независност во 1980, поголемиот дел од светот ја остави тогашната реторика и се сврте кон други теми, но не и Мугабе. Неговите пријатели и понатаму беа истите – злиот капитализам и колонијализмот. Сите кои го критикуваа беа „предавници и продадени души“.

За економските проблеми на својата земја упорно го обвинуваше заговорот на западните земји, на чело со Британија, поранешниот колонијален господар.

Сите останати за тие проблеми го обвинуваа него, бидејќи воопшто не разбираше како функционира модерната економија и бидејќи се фокусираше на тоа како да го распредели националното богатство, наместо да се потруди да го зголеми.

Мугабе еднаш се „прослави“ со изјавата дека државата не може да банкротира, а изгледа дека таа теорија репи да ја тестира на сопствената држава која во 2008 имаше годишна инфлација од 231 милион отсто.

Кога во 2000 беше за првпат соочен со силна опозиција, ја уништи некогаш најразновидната африканска економија само за да ја задржи политичката контрола.

Тогаш ги конфискуваше белечките фарми кои беа рбетот на економијата и ги избрка инвеститорите, но во политичка смисла Мугабе ги победи своите непријатели – остана на власт и ја примени тактиката на герилско војување.

Откако таа година на референдумот за првпат доживеа изборен пораз, тој ја пушти од ланец сопствената паравојска составена од воени ветерани кои имаа поддршка од безбедносните сили, па изборната стратегија беше мешавина од насилство и убиства.

Слична шема следеше и осум години подоцна, кога Мугабе изгуби во првиот круг на претседателските избори.

Кога беше потребно, во корист на владејачката партија Зану-ПФ беа користени сите државни нивоа, од безбедносните сили, до јавниот апарат и државните медиуми.

Лидерот кој некогаш се бореше за правилото еден човек-еден глас така воведе услов гласачите да мора да го докажуваат своето живеалиште приложувајќи сметки за комуналии кои младите, невработени припадници на опозицијата главно ги немаа.

Од друга страна, едно од неспорните достигнувања на поранешниот учител кој со децении беше на власт секако беше подоброто образование. Зимбабве неодамна ја имаше најголемата писменост на населението во Африка од 90 отсто.

Покојниот политиколог Масипула Ситхоле еднаш кажа дека со подобрувањето на образованието претседателот „сам себе си го копа гробот“.

Добитниците на тие реформи станаа способни сами да ги анализираат проблемите на својата држава, а повеќето за слабата вработеност и сѐ поголемите цени ја обвинија владината корупција и лошото владеење.

Мугабе тврдеше дека се бори за сиромашното село, но поголемиот дел од земјата што ја конфискуваше заврши во рацете на неговите соработници.

Надбискупот Дезмонд Туту еднаш кажа дека долговечниот претседател на Зимбабве се претворил во архетипот на африкански диктатор од цртаните филмови.

Мугабе за време на претседателската кампања од 2002 почна да носи кошули со светли бои со испечатена сопствена фотографија, што е стилот на африканските авторитарни лидери.

Голем број жители на Зимбабве се прашуваа зошто нивниот претседател едноставно не се повлече и преостанатите години не ги помине со своето семејство.

Неговата 40 години помлада сопруга Грејс откри дека нејзиниот маж се буди секој ден во 4 часот наутро за да вежба. Мугабе имаше 73 години кога по трет пат стана татко. Тој се прикажуваше како посветен католик, а кога ќе се појавеше во некоја католичка катедрала во Хараре, целата црква беше полна со неговото обезбедување.

Религиозноста не го спречи со тогашната секретарка Грејс да добие две деца додека популарната прва сопруга, Сали од Гана, умираше од рак.

Иако Мугабе надживеа многу прогнози за паѓање од власта, сѐ поголемиот притисок во последните години беше видлив на него, делуваше уморно. Во дипломатска депеша која во 2011 ја објави Викиликс се тврдеше дека боледува од рак на простатата.

Мугабе секогаш беше човек со екстремна гордост. Често зборуваше дека ќе се повлече од власта кога неговата „револуција“ ќе биде довршена. Тоа значеше редистрибуција на белечката земја, но и личен избор на наследник кој, нормално, требаше да дојде од неговата партија Зану-ПФ.

Повеќе пати се предвидуваше дека некој во Зану-ПФ или некој од соседите на Зимбабве конечно ќе му се спротивстави на Мугабе, но тие во текот на сите години му останаа лојални.

Дидимус Мутаса, некогаш најблискиот соработник на Мугабе, кажа за Би-би-си во 2017 дека во културата на Зимбабве кралевите се заменуваат дури откако ќе умрат, а дека „Мугабе е нивниот крал“.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе