Кои се талибанците? (ВИДЕО)

Талибанците беа урнати од власта во Авганистан во 2001 година по инвазијата на коалициските сили предводени од САД, но групата по повлекувањето на странските трупи продолжи да јакне и забрзано да освојува територија.

EPA-EFE

Додека американските војници се подготвуваат целосно да го напуштат Авганистан до 11 септември, по повеќе од две децении присуство во таа земја, талибанците ги заземаат авганистанските воени бази, помалите места, селата и регионалните центри, сè повеќе разгорувајќи го стравот дека би можеле да ја урнат националната влада, пишува Би-би-си.

Талибанците влегоа во директни преговори со САД уште во 2018 година, а во февруари 2020 двете страни во Доха постигнаа мировен договор, со кој САД се обврзаа на повлекување, а талибанците на воздржување од напади врз американските сили.

Другите ветувања вклучуваа дека нема да се дозволи Ал каеда или други милитанти да дејствуваат во областите кои ги контролираат и да се продолжи со националните мировни преговори. Но, веќе следната година талибанците продолжија да ги напаѓаат авганистанските сили и цивили. Додека САД се спремаа за заминување, групата брзо оживеа и брзо напредува во целата земја.

Се појавија на почетокот на 1990-те

Талибанците, односно „ученици“ на паштунски јазик, се појавија на почетокот на 90-тите во северен Пакистан по повлекувањето на советските трупи од Авганистан. Тоа претежно паштунско движење за првпат се појави во верските собиралишта, главно платени со пари од Саудиска Арабија, во кои се проповедаше тврдокорниот сунитски ислам.

Ветувањето кое талибанците го следат во паштунските области на Пакистан и Авганистан е повторно воспоставување мир и безбедност и спроведување на нивната екстремна верзија на шеријатот или исламскиот закон.

Од југозападен Авганистан талибанците брзо го проширија своето влијание. Во септември 1995 ја заземаа провинцијата Херат, која граничи со Иран, а точно една година подоцна ја заземаа авганистанската престолнина Кабул, уривајќи го режимот на претседателот Бурханудин Рабани, еден од основачите на авганистанските муџахедини, кои се бореа против советската окупација. До 1998 талибанците имаа под контрола речиси 90 отсто од Авганистан.

Градеа патишта и ја сузбија корупцијата, но забранија телевизија и кино

Авганистанците, уморни од муџахединската власт и судирите по истерувањето на советите, генерално ги поздравија талибанците кога за првпат се појавија на сцената. Нивната рана популарност поприлично беше последица на нивниот успех во сузбивањето на корупцијата и беззаконието и изградбата на патишта и слободната трговија во областите под нивна контрола.

Но, талибанците воведоа или поддржуваа казни во согласност со своето строго толкување на шеријатското право, како јавни егзекуции на осудените убијци и прељубници и ампутации на екстремитети за осудените за кражби. Мажите мораа да пуштат брада, а жените мораа да носат бурка.

Талибанците забранија телевизија, музика и кино и не им дозволија на девојчињата постари од 10 години да посетуваат училиште. Ги обвинуваа за разни кршења на човековите права и културолошки злосторства. Еден од озлогласените примери се случи во 2001 година, кога талибанците почнаа со уништување на познатите статуи на Буда во Бамијан во централен Авганистан, и покрај негодувањето на меѓународната заедница.

Ученичката Малала Јусуфзаи

Во еден момент талибанците се заканија со дестабилизација на Пакистан од областа која ја контролираа на северозападот на земјата. Еден од најпознатите напади на пакистанските талибанци се случи во октомври 2012 година, кога ученичката Малала Јусуфзаи беше застрелана во градот Мингори.

Големата воена офанзива две години подоцна по масакрот во училиште во Пешавар поприлично го намали влијанието на талибанците во Пакистан. Најмалку три клучни личности на пакистанските талибанци беа убиени во напади со американски беспилотни летала во 2013 година, вклучувајќи го лидерот на групата Хакимула Мехсуд.

Глобалното внимание талибанците го привлекоа по терористичкиот напад на 11 септември 2001 во САД. Талибанците беа обвинетите дека обезбедиле засолниште за главните осомничени – Осама бин Ладен и неговото движење Ал каеда. Воената коалиција, предводена од САД, почна на 7 октомври 2001 напади во Авганистан, а до првата недела од декември го урна талибанскиот режим. Тогашниот лидер Мула Мохамед Омар и други лидери, вклучувајќи го Бин Ладен, избегнаа заробување и покрај една од најголемите потери во светот.

По американско-талибанскиот мировен договор од февруари 2020 изгледаше дека талибанците ја смениле тактиката и од сложени напади во градовите и воените бази преминале на бран целени убиства кои ги тероризираа авганистанските цивили.

Метите – новинари, судии, мировни активисти, жени на позиции – сугерираа дека талибанците не ја смениле својата екстремистичка идеологија, туку само стратегијата.

И покрај сериозната загриженост на авганистанските власти поради владината ранливост од талибанците без меѓународна поддршка, новиот американски претседател Џо Бајден најави во април 2021 дека сите американски сили ќе ја напуштат земјата до 11 септември – две децении по нападот врз Светскиот трговски центар во Њујорк.

85.000 борци

Откако по двете децении војна ги „избркаа“ Американците, талибанците почнаа да заземаат огромни делови од авганистанската територија, заканувајќи се дека повторно ќе ја урнат владата во Кабул по повлекувањето на странските трупи. Се смета дека сега се побројни отколку во кој било момент од 2001 навака.

Според неодамнешните проценки на НАТО, талибанците имаат околу 85.000 борци. Нивната контрола над територијата тешко се проценува, бидејќи некои области се поделени меѓу нив и владините сили, но според најновите проценки држат меѓу третина и петтина од земјата.

Напредувањето е побрзо отколку што многумина мислеа. Генералот Остин Милер, командант на мисијата на САД во Авганистан, предупреди во јуни дека земјата може да се најде во хаотична граѓанска војна. Американската разузнавачка проценка истиот месец заклучи дека авганистанската влада би можела да падне во рок од шест месеци по заминувањето на американските трупи, заклучува Би-би-си.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе